Неупотребливи песни

20.05.2011 14:32
Неупотребливи песни

Библиотека

тие многубројни букви
кои не можат да заминат од своите зборови

тие многубројни зборови
кои не можат да заминат од своите реченици

тие многубројни реченици
кои не можат да заминат од своите текстови

тие многубројни текстови
кои не можат да заминат од своите книги

тие многубројни книги
со толку прашина врз себе

таа добра чистачка
со перушка


Оцена

Песните на човеков се неупотребливи.

Најпрвин
со една си ја намачкав ќелавицата.
Залудно, не помогна да порасне косата.

Потоа
со една од нив ги потапкав своите бубулици.
За два дена достигнаа големина на средни компири.
Лекарите зинаа од чудо.

Потоа
две скршив во тавчето.
Малкуцка скептичен, самиот не јадев.
Моето куче пцовиса од тоа.

Потоа
една употребив како заштитно средство.
Затоа го платив абортусот.

Потоа
една заглавив во окото
и влегов во еден подобар клуб.
Портирот ми
подметна нога, па паднав.

Потоа
ја донесов горната оцена.

Што можат да ти направат?

Што можат да ти направат?
Можат да ти го откорнат јазикот.
Посебен говорник никогаш не си бил.
Можат да ти ги ископаат очите.
Зарем не си се нагледал досега?
Можат да те лишат од машкоста.
Како маж не вредеше многу.
Можат ноктите да ти ги извадат.
И онака не треба да го чачкаш носот.
Можат нозете да ти ги отсечат.
Во твои години човек веќе не излегува.
Можат да те мачат до лудило.
За луд одамна те сметаат.

Ернест Јандл (Ernest Jandl, 1925-2000), роден во Виена. Долго работел како гимназиски професор во Виена. Заедно со Гомрингер и Хајсенбител, инспириран од дада движењето, бил водечки претставник на „конкретната поезија“ (или експерименталната поезија). Едно време живеел во Англија. Ги преведувал Гертруда Стајн, Роберт Крили и Џон Кејџ. Неговите поетски рецитали, особено т.н. Lautgedichte (звучните песни) биле мошне популарни во Европа и во Америка. Напишал и неколку успешни радио-драми.

Превод: П. Вулкански

Слики: Matt Duffin

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото