Чираците на Удебето во акција

21.06.2011 11:18
Чираците на Удебето во акција

Кој прв почнал да злоупотребува текстови и фотографии заради дискредитирање на политичките неистомисленици? Гестапо или НКВД? Нацистите или болшевиците? Химлер или Ѓержински? „Одговорот го одвеа ветерот, пријателе“, би рекол Боб Дилан. Но, инспирацијата за оваа долготрајна валкана традиција која не завршува ниту со падот на Берлинскиот ѕид е позната. Тајната полиција на руското царство, позната како Охрана, во далечната 1903 година го произвела и раширила најуспешниот фалсификат на модерните времиња, антисемитскиот памфлет „Протоколите на сионските мудреци“. Тој памфлет го користеле Хитлер, Сталин и Хенри Форд, кој го платил неговото печатење во 500.000 примероци! Во аналите на НКВД и неговите ограноци се забележани фото-монтажи кои „докажувале“ дека бележаните за политички и физички отстрел биле империјалистички агенти. Ни УДБА не е невина кога станува збор за монтирање текстови и фотографии со кои се деградирале политичките противници или се прекројувала историјата.

Зошто се навраќам на отровните испарувања кои се ширеле од мрачните лаборатории на тајните полиции и нивните добро платени или на друг начин врбувани соработници? Одговорот не е одвеан од ветерот, пријатели. Одговорот го гледаме деновиве овде кај нас, во бројните обиди да се запрета злосторството извршено ноќта меѓу 5 и 6 јуни. Одговорот лежи во гнасните, засега несмасни обиди да се дискредитираат протестите на младите и нивните легитимни барања за одговорност на функционерите кои учествуваа во обидот убиството да се прикаже како несреќен случај. Одговорот лежи во горчливото сознание дека нашите властодршци во 2011 година посегнаа по методи од векот на тоталитаризмите.

Не бев во Скопје на 15 јуни кога телевизијата Сител и нејзиниот новинар Марјан Николовски, со една крпеница од зборови и слики под бомбастичен наслов „Политичка позадина на протестите за убиството на Мартин“, се обиделе да ја излажат јавноста дека повеќедневните протести имаат соросоиден „происход“. „Политичките мотиви ги разоткрија организаторите кои деновиве се профилираа како неформални лидери на протестите. Станува збор за луѓе блиски или дел од невладини организации, кои со години соработуваат со СОРОС и Владимир Милчин“, ја изговара првата лага новинарот на медиумот чиј глодур се фали дека е домашен пријател со Никола Груевски. Ниту Петар Стојковиќ, ниту Кирил Ефремовски, луѓето што наводно ги демаскирал Сител, не биле „блиски или дел од невладини организации, кои со години соработуваат со СОРОС и Владимир Милчин“. А како ги „демаскирале“? Така што на социјалните мрежи, тврди Сител, можеле да се најдат фотографии и на Петар Стојковиќ, но и на Кирил Ефремовски, во друштво со Милчин, но и од настани во организација на невладините финансирани од Сорос. Три лаги во една реченица! Во Сителовата крпеница дури нема фотографија на која Петар Стојковиќ е во друштво со Милчин! Вистина е дека пред три години Петар дипломираше на ФДУ во мојата класа. А фотографијата стара барем пет години на која се гледаме јас и група студенти (Петар не е меѓу нив!) во една од предавалните на ФДУ е всушност „фрејм“ од документарниот филм „Милчин – први чин“ на Константин Плевнеш. УДБА би го направила тоа потемелно. Но сегашниве чираци на УДБА се мурдари. Фотографијата на која Ефремовски треба да е во друштво со Милчин „на настан во организација на невладините финансирани од Сорос“ е уште посилен доказ за мурдарлакот на полицајците кои глумат новинари и новинарите кои глумат полицајци. Фотографијата е снимена во октомври 2008 година во хотелот „Холидеј Ин“ на свеченоста организирана и финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, важен донатор кој со договор со нашата влада ја спроведува програмата „Форуми на заедниците“. Тоа се гледа и од фотографијата. На средината од долгата маса седат тогашниот директор на швајцарската владина агенција Ромен Дарберлеј, тогашниот градоначалник на Гази Баба Коце Трајановски, тогашниот градоначалник на Ресен Димитар Бузлевски, директорот на МЦМС Сашо Клековски и Владимир Милчин. Зад масата стои Кирил Ефремовски со документи за потпишување во рацете. И ова треба да биде доказ за врската меѓу Ефремовски и Милчин!

