Одговорност

16.06.2009 14:59
3fnvifuafvu_______.jpg

Непосреден повод за овој текст е изјавата на Михаил Марковиќ во „Печат“: „Србите никаде, па ни во Косово, не вршеле етничко чистење. Доказ за тоа е сегашната етничка карта на Србија и Југославија. Хрватска, Словенија, босанскиот дел на Босна и Херцеговина, како и најголемиот дел на Косово речиси се целосно етнички хомогени. Србија е исто толку етнички мешана колку што беше и пред војните (1991-1995).“

Тешко е да се најде подобар пример за интелектуална неодговорност. Зошто? Како прво, поради логичката грешка post hoc ergo propter hoc, бидејќи во повеќето случаи првобитното етничко чистење беше анулирано со етничкото чистење кое го спроведе другата страна, значи, конечниот исход ништо не зборува за тоа како се дошло до него. Како второ, бидејќи постои пресуда на Меѓународниот суд на правдата за тоа дека е извршен геноцид (најлош облик на етничко чистење) во Сребреница, а постои и Република Српска. Како трето, не е точно дури ни кога станува збор за етничката мешаност на Србија.

А сега за слободата на мислење, говор и изразување - или кратко, за слободата на говорот. Таа, според мене, би требало да биде целосна, речиси апсолутна. Тоа не значи дека мислам дека таа не може да се злоупотреби. Но можноста за злоупотреба ќе зависи од тоа колку е одговорна јавноста, под што ги подразбирам сите носители на секој облик на интелектуална, морална, професионална и политичка одговорност. Кога тсанува збор за белградската јавност, од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век, речиси да се наградуваше со неодговорност. Оние кои сакаат да се потсетат, или се премлади за да го имаат тоа искуство, можат да прочитаат што сега пишуваат оние кои тогаш повикуваа на војна, на етничко чистење и на насилство над сограѓаните, за помалите облици на вербално или медиумско силеџиство да не говориме, и да се замислат зошто никој од тие луѓе не чувствува потреба да преземе интелектуална одговорност?

А ни јавноста не смета дека има обврска да ги повика на стручна и професионална одговорност. Напротив, тие секојдневно им судат на луѓето кои сметаат дека имаат интелектуална, морална и професионална обврска да укажат до што ќе доведе тоа политичко и интелектуално дивеење. Тогаш тоа беше опасно, физички опасно, а денес станува збор само за непријатноста од интелектуално неодговорните луѓе да читаат обвиненија за предавство и инсинуации дека тоа се работи за пари. Што се однесува до мене, далеку најголема казна е да им се обезбеди слободата на говорот. Ништо не е полошо од непрестајното потврдување на степенот на својата интелектуална неодговорност со своите написи. Во некој миг во јавноста ќе се разбуди потребата за интелектуални и професионални стандарди, за интелектуална и професионална одговорност.

За да се види за колкава одговорност станува збор, веднаш ќе кажам дека сметам дека средствата за информирање, како што се „Радио телевизија на Србија“ и весникот „Политика“, кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век повикуваа не само на војна, туку и на линч на предавниците, од овој или оној вид. Во сите војни кои следеа, и во прогоните и политичките убиства, телевизијата и весниците одиграа срамна улога. Сега само се бега од одговорноста. Уште посрамна улога одиграа и сè уште играат интелектуалците. Прво се агитираше, па се лажеше, а цело време се мијат рацете.

Од ова произлегува дека не би требало да се залагаме за слободата на говорот - телевизијата и печатот.

Напротив, многу е битно сите оние кои имаат потреба и понатаму да лажат, и никако не можат да престанат да си ги мијат рацете, да можат да го прават тоа јавно и слободно. Што послободно, тоа подобро. Важно е да ги бранат оние кои поради некоја причина се чувствуваат погодени. Исто така, многу е битно тоа да го прават професионалните здруженија кои се посрамотија кога навистина требаше да се преземе одговорноста. Битно е и само по себе, но и за да видиме дали некој од овие на власт и во опозиција ќе се потсети дека постојат некаква политичка одговорност, бидејќи повремено треба да се запрашаат што точно направиле и шти прават сè уште? И како, ние тоа добро го знаеме, си го оправдуваат тоа себе си? Важно е сето тоа јавно да се објаснува и да се оправдува.

Како што кај секоја обнова на расправите за слободата на говорот, како што сега обвинителството се заинтересира за тоа како новинарите поттикнувале на војна и на линчување, треба и сега да се види дали некоја телевизија или некој весник, да речеме РТС и „Политика“, ќе се почувствуваат повикани да кажат нешто за сопствената одговорност. И колку долго ќе можат да молчат и како ќе се бранат. Јас се занимавам со оптествени науки и мислам дека можам д акажам дека постои нешто како емпириска законитост: со текот на времето расте одговорноста. Така што соочувањето со неа е наизбежно, прашањето е само кој и кога? Во Србија, мислам дека слободно можам да предвидам, одговорноста дефинитивно ќе се префрли на следните генерации кои, всушност, не се одговорни за ништо. На тоа сознание, дека нема да бидат виновни само жртвите, бидејќи според Михаил Марковиќ луѓето од Сребреница сами себе си извршиле етничко чистење, туку и невините идни поколенија, бидејќи ќе мораат да се извинуваат за сето тоа - знаеме дека за тоа помага слободата на говорот, бидејќи можеме да прочитаме како не се случило она што се случило и дека не се кажало она што се кажало и дека не се правело она што се правело. Затоа слободата на говорот би требала да биде практично апсолутна.

Извор: Peščanik.net

Цртежи: Лиза Ољшанскаја

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото