Уште еден пораз за Македонија

08.06.2011 10:35
Уште еден пораз за Македонија

Електоратот тргна да казнува и застана на половина пат. Се уплаши од добрата намера. Се откажа од историскиот потфат. Затоа, електоратот избра уште еден пораз за Македонија. Овој пораз нема да биде заборавен и нема да биде евтин.

Просто е несфатливо како незадоволството од живејачката, од состојбите во државава, од загубеноста во времето и во просторот, на крајот, се транспонира во предност за владејачката коалиција. Несфатливо е како Груевски доби мандат со гласовите на тврдото членство на ВМРО-ДПМНЕ, со гласовите од многумина кои сакаат да бидат со победникот, со гласовите на оние кои сакаат или мораат да се продадат, но и со гласовите на најранливата категорија – сиромашните, невработените и заблудените. Несфатливо е како осиромашената Македонија ја порази онаа Македонија која не може да се помири со порази во серија.

Така, Груевски ќе ја формира својата трета влада. Ќе биде запаметен дека е мајстор за предвремени избори и дека немал шанса да истурка мандат до крај. Но, треба да се знае и тоа дека по секоја победа, Груевски станувал уште полош и уште поопасен. Тоа, по овие избори треба да се земе како готов факт. Требаше да поминат само 19 часа по затворањето на гласачите места за да почнат новите затворања. Груевски ги спроведува во дела зборовите на Љубе Бошкоски, кажани во кампањата, дека ВМРО не простува и дека нејзината рака е долга. Жалосно е што една емфатична и патетична митологема од историјата се врзува за еден суров режим, но пресметката на десницата ќе биде првиот од серијата слични случувања во духот на вмровската правда.

Исто така, овие избори ќе бидат запаметени и како неуспешен обид да се реконцептуализира македонската десница според изворните идеали на ВМРО. Во првите мигови по соопштувањето на изборните резултати се издигна до ниво на мистерија или на теорија на заговор прашањето каде "испарија" гласовите на Љубе Бошкоски и на Љупчо Георгиевски. Мој впечаток е дека уште еднаш се потврди дека ВМРО е пред се организација, "швајцарскиот часовник" во македонската политика, односно, дека вмровците се во вистинскиот елемент само кога се во сивата и во темната зона на политиката.

Тоа го почувствуваа и иконите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, овојпат, загубија од "големиот организатор". Но, гледано од морален и од државнички аспект, нивниот обид заслужува почитување. Некој од десницата, сепак, мораше да ги предупреди Македонците каде ја води државава ова ВМРО-ДПМНЕ, а дали тоа беше изведено како што треба – и од доктринарен, и од медимуски и од аспект на водењето на кампањата, тоа е друго прашање. За жал, оној што го контролира теренот и ги има парите е посилен/подобар вмровец од оној што зборува за идеи, за идеали, а особено и за нашата реалност.

Со новата победа на Груевски ќе продолжат маките на Македонија, а на големи маки ќе се најдат и сите оние кои се рубрицирани како "непријатели на власта". Убедливата победа во 2008 годината му послужи на Груевски да ги инаугурира или да ги интензивира своите најпогубни политики – антиквизацијата, проектот "Скопје 2014", сатанизацијата на опозицијата, партизацијата на судството, притисоците врз медиумите...

Победата во 2011 ќе ја сфати како добивање легитимитет за веќе инсталираниот режим. Во 2008 година се гледаше себеси како најголемиот патриот, сега ќе се смета себеси како големиот водач кој води народ што се навикнува да живее во еден антисистем. Нормално, тој и така ќе се однесува – ќе биде посуров, поарогантен, понеодговорен. И како по обичај, нема да реши ниту еден голем проблем за државава, бидејќи целосно ќе се предаде на проектот за "проектизација на Македонија".

Откако ќе се справи со "поситните" противници и со медиумите кои не се под негова контрола, набргу ќе ја гледаме втората или третата епизода од серијата наречена "финална пресметка". Ако Груевски бил во нешто конзистентен и консеквентен во изминатите пет години, тоа, несомнено, е неговиот однос спрема опозицијата, поточно, спрема СДСМ. Таа негова опсесија, делумно е персонална, но, во најголем дел се должи на системскиот карактер на оваа политичка матрица, бидејќи, за режимот, по правило, нема друга попаметна и поважна работа од тоа да се занимава првенствено со задушувањето и со уништувањето на опозицијата. Во сегашните констелации, се чини дека состојбите се променети бидејќи СДСМ зајакна, но од друга страна, ќе зајакне и режимот, па поларитетот и конфликтноста меѓу двата политички блока, во најмала рака ќе наликува на постојните состојби, со тенденција на влошување.

Секој пораз на изборите е пред се пораз и тој е болен и е мачен. По поразот, очекувано е да се јави фрустрација, резигнација, да се јават нови сомнежи дека не постои спас од лузерството. Во едни такви неповолни околности, СДСМ ќе се соочи со многу предизвици. Сепак, суштествено прашање е каква стратегија ќе изберат социјалдемократите.

Според мене, постојат три опции. Првата е фаталистичка. Таа, во основа значи целосно прифаќање на тезата дека популистот не се победува на избори, туку се чека да колабира режимот, па дури тогаш се прават промените. Колку може да трае оваа историска фаза, никој со сигурност не знае. Но, од друга страна, речиси е сигурно дека популистот паѓа кога ќе остане без пари, т.е. кога ќе му пресушат каналите за финансирање на монструозниот проект. Споредбата е навидум груба, но е сигнификативна и е лесно разбирлива за овдешниот човек – Слободан Милошевиќ беше поразен кога ги потроши парите за великодржавните проекти, а не поради тоа што неговите идеологии се сметаа за погрешни и за опасни.

Според оваа претпоставка, СДСМ нема никаква друга шанса освен да го чека денот на банкротот, а во меѓувреме, треба само да фингира опозиција и да ги одржува партиските механизми во добра кондиција. Значи, ниту ладно, ниту топло, туку само умерено.

Втората опција претпоставува нешто радикално. Тоа би заличило на раскин со минатото, на реконцептуализација, на потрага по нов систем на алтернативност, што подразбира трансформација на ниво на лидершип, на програма, на организација... На тој начин, СДСМ би дала предност на новата агенда, на новиот дискурс, нешто што им го сугерира веќе подолго време и политичкиот противник. Демек, како што кажа Груевски, СДСМ има перспектива ако се реформира, односно, ако се ослободи од Бранко Црвенковски.

Третата опцијата е реалистична и тоа би значело продолжување на постојната практика – да се градат нови линкови со граѓаните и да се засили притисокот врз власта. Претпоставка за оваа солуција е дека социјалдемократите ќе го пребродат изборниот шок, дека брзо ќе се консолидираат и дека ќе се раководат од советот на Бенџамин Френклин: "Подобро е да се држиме заедно, отколку да висиме одделно!"

Што ќе избере СДСМ, најверојатно, ќе се знае многу брзо. Но, според мене, ќе биде погубно ако превладее емотивноста, нервозата и помодарството. Мислам дека е смешно да измислуваме топла вода околу прашањето што е функција на опозицијата и како тоа да се операционализира.

Бидејќи предвремените избори станаа наша судбина, логично се поставува прашањето - кога ќе бидат наредните. За две години или порано? По овие избори се наметнуваат неколку важни заклучоци. Главните поенти од нив се должат на некои искуства, а дел се резултат и на тоа дека секој може да биде генерал по битка.

Овие избори, како и сите досегашни, ги обединува едно заедничко нешто – перцепцијата за победникот е исклучително важен фактор пред секое изборно соочување. На сите досегашни избори, победникот во Македонија се "знаеше", односно, се насетуваше барем шест месеци пред одржувањето на гласањето. СДСМ ги иницираше овие предвремени избори лани во декември, кога повеќето од анкетите покажуваа однос меѓу власта и опозицијата од речиси два спрема еден. Анкетоманијата што ја форсираше власта, меѓу другото, беше во функција на докажување на оваа аксиома – предвремените избори можат да одат во полза само на владејачкото мнозинство. Но, СДСМ се реши да ризикува надевајќи се дека традицијата некогаш служи и да се побие, односно, дека е можен спектакуларен пресврт и тоа во услови на режимизација на системот. Издигањето на СДСМ беше спектакуларно, но, пресврт не се случи.

Овие избори ќе се паметат и по тоа што заличија на борба на слонови во која настрадаа помалите и штотуку родените. Сега не вреди да се занимаваме со прашањата што ќе беше ако беше, кој е виновен а кој не, бидејќи многу претпоставки паднаа во вода, а и изборната вода беше многу гнасна, речиси, смрдлива. Сепак, мој впечаток е дека СДСМ нема веќе право на сличен таков експеримент – предвремените избори стануваат опција само ако расположението на гласачите дава основи за такво нешто.

Значи, довидување до наредните предвремени избори!

 

Слики: Fred Stonehouse

Извор: Глобус, 07.06.11

ОкоБоли главаВицФото