За должноста на граѓанинот да биде непослушен (3)

16.05.2011 10:10
За должноста на граѓанинот да биде непослушен (3)

Државата никогаш намерно не им се спротивставува на човековите интелектуални или морални чувства, туку само на неговото тело. Таа не е вооружена со супериорен дух или чесност, туку со супериорна физичка сила. Јас не сум роден за да бидам присилуван. Ќе дишам онака како што јас сакам. Па, да видиме кој е посилен. Каква сила има мнозинството? Можат да ме присилат да се потчинам само оние кои почитуваат закон повисок од мојот. Ме присилуваат да станам како нив. Немам чуено дека масите присилуваат некого да живее на овој или оној начин. Каков е тој начин на живот? Кога се соочувам со владата која ми вели: „Парите или животот,“ зошто би брзал да им ги дадам моите пари? Можеби државата е во големи проблеми и не знае што да прави, јас тука не можам да ѝ помогнам. Таа мора самата да си помогне; да прави како што правам и јас. Не вреди да се цмиздри околу тоа. Јас не сум одговорен за успешното работење на машинеријата на општеството. Не сум син на инженер. Гледам дека кога желадот и костенот ќе паднат еден до друг, едниот не останува инертен за да му направи простор на другиот, туку обата ги почитуваат сопствените закони, никнуваат и растат и напредуваат најдобро што можат, сè додека едниот, веројатно, не го надрасне, засени и уништи другиот. Ако билките не можат да живеат во согласност со природата – тие умираат; па така и човекот.

Ноќта мината во затворот ми беше ново искуство и прилично интересна. Кога влегов, на влезот, затворениците, облечени во кошули, уживаа во разговорот и во вечерниот воздух. Но, чуварот рече: „Ајде момци, време е да заклучам“; и тие се разотидоа, а јас го слушав звукот на нивните чекори додеа се враќаа во пустите станови. Чуварот ми го претстави мојот состанар, како „првокласен другар и умен човек“. Кога се заклучи вратата, тој ми покажа каде да си ја закачам шапката и како ги средува работите во ќелијата. Собите беа избелувани еднаш месечно, а оваа, веројатно беше најбелата, наједноставно опремена и веројатно беше најуредниот стан во градот. Нормално, тој сакаше да дознае од каде сум и што ме довело овде; и откога му кажав, беше мојот ред да го прашам како завршил овде, претпоставувајќи дека е чесен човек, се разбира и како што стоеја работите, верувам дека беше. „Ме обвинуваат дека сум запалил плевна, ама никогаш не сум го направил тоа“, рече тој. Колку што можев да разберам, некогаш кога бил пијан, легнал да преспие во некоја плевна и испушил едно луле, а плевната изгорела. Тој имаше репутација на паметен човек, тука бил веќе три месеци чекајќи да почне неговото судење и веројатно ќе треба да чека уште долго, но беше прилично одомаќен и задоволен, бидејќи добива храна и сместување бесплатно и сметаше дека со него добро постапуваат.

Тој зазеде еден прозорец, а јас другиот. Забележав дека ако доволно долго стоиш таму, основна забава ти станува да гледаш низ прозорецот. Наскоро прочитав сè што беше напишано на ѕидовите, истражив од каде избегале поранешни затвореници и каде е пресечена некоја решетка, ги слушнав приказните за разни станари на собата. Открив дека и овде постојат приказни и озборувања кои никогаш не циркулираат надвор од ѕидовите на затворот. Веројатно ова е единствена куќа во градот каде се составуваат стихови, кои потоа се печатат како циркулари, ама никогаш не се објавуваат. Ми покажаа прилично долга листа на стихови напишани од млади луѓе фатени во обид да избегаат, кои ги пееле тие стихови во знак на одмазда.

Извлеков од мојот состанар колку можев повеќе, бидејќи се плашев дека нема да го видам никогаш повеќе; на крајот тој ми покажа кој е мојот кревет и ме остави да ја изгаснам ламбата.

Тоа што лежев таму една ноќ, за мене беше како да патувам во далечна земја, каква што никогаш не сум очекувал да видам. Спиевме со отворени прозорци, а мене ми се чинеше како за прв пат да го слушам биењето на градскиот часовник, или вечерните звуци на селото. Го видов моето родно село во светлината на Средниот век, а нашата река Конкорд се претвори во Рајна, пред мене минуваа визии на витези и замоци. На улиците ги слушав гласовите на старите „бургери“. Бев неволен набљудувач и слушател на сè што се кажа и направи во кујната на блиската селска крчма – сосем ново и ретко искуство за мене. Тоа беше поглед одблиску на мојот роден град. Конечно бев целосно во него. Никогаш порано ги немав видено неговите институции. Ова е една од неговите особени институции, бидејќи градот е седиште на околијата. Почнав да ги разбирам неговите жители.

Утрото, појадоците ни ги подадоа низ дупка во вратата, во мали лимени чинии, направени да можат да минат низ неа. Во нив имаше топло чоколадо, кафеав леб и челична лажица. Кога ги побараа садовите назад, бев доволно неискусен да им го вратам лебот кој ми остана, но мојот другар го зеде и рече дека би требало да го зачувам за ручек или вечера. Наскоро го пуштија надвор за да работи на соседното поле, каде што одел секој ден и не се враќал до пладне. Затоа ми посака добар ден, велејќи дека се сомнева дека повторно ќе ме види.

Кога излегов од затвор – некој се замешал и го платил данокот – не забележав дека се случиле големи промени во секојдневието, како што би забележал некој кој влегол в затвор млад, а излегол со побелена коса. Но, сепак видов промена – во градот, државата и целата земја, промена поголема од онаа што може да ја предизвика минувањето на времето. Уште попрецизно ја видов Државата во која живеев. Видов до која мерка може на луѓето меѓу кои живеев може да им се верува како на добри соседи и пријатели; дека нивното пријателство беше само за во сончевите денови; дека не се трудат премногу да чинат добро; дека со нивните предрасуди и суеверија мене ми се подеднакво далечна раса како што се Кинезите и Малајците; дека во жртвувањето за хуманоста не се ставаат себеси на ризик, ниту својот имот; дека, на крајот на краиштата, не се толку доблесни и кон крадецот се однесуваат како тој што се однесува кон нив. И се надеваат дека ќе ги спасат своите души со неколку надворешни гестови и малку молитви и повременото чекорење по некој исправен, но бескорисен пат. Можеби ова оценување на моите соседи е преостро, но верувам дека повеќето од нив не се ни свесни дека во нивното село постои институција која се вика затвор.

Во нашето село порано имаше обичај кога некој сиромашен должник ќе излезе од затвор, познајниците да го поздравуваат гледајќи го низ вкрстени прсти, кои ги претставуваа затворските решетки. Моите соседи мене не ме поздравуваа на тој начин, туку прво ќе ме погледнеа, а потоа ќе се загледаа како да сум се вратил од некое долго патување. Ме уапсија додека одев да ги земам моите чевли од поправка. Кога ме пуштија утредента, отидов таму каде што всушност и имав намера да одам претходниот ден и откога ги облеков поправените чевли ѝ се придружив на групата која одеше во берба на боровинки и со нетрпение ме чекаше да ги водам. За половина час – бидејќи набргу ги спрегнаа коњите – се најдов меѓу боровинки на еден од нашите највисоки ридови оддалечен 2 милји и од таму, државата воопшто не се гледаше.

Тоа е целата приказна за „моите затвори“.

Никогаш немав одбиено да платам патарина, бидејќи сакам да бидам добар сосед исто толку колку што сакам да бидам лош поданик. А, што се однесува до поддршката на училиштата, се оддолжувам така што ги образувам моите сограѓани. Моето добивање да го платам данокот не го засновам на некоја посебна одредба од законот за даноци. Единствено не сакам да ѝ бидам лојален на државата, сакам да се повлечам и да бидам навистина далеку од неа. Не сакам, кога би можел, да го пратам мојот долар на пат до купување на луѓе или пушки со кои се убиваат луѓе – доларот е невин – но, сакам да ги следам последиците од мојата лојалност. Всушност, ѝ објавувам тивка војна на државата, на свој начин, иако секогаш ќе гледам да ја искористам колку можам, како што е вообичаено во такви случаи.

Ако други го платат данокот кој од мене го бара државата, само заради сочувство со државата, тие ќе го направат она што веќе го направиле во нивниот случај, или, може да се каже, повеќе за залагаат за неправдата отколку што тоа од нив го бара државата. Ако го платат данокот заради погрешното сочувство со оданоченото лице, за да му го заштитат имотот, или да спречат да отиде во затвор, тоа е затоа што не размислиле добро за тоа до која мерка дозволуваат нивните приватни чувства да се мешаат во општото добро.

Тоа е мојот став во моментов. Но, човек не може да биде премногу внимателен во таков случај, инаку на неговите постапки ќе влијае тврдоглавоста или мислењето на другите. Нека увиди дека го прави само тоа што му следува нему и на времето.