Во крпеницата има уште две фотографии на Кирил Ефремовски. Едната е од конференција за печат на „субверзивното“ ДЕМ (Движење на екологистите на Македонија), а другата е наводно од некаков тренинг во Белград, за кој „изворите на Сител“ откриле (!?) дека бил обука за организација на протести во друга држава!? Да не е сериозно, ќе беше смешно. Но, како и да е, Соросовата фондација и Владимир Милчин немаат никава врска со ДЕМ или со невладините активности во кои „изворите на Сител“ откриле опасности по државата и меѓународното право!

Не го пишувам ова за да се оградам од Петар Стојковиќ и Кирил Ефремовски и од нивното учество во протестите на младите. Не го пишувам ова зашто ме уплаши најновото поглавје на ловот на вештерки што го спроведува телевизијата Сител. Го пишувам ова зашто ми е згадено од отровите со кои нашето општество го загадува пропагандната машинерија на Груевски. Нејзините пиончиња со испрани мозоци пелтечат недоквакано и не се во состојба ни да го прочитаат она што им го напишале во централата.

Го пишувам ова зашто ми е згадено од перверзноста и морбидноста на „познавачите на состојбите“ кои од петни жили запнале, заради прикривање на злосторството, да го омекнат или барем пренасочат гневот на јавноста. Засега тоа не им поаѓа од рака, а нивниот бес само сведочи за мизеријата во која тонат сè подлабоко. Ни инструментариумот на основачот на инквизицијата Торквемада не може да ги одржи на површината и да ги направи повеќе од чираци на една смрдлива практика која одбива да ни се симне од вратот.

Слики: Александар Житомирски

Zgrozen sum od Sitel, prosto

Zgrozen sum od Sitel, prosto nemozam da se iznacudam sto se slucuva!?

A od A1 i od Okno ne si

A od A1 i od Okno ne si zgrozen?

Па си ги заразил со самото

Па си ги заразил со самото свое присуство. И, второ, најде кој да пишува за УДБА.

Голем комплимент (всушност,

Голем комплимент (всушност, најголем) за Окно е кога го напаѓаат талибанско-необолшевистичките тупаници во одбрана на антимакедонскиот груевизам (тоа е сосема јасно, дека груевизмот е против Македонија; а за што е за е малку покомплексно прашање, но за Грција и Србија груевизмот е сигурно).
Така што, Окнаши, само напред! Нема подобар доказ дека сте на линијата на правдата и вистината од пред Окно запенавените груевистички необолшевици!

Море само ОЗНА за вас.

Море само ОЗНА за вас.

Лелеј, Милчин, те молам немој

Лелеј, Милчин, те молам немој да не' браниш.

Koj vi e filmot be decki???

Koj vi e filmot be decki??? Dezurata da ne napishe nekoj nesto loso protiv Vozdot vas?! Ja branite Partijata od vnatresniot neprijatel u slobodno vreme! Sledniot pat koga ke se pogledente u ogledalo, zastanete i pogledete ubavo, toa e liceto na JANICAR!!! JA UBIVATE SOPSTVENATA DRZAVA MISLEJKI DEKA JA BRANITE! Grevovi nema koj da vi kaze.

Koj vi e filmot be decki???

Koj vi e filmot be decki??? Dezurata da ne napishe nekoj nesto loso protiv Vozdot vas?! Ja branite Partijata od vnatresniot neprijatel u slobodno vreme! Sledniot pat koga ke se pogledente u ogledalo, zastanete i pogledete ubavo, toa e liceto na JANICAR!!! JA UBIVATE SOPSTVENATA DRZAVA MISLEJKI DEKA JA BRANITE! Grevovi nema koj da vi kaze.

Јасно е дека на крадците од

Јасно е дека на крадците од власта и на нивните слуги, сила и ароганција им даваат парите со кои си ги полнат џебовите. Така си создаваат слика дека се на вистинската страна. Критичарите се служат со рационални аргументи, со моќта на моралот, но немаат вистинска сила да се спротивстават. Оти овие првиве немаат срам. (ни перде)

ОкоБоли главаВицФото