Во 5 кај вртелешките

03.06.2011 23:12
ВО 5 КАЈ ВРТЕЛЕШКИТЕ!

На плоштадот Старо место во Прага се наоѓа еден јавен часовник кого што Чесите го нарекуваат орлој. Часовникот покажува часови, минути и секунди, како и месеци и денови; освен тоа, ги покажува положбите на Сонцето, Месечината и планетите на небото. Конструиран е 1490 година. Кога ќе избие часот, во прозорците на орлој се појавуваат разни фигури: мртовец, богаташ, апостолите, Христос, петел итн.

Македонскиот орлој во неделата работеше неуморно и трескавично, како камбанарија во услови на чума. Многу фигури излегоа на прозорчињата на големиот национален часовник. Мртовецот, богаташот и апостолите (кој во апостолки кој во владетелски одежди) – тие се неизбежни. Но тука беа и лавчињата (и плишаните и опасните), орелчињата (со и без канџи), канаринците, дебелиот папагал, рисот, волкот, мечката и пастрмката (комплет со полначот на животни, препараторот!), човекот од гума, брадестата девојка, фрлачот на ножеви, жонглерот, заканувачкиот туѓинец, скретничарот, машинистот, бродоломникот, шпионот, танчерскиот пар, исплашениот со ококорени очи, сатирот, пејачот, голата дама, џандарот, лажниот крал, писарот, роботот, вампирот, призракот...

Накусо, менажеријата набутана во македонскиот орлој е земена делумно од тунелот на стравот и ужасот, делумно од детската вртелешка со различни возила-фигури (еднорог, полициско комбе, брза помош, моторцикл итн.), а делумно е исхалуцинирана од кобајаги живото граѓанство што постојано се врти околу плоштадот Старо место (некогаш наречен „Стара Југославија, Нова Макетонија“).

***

Зборот ми е: како граѓани мораме да престанеме на општествените процеси да гледаме како на небески појави предодредени од некакви виши сили. Изборите не се пророкување од утробите на животните, од летот на птиците или од камчиња фрлени во прашина! Изборите не се ниту неумоливиот „орлој“ чии фигури те потсетуваат на неизбежноста и цикличноста...

И покрај нашата склоност, значи, на политиката да гледаме фаталистички, треба да се каже: политиката не нуди вечни решенија ниту извесност по секоја цена. Политиката треба да биде цивилизирана, како и да цивилизира. Таа треба да биде такво решение на проблемот на поредокот кој попрво се определува за помирување и ускладување отколку за насилство и владеење на силата. Таа повеќе е стремеж за решавање на судирите отколку што е долгорочно решение.
Задачата пред нас не е да ги укинеме политичарите и политиката туку пред се’ да обезбедиме контрола над извршувањето на политиката и нејзино ограничување, со цел власта да не биде злоупотребена. Наместо да ја презираме и да ја прифаќаме политиката како судбина, мораме да се обидеме не само да се вклучуваме во политичкиот живот на заедницата, туку и да ги прошируваме подрачјата на политичкото.

Американскиот историчар од 19 век, Хенри Адамс, ја дефинираше политиката како „систематско организирање на омразата“. Тоа толку добро го чувствуваме и знаеме! Но, дел од одговорноста да не се мрази ни припаѓа и нам, на граѓаните. Да се биде храбар, да се спротиставува на неправдата и злото, да им се помага на послабите – тоа се еминентно политички чинови! Во едно поинакво, поцивилизирано разбирање на политиката, спротиставувањето на „систематското организирање на омразата“ исто така е политичка активност од највисок тип!

Кога нема никој друг, само на осамената граѓанска иницијатива и’ преостанува да повторува дека политиката на управување со државата не смее да се претвори во ситни политички пресметки помеѓу спротиставени политички табори и лидери. Дека е недозволиво за политички местенки да се злоупотребуваат медиумите, судството или полицијата. Дека политичарите не смеат да се служат со лажни ветувања за да ги придобијат масите и за да стекнат популарност на сметка на државната стабилност. Дека злоупотребата на емоциите на народот за политички цели и заради остварување на себични интереси е израз на најголема можна управувачка неспособност, нецивилизираност и неморалност.

***

На крај, за да не испадне дека ја игнорирам политичката класа, ќе спомнам некои мошне важни современи политички идеи на белгиската теоретичарка Шантал Муф. Разгледувајќи ја суштината на политиката, Муф прави клучна терминолошка разлика помеѓу агонизмот и антагонизмот. Агонизмот (кој доаѓа од старогрчкиот збор агон – напреварување, борба) подразбира почитување на противникот. Тоа подразбира судир кој имплицира средба, откритие, сознание, промена – натпревар во кој е важно да се учествува и каде што и поразот може да биде почест. Според Муф, политиката пред се’ е дискурс на конфликтот и неговото разрешување не е во порекнувањето на несогласувањето, туку во можноста да го артикулираме она во што не се согласуваме.

Разликата помеѓу агонизмот и антагонизмот е заснована во односот спрема другиот. Во случај на антагонизам, соочени сме со релацијата пријател-непријател, при што непријателите речиси се лишени од легитимитет заради своето непријателство. Тоа не е демократско општество. Агонизмот, од друга страна, оваа нужна политичка поделба на ние и тие, ја конструира така што наместо непријатели имаме противници. Противниците споделуваат ист симболички простор, меѓу нив постои конфликтен консензус и тие се согласуваат околу основниот етичко-политички принцип, како треба да се организира општеството.

А што ако противникот е опасно нечесен или заканувачки откачен?! Тогаш му закажувате нова средба („Во 5 кај вртелешките!“) и чекате чудниот орлој да помине уште еден круг...

Слики: Салвадор Дали

„Утрински весник“, 03.06.08.

ОкоБоли главаВицФото