Понекогаш мислам: Па, овие луѓе мислат добро, само се игнорантни; би чинеле подобро кога би знаеле како. Зошто им ја задавате на соседите таа мака да се однесуваат кон вас онака како што не сакаат? Но, повторно размислувам, ова не е причина зошто јас би правел како што прават тие, или да дозволам други да страдаат од поголема и поинаква болка. Понекогаш си велам себеси, кога милион луѓе без лутина, без лоша волја и без лични чувства од кој било вид, бараат од тебе само неколку шилинзи, без можности (бидејќи таков им е уставот) да се повлечат или да го сменат своето барање, и кога ти од твоја страна немаш можност да апелираш на други милиони луѓе, зошто да се излагаш на оваа огромна сурова сила? Така тврдоглаво не ѝ се спротивставуваш на зимата и гладот, на ветровите и брановите, молкум им се препушташ на илјадници слични неволји. Не ставаш глава в оган. Но, токму како што ова не го гледам како целосно слепа, туку како на делумно човечка сила; и тоа што сметам дека сум поврзан со тие милиони исто како и со толку други милиони луѓе, а не само со слепите и мртвите нешта, гледам дека апелот е можен, првенствено од нив до Творецот кој ги создал, а потоа и кон себе самите. Но, ако намерно ја ставам својата глава в оган, не може да се апелира до огнот или до Творецот на огнот. Во тој случај морам сам себеси да се обвинам. Кога би можел да се убедам себеси дека имам право да бидам задоволен со луѓето онакви какви што се и да се однесувам во согласност со тоа, а не во извесна смисла, врз основа на моите барања и очекувања какви треба да бидат тие и јас, тогаш како добар муслиман и фаталист би настојувал да бидам задоволен со нештата такви какви што се и би рекол дека е тоа Божја волја. Пред сè, постои разлика помеѓу опирањето на човековата сила и на слепата или природната сила, а разликата е во тоа што на човечката сила можам да ѝ се опирам со некој успех, но не можам да очекувам, како Орфеј, даја сменам природата на карпите, дрвата и животните.

Не сакам да се расправам со ниеден човек ниту нација, не сакам да ситничарам, да правам мали разлики, да се поставам како подобар од моите соседи. Поверојатно е дека дури барам и изговор да ги почитувам законите на земјата. Премногу сум подготвен да ги почитувам. Навистина има причини зошто сум сомничав кон себе во таа насока и секоја година кога ќе се појави даночникот расположен сум да ја разгледам позицијата и делата на сојузната и владите на поединечните држави, како и духот на народот за, можеби, да пронајдам изговор за тоа почитување.

Мораме да ја сакаме својата земја како родителите,
А ако некогаш нашата љубов и работа не ѝ служат на чест,
Мораме да ги прифатиме последиците
И да учиме за душата,
Совеста и религијата,
а не за желбата за власт и корист.

Уверен сум дека Државата набрзо ќе најде начин да ми ја одземе оваа работа и тогаш нема да бидам подобар патриот од моите сограѓани. Гледајќи од пониска гледна точка, Уставот, и покрај сите негови недостатоци, е многу добар, законите и судовите се достојни за почит. Дури и оваа држава и оваа американска влада се реткости кои се достојни за почит, како што многу ги имаат опишано и за што треба да бидеме благодарни. Но, гледајќи од малку повисока гледна точка, тие се онакви како што ги опишав. Гледајќи од уште повисока и највисока точка – кој би знаел што се и дали воопшто се вредни за гледање или за размислување.

Како и да е, владата не ме интересира многу и на неа ќе мислам колку е можно помалку. Ретки се моментите кога живеам под владата дури и во ваков свет. Ако мислите и фантазијата на човекот се слободни, тоа што не постои не може долго време да му се чини дека постои. Немудрите властодршци или реформатори не можат пресудно да му сметаат.

Знам дека повеќето мислат поинаку, но оние кои по професија ги посветиле своите животи на проучување на овие или слични теми, не ме задоволуваат повеќе од другите. Државниците и законодавците, бидејќи се целосно внатре во институцијата, не гледаат јасно каква е таа. Тие зборуваат за менување на општеството, а единствено во него се чувствуваат спокојно. Тие, можеби, се луѓе со извесно искуство и углед и без сомнеж измислиле генијални дури и корисни системи, за што искрено им благодариме; но, целата нивна мудрост и корисност се во определени, не многу широки рамки. Имаат тенденција да заборават дека со светот не владеат методот и ефикасноста.

Вебстер не навлегува никогаш во суштината на владеењето и затоа не може да зборува за тоа со авторитет. Неговите зборови се мудрост за законодавците кои немаат намера суштински да го реформираат постоечкиот начин на владеење. Но, за мислителите и оние кои донесуваат закони за сите времиња тој не ја ни начнува темата. Знам дека има луѓе чии прибрани и мудри размисли на таа тема наскоро ќе ја откријат ограниченоста на неговиот дух и ум. Сепак, во споредба со евтините изјави на повеќето реформатори и уште поевтините мудрости и речитост на политичарите, неговите зборови се единствени кои се разбирливи и вредни и им благодарам на небесата што го имаме. Тој е речиси секогаш силен, оригинален и, пред сè, практичен. Вистината на адвокатот не е вистина, туку е доследност или доследна експедитивност. Вистина е секогаш во согласност сама со себе и нејзина главна цел не е да ја открие правдата, која може да биде и на страната на злото. Тој заслужува да го викаат онака како и што го викаат – бранител на уставот. Всушност, тој задава само одбранбени удари. Не е водач, туку е поддржувач. Неговите водачи се луѓето од 1787. Тој вели: „Никогаш не се напрегав, ниту имам намера да се напрегам, никогаш не сум поттикнувал ниту пак имам намера да поттикнувам обид да се наруши првобитниот договор според кој различни држави се приклучија на Унијата.“ Мислејќи на тоа што со уставот се санкционира ропството тој вели: „Нека остане така, затоа што тоа е дел од првобитниот договор.“ И покрај особената остроумност и способност, тој не е во состојба да го издвои фактот од неговиот чисто политички аспект и да гледа на него само со својот интелект – што е, на пример, должност на Американецот денес во Америка кога станува збор за ропството – туку се впушта или го туркаат во такви очајнички одговори како што е следниов, изјавувајќи дека зборува независно и како приватно лице – а каков нов и единствен правилник за општествените должности може да се изведе од тоа? Тој вели: „начинот на кој владите на државите во кои постои ропство ќе го решат тоа прашање е нивна работа и е дел од нивната одговорност пред избирачите, пред општите закони за сопственоста, хуманоста и правдата, како и пред Господ. Асоцијациите кои настанале заради чувството на хуманост или некоја друга причина, немаат никаква врска со тоа. Никогаш не сум ги поддржувал, ниту пак ќе ги поддржувам.“

Оние кои не знаат за почисти извори на вистина, кои не ги следат нејзините текови подалеку од Библијата и Уставот, се држат до Библијата и Уставот и мудро е што го прават тоа и пијат од таму со почит и понизност. А, оние кои гледаат од каде капе во ова езеро или поток, го стегаат ременот и го продолжуваат својот аџилак кон изворот.

Во Америка се нема појавено човек со дарба за законодавство. Таквите се ретки во историјата на светот. Има илјадници говорници, политичари и речити луѓе. Но, сè уште не прозборел оној кој е способен да ги реши најтешките проблеми на денешницата. Ние ја сакаме речитоста заради неа самата, а не и заради било која вистина која можеме од неа да ја чуеме, или заради хероизмот кој може да го предизвика. Нашите законодавци сè уште не ја сфатија релативната вредност на слободната трговија и слободата на здружување и правичност за една земја. Немаат дарба и талент ни за релативно незначајни проблеми како што се даноците и финансиите, трговијата и рачната изработка и земјоделството. Кога би биле оставени да нè водат само умните зборови на законодавците од Конгресот, непоправени со искуството и успешните жалби на народот, Америка не би го задржала долго време своето место меѓу народите. Осумнаесет векови – иако можеби немам право да го кажам тоа – е пишуван Новиот завет, а каде е законодавецот со доволно мудрост и практичен талент да ја види светлоста која тој ја фрла врз науката за законодавството?

Власта на државната управа сè уште не е оправдана, дури и онаа на која јас би ѝ се покорил, бидејќи радо сакам да ги слушам оние кои знаат повеќе и можат подобро од мене, а за многу работи дури и оние кои ниту знаат ниту можат колку мене. За да биде строго оправдана, мора да има согласност и одобрување од оние со кои владее. Таа не може да полага права на мојата личност и мојот имот, освен ако јас не се согласам на тоа. Прогресот од апсолутна до уставна монархија, од уставна монархија до демократија е прогресот кон вистинското почитување на поединецот. Дури и кинескиот филозоф бил доволно мудар да го смета поединецот за основа на царството. Дали демократијата која ние ја познаваме е најдобриот можен облик на владеење? Зар не е можно да направиме чекор напред кон признавање и организирање на правата на човекот? Нема да постои навистина слободна и просветена држава сè додека државата не сфати дека поединецот е вишата и независната сила од која произлегува нејзината моќ и власт и сè додека не почне да се однесува кон него во согласност со тоа сфаќање. Наоѓам задоволство замислувајќи ја државата која ќе се однесува кон поединецот со почитување како кон соседот, која нема да смета дека ѝ е нарушено спокојството затоа што некои живеат далеку од неа, затоа што не се мешаат во нејзините работи, затоа што не ѝ припаѓаат, а ги исполнуваат сите должности кон своите соседи и другите луѓе. Државата која одгледува таков плод и дозволува тој да отпадне што ќе созрее подготвува пат за уште посовршена и повеличествена држава која исто така ја замислувам, но сè уште не сум ја видел.

(крај)

Текстот е напишан во 1849 г. Превод од англиски јазик: Васко Лазаревски.

За првиот дел, кликнете овде.

За вториот, овде.

ОкоБоли главаВицФото