Раткојада

27.05.2011 11:51
Раткојада

Мило ми е што Ратко Младиќ е конечно уапсен. Не конкретно заради некои мои еуфорични чувства зашто такви воопшто немам, ниту заради миријадата на другите луѓе кои го имаа тоа животно искуство на неколку години да се интимизираат со гранатите, снајперските куршуми и други убиствени средства кои војската под команда на офицерите од Бежановиќ во близина на Калиновик ги испалуваа, и селективно и неселективно, по градовите на БиХ. Мнозинството од луѓето кои ги познавам, а Младиќ и неговата Дружба за човечки преселби ги растераат низ светот, денес не ликуваат. Немаат зошто да ликуваат. Доволно е да се присетат на тормозењето на судот што ни претстои при кое жртвите неретко повторно се убиваат во циркуските реторички претстави. Факт е дека сите знаевме каде се наоѓа Младиќ (неделникот Слободна Босна пред шест месеци објави текст во кој опиша дека Младиќ се крие во близината на Зрењанин), но сега возбудено мораме да го слушаме Борис Тадиќ, кој во следните два месеци, како расипана плоча, најмалку стотина пати ќе ни објаснува дека Србија направила баш сè за да се пресмета со обвинетите во Хаг. Искрено се надевам дека Тадиќ нема да добие брух од сите тие напори. А некој би можел и да му подари претплата на Слободна Босна. Не можам да ликувам над лицемерните зборови на Божидар Ѓелиќ, кој нагласи дека не само што шансите на Србија за пристапни преговори за Европската унија сега се многу поголеми, туку не заборави да додаде дека апсењето ќе ѝ ја олесни борбата на Србија за нејзините национални интереси. Човекот се вжари во својот евро-оптимизам. Вчера европската Србија беше толку милозвучна, човек би ја ставил на незакрепната рана. Можеби не би било лошо да се ангажира Ивица Финдингаторот Дачиќ да го пронајде некаде и мозокот на Ѓелиќ, кога веќе со ова пронаоѓање толку добро му тргна.

Не ми е мило ни заради сите оние бамборења на светските дипломатски елити кои вчера ги бомбардираа телевизиските екрани со своите бомбастични изјави за меѓународната правда која е бавна, но достижна. Правдо, името ти е желка на грбот на полжав. Тоа е истата онаа правда која дозволи крвопијците на Младиќ да си играат неколку години. Факт е дека многу е полесно да се зборува за демократскиот свет, отколку да се создава, без разлика дали станува збор за висока дипломатија или фејсбук коментари. Мило ми е што Младиќ го фатија, всушност, заради моите другари од Србија за кои ова може да биде знак дека постои некоја надеж дека нивната земја може да се менува на подобро. Ако не надеж, постои барем можност за конструкција на таква надеж сега и кој сум јас да им ја уништам таа потреба. Надежта повремено треба да ја обновуваме за и таа и ние да можеме да преживееме. Така и јас ја обновував меѓу секои две гранати. И еве, жив сум.

Ако од приказнава ги тргнеме демонстрантите во Нови Сад, случајните минувачи кои изјавија, сосема очекувано, дека судот во Хаг е политички суд кој само го прогонува херојот Младиќ и на Србите им оневозможува убав и добар живот, што ни преостанува? Небулозите за некоја колективна вина која некој ја бара од Србите како народ и игнорирањето на сосема едноставниот факт дека идеологијата поврзана со Милошевиќ сè уште е многу жива, параноидните идеи за Европската унија која сега мора да го докаже својот кредибилитет и која мора всушност да ѝ биде благодарна зашто Србија, замислете, по толку време, го уапси најголемиот воен злосторник од својата ергела. Ако ЕУ сега не биде фер, Србија изгледа ќе си го земе назад Младиќ, а што друго би правела. Уште попараноидни се антилогичките творби во кои ЕУ само си игра со Србија од некоја само на нив позната причина. Некогаш луѓето играа со Рубиковата коцка, денес, ете, си играат со Србија. Инаку, познато е дека великодостојниците од ЕУ, наутро, штом ќе ги извадат гурелките од очите, почнуваат да размислуваат како да ѝ напакостат на Србија. Некогаш тоа го прават и со гурелки, толку кутрите не можат да ја контролираат оваа страст.

Целокупниот впечаток за апсењето на Младиќ има две значајни димензии: мегаломанското сфаќање на сопствената вредност и главно целосниот недостаток на моралниот аспект кој јасно би покажал зошто Младиќ би требало да се испорача на Хаг и зошто сите граѓани на Србија би требало да го поддржат тоа. Слушајќи го Тадиќ, Ѓелиќ и другите припадници на ДС, само можеме да заклучиме дека на некој начин како да се извинуваат заради апсењето зашто вчера, од сите можни наративни, најтенок, се чини, беше оној според кој Младиќ оди во Хаг зашто е страшен злосторник и дека сето тоа има врска со концептот правда. Многу почесто слушавме дела Србија оди напред во ЕУ зашто сега се задоволени сите услови. Па слушавме за трговијата со органи на Косово, дека тоа е страшно злосторство. А слушнавме и дека сега е завршено едно поглавје од историјата. Сето тоа оди некако заедно со победите на Ноле за кои испаѓа дека цела Србија е одговорна. Колективна позитивна одговорност. Тоа поминува. Како и вулгарните сфаќања на постмодернизмот.

Кога беше уапсен Радован Караџиќ бев на море и веста ме стигна на половина од одличната криминална приказна што ја читав. Никогаш не ја довршив зашто тогаш Балканот требаше да се промени и книгата падна во заборав. Се сеќавам дека тогаш имав некои големи очекувања дека апсењето ќе доведе до значајни промени, првенствено во Србија, која моќниците сакаат да ја нарекуваат лидер во регионот, иако ретко укажуваат кој е правецот во кој Србија го води регионот. При ова апсење немам никакви очекувања, како ни многу други луѓе кои го доживеаја ослободувањето што ЈНА го вршеше со своите бомби. Земјата која нема вистинска политичка волја да се соочи со својата улога во блиското минато е земја во која стотина млади луѓе седат пред своите компјутери и сакаат да бидат Ратко Младиќ.
Денес е 27 мај, 19 години откако ЈНА реши да истреби колку што е можно повеќе цивили во среднобосанскиот град Јајце. Мене овој датум уште многу долго повеќе ќе ми значи од некој истрошен старец кој можеби ќе помине година-две во затвор во Хаг, а можеби и порано ќе тргне кон вечните ловишта. И секогаш ќе ми значи многу повеќе од европски ориентираното позерство на Тадиќ. Време е да се вратам на онаа недовршена криминална приказна.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото