Гадафи - диктатор или лондонски професор?

04.04.2011 11:46
Гадафи - диктатор или лондонски професор?

Либиската револуција се одигрува малку и во Лондон – во лондонската вила на Саиф Гадафи, синот на диктаторот, сега живеат бездомници. Вредноста на вилата во отмената лондонска населба Хемпстед се проценува на 10 милиони евра, и во неа сега се наоѓаат бегалци од Триполи. Еден од нив вели: „Парите ни припаѓаат нам, на Либијците. Бараме да ни се вратат. Јас сум овде, всушност, само за да го заштитам нашиот имот“.

До неодамна Саиф Гадафи го сметаа за реформатор. На познатиот лондонски економски универзитет (LSE) тој напиша докторски труд за демократијата и граѓанското општество во северна Африка. Во меѓувреме, застана одлучно покрај татка си и го оправдува крвавото задушување на востанието.

Поради тоа што поранешниот студент се покажа како авторитарна личност оставка поднесе шефот на угледниот универзитет, бидејќи LSE ја прифати донацијата од Саиф Гадафи, која изнесуваше 2 милиони евра, и ги образоваше либиските бирократи. Соработката беше толку блиска што татко му Гадафи преку видео линк држеше говори, а доцентите му се обраќаа со „Брате Водачу“.

Ако соработувате со некој како Гадафи, тоа можете да го објасните со настојувањето позитивно да се влијае на либиските власти, што е нешто добро, и потоа да ги прифатите парите. Но се впуштате во ризикот диктаторот да се сврти против сопствениот народ, што е во природата на диктатурата, и потоа можете да се најдете во тесно“, вели политикологот Робин Симкокс.

На универзитетот не сакаа да ни дадат интервју. За поголемиот дел од студентите не е никаков проблем што универзитетот имал контакти со Либија и ги прифатил донациите.

„Градењето граѓанско општество е добра работа. Да се образоваат правниците, луѓето кои работат за граѓанското општество, е корисно за Либија“, изјави еден од нив.

„Да ги прифатеше донациите нашиот универзитет во денешнава ситуација – би било страшно. Но морате да го земете предвид тогашниот меѓународен контекст – тогаш сè уште се соработуваше со Либија“, изјави друг.

И навистина, во мигот кога LSE почна да соработува со Либија, Гадафи веќе одамна не беше аутсајдер – откако се откажа од оружјето за масовно уништување имаше контакти со тогашниот премиер Тони Блер и други државници од ЕУ. Нафтените компании како Бритиш Петролеум или Шел и индустријата на оружје склопуваа вносни зделки со него. Никој не се грижеше за човековите права.

ЕУ и САД беа толку заслепени од стратешките и економски интереси што обновувајќи ги односите со Либија не направија ништо за заштита на човековите права“, вели Том Портус од Human Rights Watch. Не беше само универзитетот LSE кој примаше донации од диктаторот. И други британски универзитети прифаќаат донации од диктаторски режими. На пример, Оскфорд минатата година доби милиони од Блискиот исток, пред сè, од Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Критичарите предупредуваат дека на тој начин овие режими си го поправаат угледот, па дури и влијаат на универзитетите.

„На некои универзитети говори држат многу гости кои го поддржуваат иранскиот режим. Секоја втора година некој од владата на Саудиска Арабија доаѓа на Оксфорд и зборува за нејзините добри страни. Донациите служат за политички цели“, вели политикологот Робин Симкокс.

Какви заклучоци ќе извлечат другите универзитети од искуствата на LSE?

Веројатно никакви.

Конкуренцијата меѓу елитните универзитети е голема и веројатно и понатаму ќе се замижува кога ќе станува збор за големи донации.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото