Автократот кој секогаш се дочекува на нозе

24.02.2011 11:13
Моамер Гадафи

Антивладините протести во кои досега загинаа неколку стотици лица неповратно ќе ја променат политичката слика на Либија, оценува агенцијата AP (Associated Press). Доколку Гадафи биде отстранет, како што веќе се случи со водачите од соседен Египет и Тунис, слабиот институционален систем во Либија, како и непостоењето на некаков организиран опозициски блок, го остава отворено прашањето кој би можел да го пополни вакуумот во власта.

За разлика од Египет и Тунис, чии државни институции беа „добро изградени“, но беа нагризани од корупција, во Либија не е така. Гадафи немаше официјална улога во владата, која беше организирана по т.н. систем „џамахирија“, кој се заснова на бројните Народни комитети и Народни конгреси. Тој владееше со земјата без устав, без партии и без собрание. Но, всушност, целиот тој систем беше така организиран да обезбеди моќта да остане во рацете на најдолготрајниот владетел во арапскиот свет. Иако остро ја осудуваше корупцијата која би довела до тоа ограничен број Либијци да стекнат огромно богатство, Гадафи и неговото семејство, како што се верува, стекнале огромно богатство благодарение на фактот дека Либија има најголеми резерви на нафта во цела Африка.

„Системот џамахирија на Гадафи мутираше во чист капитализам“, оценува либискиот стручњак при лондонската организација Прекугранична служба за информации, Џон Маркс. „Додека бившиот египетски претседател Хосни Мубарак ’играше тенис во Шарм ел Шеик’, Гадафи своето време го поминуваше во градење на својата база на моќ“, додава Маркс.

Ако погледнете во кој и да е дел од либиското општество, ќе видите дека постои само еден човек кој ги влече сите конци – Гадафи“, смета Маркс.

Гадафи, кој годинава наполни 69 години, на власт дојде по државниот удар со кој беше симнат кралот Идриз во 1969 г., а неговото владеење се засноваше на т.н. „Зелена книга“, во недостаток на устав. „Зелена книга“ беше збир на неговите филозофски мисли кои беа предмет на истражување на цел еден отсек на главниот либиски универзитет, а беше вгравирана и на многу згради во градовите низ Либија.

Иако значајните ресори на власта им ги додели на своите синови, тие тројца, како што оценува агенцијата AP, беа само џокеи, додека главната власт остана во рацете на Гадафи. Неговиот син, Мутасим, се наоѓаше на челото на една гранка на безбедноста, додека другиот, Хамис, го предводуваше она што аналитичарите го нарекуваат единица која ја обучија Британците. Третиот син, Сеиф ал-Ислам го претставуваше „западњачкото лице“ на режимот и беше промовиран како реформатор. Тој се наоѓаше на чело на многу младински организации.

Познат по своите ексцентричности во меѓународните кругови, Гадафи имаше телохранителки од Етиопија и болничарки од Украина, а исто така беше карактеристичен по својот стил на облекување, како и поради тоа што на своите патувања во странство го носеше својот шатор во кој престојуваше и камилите чие млеко секојдневно го пие. Сепак, меѓу Либијците го биеше глас за водач кој не се мисли многу да употреби сила.

Што се однесува до неделното предупредување на Сеиф ал-Ислам дека на земјата и’ се заканува можна граѓанска војна и дека либиската војска, која е верна на неговиот татко, не е како вооружените сили на Тунис и Египет, многумина аналитичари оценија дека тоа навестува дека Гадафи ќе се бори докрај и дека можно е да создаде ситуација како во Сомалија, каде што власта зад себе остави уништено општество.

Либискиот стручњак од Северноафриканскиот институт во рамки на Кембриџ, Саад Џебар, смета дека изјавата на синот на Гадафи значи исто што и: „Ако изгубам јас, вие ја губите земјата“.

Либиското нафтено богатство се проценува на околу 70 милијарди долари, а оваа земја-членка на ОПЕК, дневно произведува околу 1,6 милиони барели сирова нафта. Околу 80% од нејзиниот извоз оди за Европа. Наспроти тоа, Либија е позната по својот развој надминувајќи некои други големи светски производители на нафта, особено имајќи предвид дека Гадафи претежно вложуваше во оние делови од земјата во кои се наоѓаат и неговите имоти, како Триполи, додека истокот на државата остана неразвиен.

Токму на истокот дојде до најжестоките борби и немири, посебно во градот Бенгази со 700 000 жители, кој се смета за упориште на опозицијата. Бенгази посебно разви нетрпеливост кон режимот, бидејќи либиските сили убија 1200 затвореници, поголемиот дел политички, по затворските немири во 1996 г. Исто така, Гадафи со години го користеше огромното нафтено богатство за финансирање на екстремистичките движења и нивните водачи, од Абу Никала и другите палестински групи до венецуелскиот терорист Карлос Шакал и Ирската републиканска армија.

Економските реформи почнаа да добиваа облик откако Либија се откажа од развојот на оружје за масовно уништување и презеде одговорност за нападот на американскиот авион над шкотскиот град Локерби, кога во 1988 г. загинаа сите 269 патници и членови на екипажот, како и 11 луѓе на земјата. Оттогаш Триполи почна да се менува, во градот влегоа големи странски нафтени компании како британски BP, руски Газпром или Оксидентал Петролем, како и меѓународни банки. Аналитичарите сметаат дека ако Гадафи се задржи на власт и по оваа криза, влијанието на последните настани врз Либија ќе имаат долготрајно ехо.

Некои нафтени компании веќе ги повлекоа своите вработени или размислуваат целосно да се повлечат од Либија, што ќе има значајни последици по економијата во земјата. Маркс оценува дека Гадафи и претходно владеел, наспроти меѓународната изолација.

„Тој ќе биде тврд орев за меѓународната заедница. Ќе мора првин да го турнат од нозе“, оценува Маркс.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото