Патување со Македонски железници

11.05.2011 11:01
Патување со Македонски железници

Шлагворт за овој текст ми даде мојот колега Ѕвездан Георгиевски кој во една своја колумна пред неколку броја во „Глобус“, објаснувајќи за какви глупости се трошат народните пари, напиша дека во Франција возовите се движат и со брзина од преку 200 километри на час, а нашите сè уште се клацкаат како велосипед. За да се уверам, се качив на воз.

Железничка станица Скопје, недела, мојот часовник покажува 10:50, а железничкиот 15 часот. Тука застанало времето на ,,Македонските железници“. Го чекам ,,Горбачов“ - воз кој двапати дневно сообраќа на релацијата Скопје-Гевгелија и обратно. Откако делницата на автопатот Скопје-Велес е полна со дупки, до колибата патувам со воз. Тоа е идеално место за социјализација, сеир и за муабет, но хорор за патување.

На перонот почна да врне и да дува. Патниците се засолнија во една просторија која личеше на логорска чекалница. „Мисли ли некој на патниците?", почна да коментира еден горопаден мустаклија кој тргнал на риба во Ногаевци. Однекаде се појави и кондуктерот. Истиот мустаклија му дофрли: „Па, зарем вие мислите дека граѓаните се овци? Ни земате пари, а исфрлувате возови од сообраќај како ќе ви текне. До кога, бре? Бидете среќни што некој сè уште ви плаќа билет".

НЕ Е ЗА РАЗГЛЕДНИЦА

Видов дека чекањето ќе потрае, па тргнав да ја разгледам Железничката станица однатре. Погнасно место во Скопје не постои. Однадвор не изгледа ни привлечно, ни впечатливо, затоа и не ја ставаат на разгледници како Старата железничка станица. Внатре има наркомани на кои вечно им бега некој воз, па собираат пари за следниот, проститутки, бездомници, криминалци, шверцери...

Конечно, возот дојде. Мојата маршрута е Скопје-Рајко Жинзифов преку Лисиче, Драчево, Јане Сандански, Зелениково, Кадина Река и Пчиња. Понатаму возот оди за Велес, Згрополци, Ногаевци, Градско, Стоби, Криволак, Неготино, Дуброво, Демир Капија 1, 2 и 3, Удово, Миравци, Смоквица 1 и 2, Прдејци и Гевгелија. По обратен ред возот се враќа назад.

Станицата Рајко Жинзифов е изградена уште во Кралството Југославија, тогаш се викала Слп, според истоименото блиското велешко село. Се гледа дека тоа некогаш била убава зграда. Сега е стара куќарка.

Шефот на станицата, кој воедно е и отправник на возовите, користи само една канцеларија којашто не е варосана со децении. Убавите простории на катот и поткровјето се пред уривање, а железничарите во пензија, стечајците од „Македонски железници“, и оние кои добиле отказ, другите делови од овој некогаш репрезентативен објект ги претвориле во станбен простор или таму чуваат овци и говеда. Сè на сè - грда слика. Погрда е само железничката станица Пчиња која селаните ја срушиле до темел и од тој материјал направиле трла покрај пругата, па сега возот и по дожд и по снег го чекаат на ливадата. Наоколу има смет и депонии, часовникот со години покажува едно исто време, 8:45, и еднаш во денот е сосем точен.

На враќање повторно врне и дува. Легнав на клупата во чекалницата на железничката станица Рајко Жинзифов да го чекам возот за Скопје. Чекалницата не е варосана најмалку половина век, на ѕидовите забележувам графити уште од седумдесеттите години, мириса на влага, а од инвентарот има само една клупа и товарна вага со ознаки на ,,Југословенската кралска железница“.

ВОЗ ЗА СЕИР

До мене дојде некој Стојче кој водеше магаре. Го прашав: „Каде ќе патуваш?". Вели: „За Велес". „А магарето?", а Стојче ми одговара: „И тоа ќе оди со мене ако го пуштат во возот". „А ако не го пуштат?". Ми објасни дека обично го пуштаат во поштенскиот вагон, а ако не, рече: „Ќе го врзам тука на железничката станица, па нека ме чека до утре".

Јас чекав да дојде прилепскиот или гевгелискиот воз. Двата тргнале од појдовните станици уште рано напладне, а сега е вечер. Просечната брзина на македонските возови е 30-35 километри на час, како да патувате со велосипед. Се собраа уште два-тројца патници кои имаат викендички во близина на селото Слп и возот им е единственото превозно средство. Почнавме муабет во кој воз да се качиме, бидејќи двата попат доцнеле речиси цел час, па се бркале во растојание од пет минути. Одлуката падна да се возиме со гевгелискиот, бидејќи во недела навечер е посеир.

Конечно пристигна нашиот прекрасен воз кој ќе нè однесе дома во Скопје. Заедно со другите патници и јас се туркав за да влезам. Имав впечаток дека возот доаѓа којзнае од каде. Беше преполн. Луѓето стоеја по ходниците, се буткаа, се газеа со извалканите чевли на кои се гледаа траги од кал.

Возот беше полн со студенти, средношколци и стечајци кои викендот го поминале во провинција или во родните села. Тоа се гледаше и по патните торби и големи картонски кутии приврзани со некакви сиџимки од кои ѕиркаа млад кромид и лукче, тегли со туршија завиткани во весник, праз, компир, ориз, грав, а од едната повремено се слушаше и кокодакање на некакви пилиња.... Сите беа среќни што се враќаат во метрополата за да продолжат со стекнување на академското знаење, да поработат до петок и да уживаат во проектот ,,Скопје 2014“.

Општата социјализација и веселото расположение го подгреваа и четири-пет рибари и двајца ловџии кои заедно со загарите стоеја во ходникот. Атмосферата беше единствена и оригинална. Патот од Рајко Жинзифов до Скопје (растојнието е неполни 40 километри) трае точно еден час. Јас го доживеав како да сум во кино и да го гледам ,,Балкан експрес“.

ПРОДАВАМ РАКИЈА

Стоевме во ходникот во кој одвај се дишеше поради тешката смрдеа која доаѓаше од ВЦ-то. Сеирџиите ми објаснија дека е тоа така затоа што во него никогаш нема вода. Сакав да проверам и се обидов да ги измијам рацете. Излегов уште поизвалкан, па констатирав: „Нема вода". Ми се изнасмеаја: „Што се замислуваш, кај си? Во Франција?". Среде ходникот стоеше некаков четвртест куп прекриен со дотраена војничка церада. Сите зјапаа во него, но никој не прашуваше што е тоа. Јас испаднав најхрабар и прашав: „Што е, бре, ова?". Во гужвата не можев да видам кој ми одговори, но слушнав: „Ракија". Се загледав преку церадата и се обидов да избројам колку пластични канти од по 25 литри има под церадата. Реков: „Тука има повеќе од 150 литри ракија". Некој ме исправи: „Точно 225 литри". Открив дека сопственикот на ракијата е едно голобрадо момче од Дисан. Го прашав: „Кај ќе ја носиш ракијата?", а тоа ми одговори: „Во ’Стив’ (Тоа е студентскиот дом „Стив Наумов“). Некој од масата дофрли: „Еј, јас сум видел дека во ‘Стив’ на врата има залепено огласи: ‘Продавам ракија, вино, грозје, јајца, прасиња’...“

Клацкајќи се до Скопје, Дејан од Дисан ми објасни дека, продавајќи ја ракијата во Студентскиот дом, ги подмирува трошоците за студии. Студира агрономија и планира со татко му да направи своја винарија, да одгледува лозови насади, да одбере добри сорти грозје... Умно момче. Секој викенд продава по 200-300 литри ракија. Го запрашав кому му ја продава, а тој вели: „На кафеаните". „Па тие - велам - сакаат жолта". „А бе, тоа ли е проблем? Со една лажица прегорен шеќер пожолтуваат 20 литри ракија".

Конечно, низ гужвата се појави и кондуктерот. Претходно го видов во едно празно купе како цело време мирно грицка семки.

СТРАТЕГИЈА ЗА БАКШИШ

Стратегијата е „билетите" да се „наплатуваат" при крајот од возењето. Речиси никој не сакаше да плати билет. Почна колективна забава која траеше до Скопје. Сите инсистираа да му дадат само бакшиш „за пиво" на кондуктерот. Бев вчудовиден, затоа што билетот до Велес чини само 60 денари. Еден апсолвент, кој очигледно никогаш не платил билет, ме подучи: „Немој да вадиш карта, ајле (на кавадаречки значи многу), ќе го налутеш". Еден по еден почнаа да преговараат со кондуктерот колку да му дадат бакшиш за пиво. Го мамеа дека патуваат од блиското село или дека само што се качиле во возот, па не е фер да плаќаат „карта“ од Гевгелија. Дојде редот и на мене. „Ти, од каде патуваш?". И јас излажав, „украдов" една станица и пружајќи му 30 денари, реков: „Од Кадина". Чесен некој кондуктер, ја почитува сиромаштијата и ми врати кусур 10 денари, затоа што редовен повратен билет на релација Кадина-Скопје чини 60 денари.

Кај нас возот е превозно средство за најниската социјална категорија, која на кондуктерот наместо билет му дава бакшиш да се напие пиво, а тој само на една релација „пие" 500 „пива". Колку што можев да пребројам таа вечер, најмалку 300 патници се возеа без билет, само со бакшиш.

Уште неколкупати се возев со воз. Еднаш дури машиновозачот Љубе Ивановски ме пушти во кабината, па сè до Рајко му правев друштво и слатко се изнаприкажавме за возовите и за кондуктерите кои имаат многу помалку бодови од машиновозачите, а возат луксузни коли и имаат убави куќи. Клацкајќи се така со просечна брзина од 35-40 килоемтри на час, Љубе долго ми раскажуваше за проблемите во Македонски железници, за потреба од нејзината трасформација, за обидите приватници да купаат вагони и локомотиви и да се вклучат во железничкиот сообраќај, но дека никој не сака да инвестира во патничкиот туку само во товарниот превоз, и дека на еден машиновозач доаѓаат по дваесетина чиновници кои треба да се избркаат од работа.

Единственото решение да се поправи состојбата во „Македонски железници“ се странски или домашни инвестиции во железничката инфраструктура, обнова на возниот парк и трансформација на ова јавно претпријатие.

Владата во 2009 година најавуваше дека ќе потроши 80 милиони евра за инвестиции во патната, железничката и во енергетската инфраструктура. Исто така ветуваше и големи вложувања во товарниот железнички сообраќај, како и тоа дека со кредит од Светска банка ќе бидат купени 100 нови вагони.

Експертите сметаат дека лекот за „Македонски железници“ е во делумната приватизација на железничкиот сообраќај со што ќе се либерализира превозот на стока и патници. Владата предложи законот за железнички систем, со кој на приватните компании ќе им се овозможи да закупат дел од инфраструктурата на македонските железници, односно одредени железнички линии и на нив со свои возови да превезуваат стока и патници. Целата процедура околу либерализацијата на железничкиот сообраќај би требало да ја спроведува новоформираната Агенција за регулирање на пазарот на железнички услуги.

Но, засега, практично не се јави ни една компанија како заинтересирана за вршење на железнички транспорт. Од Министерството за транспорт и врски и од Агенцијата велат дека ќе им излезат во пресрет на сите компании кои сакаат да се занимаваат со железничкиот транспорт.

Основните услови се компанијата која сака да се занимава со железнички транспорт да има свои транспортни средства - локомотиви и вагони, да обезбеди сопствен персонал машиновозачи кои имаат лиценца за железнички превоз и да склучи договор со секторот Инфраструктура на македонски железници за користење на пругите и другата инфраструктура.

Најексплоатираниот железнички коридор е Коридорот 10 кој ја поврзува Македонија со земјите на ЕУ и со Солунското пристаниште во Грција.
Во земјите на ЕУ одамна е тренд со железничката инфраструктура да управува државата, а транспортот да го организираат оператори основани со странски или домашен приватен капитал. Отворени пруги за конкуренција се практика во цела Европа и бизнис-заедницата тоа ќе го поддржи бидејки ќе има конкуренција, ќе се подобри транспортот и ќе паднат цените.

Речиси сите европски железници доживеаја сериозна трансформација и во нив влезе приватен капитал преку поголем број железнички оператори. Еден од најуспешните примери на успешна трансформација се романските железници со 35 оператори, унгарските со 11, бугарските со осум, чешките со 13. Казахстанската железница откако се преструктуира и воведе осум оператори со 80.000 вагони, постојано бележи зголемување на приходите, кои во последните години се движат и до три милијарди евра годишно. Македонската железница хронично бележи загуби, располага со 700 километри пруга од која најголем дел е изграден на почетокот на 19 век.

МЖ- Транспорт е единствениот регистриран железнички оператор во државата и има можност да биде приватизиран. Но ако веднаш влезат неколку оператори и ако тоа бидат странски компании, МЖ -Транспорт ќе биде колатерална штета на либерализацијата на железничкиот транспорт, стотици работници ќе останат на улица и тоа ќе предизвика ризик за оваа влада на кој таа не е спремна. Така што, уште долго македонските граѓани ќе се возат во расклатени вагони, а наместо билет на кондуктеите ќе им дават за пиво.

Извор: globusmagazin.com.mk