Црвот, змиски цар

20.05.2011 22:28

Интересно ќе биде со каква тактика партиите ќе се решат да настапат во изборната кампања: дали во прв план ќе ги стават личностите, програмите или ќе одат на некакво пошироко „емотивно препознавање“ на граѓаните со вредностите што ги олицетворува секоја партија одделно.

Балансот меѓу тие важни политички и неполитички пораки (личности, програма, партиски бренд) го одредуваат раководствата во соработка со маркетиншките агенции.

Во текстов, денес, сепак ќе се задржам на улогата на личностите во политиката, прашање секогаш дискутабилно: дали моќта на поединечните харизми е преценета или потценета и во политиката и во историјата?

Прашањево, за (не)моќта на личностите во широките општествени констелации, дополнително е интересно и заради улогата што во современата македонска политика ја играа(т) две мошне живописни политички фигури: Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Особено интересен е овој вториот, кој, еве, и во случајов со проблемот на името, ќе се покаже како пророк, како политичар значајно пред другите кога станува збор за некои крупни стратегиски одлуки. Ако навистина е точно дека Георгиевски во неговиот мандат, пред речиси десет години, бил подготвен да го промени името на Република Македонија, од оваа дистанца и низ оваа светлина тој негов потег изгледа не само решително и храбро туку поразително за целокупната македонска политичка (и не само политичка!) елита која практикувањето на политиката го гледа како арогантна безидејност и зихераштво.

Сепак, дека и Љубчо Георгиевски е само уште еден повеќе-помалку недоволно зрел и ситен политички чинител насочен пред се’ кон личните материјални интереси (иако и таков е многу покрупен актер од некои божем важни играчи на политичката сцена) доказ се неверојатно лошите кадровски потенцијали на ВМРО, потенцијали кои, еве, и во новиот мандат на власт се покажуваат како сосема недоветни да ја водат државата.

Да се вратиме, сепак, на денешните клучни партиски актери, Груевски и Шеќеринска. Избирајќи меѓу тие две личности Македонецот во голема мера ќе си ја одреди сопствената иднина во следните четири години. Затоа прашањето е многу важно. Но, се разбира, важни се и партиите што стојат зад тие две најзначајни политички личности во моментов, како и вредностите со кои граѓаните се поистоветуваат избирајќи ја оваа или онаа партија.

И тука работите стануваат делумно парадоксални: иако, да речеме, Груевски е двојно попопуларен од Шеќеринска ми се чини дека и најзапалените приврзаници на Груевски интимно знаат дека Македонија мора да тргне кон вредностите што ги олицетворува Шеќеринска (европски пат, отвореност, флексибилност, толеранција, помек - похоризонтален и покооперативен - начин на управување итн.). Попрецизното прашање, значи, е дали за вредностите што ги олицетворува водачот на СДСМ (тие вредности во значајна мера ги олицетворува и лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски – да излеземе малку, барем за момент и барем во текстов - од наметнатниот двопартизам) Македонија е спремна сега или ќе биде спремна за можеби четири години. Инаку, со ваквиот „мачоистички“, крут и фрустрантен стил на владеење сосема е јасно дека Груевски е реликт на историјата и дека таквите политики (се согласувам, во голема мера произлезени од под долгиот шинел на Бранко Црвенковски, откај што се испили и вториот маркантен патријархалец за кој зборуваме во текстов, Љубчо Георгиевски) немаат иднина во рамките на ЕУ. Но, таквите политики можеби се’ уште имаат значајна среднорочна иднина во Република Македонија – набрзо ќе видиме на изборите.

Политиката во голема мера е игра со времето. Во ниедна друга професија не е толку важно дали одредена работа е направена токму во конкретен миг. Затоа политичарот е во постојана опасност да стане роб на времето, а неговото одлучување да стане само накнадно справување со настаните еднаш пуштени од ланец. Славниот чешки дисидент и левичар, Карел Косик, постојано се прашуваше: како политичарот може да го „совлада“ времето и како може да ја открие смислата на дејствувањето доколку цело време е под пресија на привремените налози. Со тоа што ќе ја прескокне сегашноста и ќе стане утопист? Со тоа што ќе ја надмине сегашноста и ќе стане визионер? Или така што ќе се обиде да предвидува и да стане пророк? Утопистот, визионерот и пророкот сепак не се политичари, вели Косик. Политичарот може да се справи со времето само на тој начин што ќе се сврти кон суштинското. Тоа суштинско подразбира имање основа која, меѓу другото, подразбира да се разјаснуваат смислата и можностите на политиката.

Пред слични искушенија како политичарот, на едно многу поскромно но бескрајно важно микро рамниште, е ставен и граѓанинот-гласач. Дали токму денес е дојдено времето за некои поинакви вредности? Или и денес треба да се следи нејасното мрморење на толпата? Во тие фини хемии меѓу водачите и граѓаните всушност и се случуваат политиката и историјата. Едните влијаат на другите, а сите дополнително се проникнати со „мета“ апстракциите на политиката, историјата, нацијата, државата...

Затоа велам дека нема едноставни одговори на прашањето за (не)моќта на личностите да ги обликуваат општествата и историјата. Множеството од нашите одговори ќе трасира некаков пат и по тој пат ќе одиме додека не се измориме. Па пак одново...

За крај, на темата личности во политиката, еден виц од животинскиот свет:

Оди кокошката и го сретнува црвот.

- Здраво, орелиште - ја поздравува црвот.

- Здраво, цару змиски - отпоздравува кокошката.

 

слики: Скот Хант
„Утрински весник“, 22.04.08.

ОкоБоли главаВицФото