Тортура на системот

24.06.2011 13:05
Тортура на системот

Да, за жал требаше да се случи ваква трагедија за да се солидаризираме не само во тагата, гневот и желбата за подобро туку и во одговорноста која сите заедно ја сносиме заради премолчување на секојдневни вакви трагедии на кои сме жртви или сведоци. Последниве протести се против полициската бруталност, но тортурата на системот подразбира многу покомплицирани и сложени механизми. Во еден пост не може да се расплетка замрсената бруталност на системот ама може да рефлектираме и заедно да се потсетиме и на други жртви кои не беа јавно оплакани како деновиве, и на други одговорни лица кои сега можеби не се дел од владата, но сносат подеднаква одговорност затоа што го градеа таквиот систем и сè уште го помагаат неговото опстојување.

АЛФИ: полициска единица формирана од владата на СДСМ и Џанго во чиј состав влегоа илјадници улични насилници, тепачи и криминалци кои со 3 месеци курс од државата добија огромни овластувања и одврзани раце. Малтене пара-војска која ја користеа, ја користат и ќе ја користат во иднина (доколку ние не се избориме за спротивното) за валкани игри, претепувања, убиства и малтретирања на граѓаните. Низ блогосферата постоеја многу сведоштва за дивјачкото однесување на алфите, но сепак најтрагичен беше случајот на Трајан Беќиров.

1. Трајан Беќиров беше Ромче на 17 години кое „се самоудави во Вардар“ според тогашното МВР, Судска медицина, власта. Сепак, надвор од официјалните изјави, Трајан и неговиот другар биле тепани од страна на припадниците на Алфите и при бегањето се разделиле. После некое време телото на Трајан е најдено удавено во Вардар. Да се потсетиме на тогашниот премиер – Владо Бучковски, Мери Младеновска Ѓорѓиевска – министер за правда, Љубомир Михајловски – министер за внатрешни работи, и Александар Прчевски – јавен обвинител на Република Македонија. Сите се одговорни!

ЗДРАВСТВО: Здравствениот систем на Македонија треба да е достапен секому, секој има право на живот и здрав живот, секој човек треба бесплатно да ги користи сите здравствени услуги.

2. * Наташа Кметовска (33) почина поради ненавремено пружање на медицинска помош. Вечерта на 31 декември 2005 година Наташа ја погоди заскитан куршум, а во болница докторот ја испратил дома со објаснување дека ја погодила петарда и потоа истиот заедно со персоналот продолжил да си слави Нова година. Владо Димов, тогашен Министер за здравство, Крцковски, докторот кој ја испратил дома (единствениот разрешен во случајов), тогашниот премиер – Владо Бучковски. Сите се одговорни!

* Душко Мамучевски почина поради ненавремено пружање на медицинска помош. Неподвижен, измачен, легнат во амбулатно возило Душко чекаше да го примат во Градската болница во Скопје откако го исшутирале од други болници низ државата. Душко почина. Бујар Османи – министер за здравство, Никола Груевски – премиер на Македонија и сите лекари кои одбиле да го примат на лекување…Сите се одговорни!

* Милан Стефановиќ, сега е без нога бидејќи му е ампутирана поради ненавремено пружање на медицинска помош. Милан бил зависник, а лекарите кога станува збор за оваа категорија на луѓе се мнооогу комотни. Таа комоција Милан го чинеше една нога. Бујар Османи – министер за здравство, Никола Груевски – премиер на Македонија и сите лекари кои одбиле да го примат на лекување…Сите се одговорни!

ЗАТВОР: Институција која освен компонентата да казнува ја содржи и компонентата на поправање, што значи дека затворите не се мачилишта туку казнено-поправни институции.

3. Али Ахмет, Дарко Трајковски, Симон Станковски…. се само последните случаи (сите во 2011 година) на умирање во затвор поради „предозирање“. Како е можно во таква институција некој да се предозира? Во нашите затвори пречесто умираат луѓе од предозирање, самоубиство, насилна смрт… разрешувања нема. Сите се одговорни!

ПОВТОРНО ПОЛИЦИЈА, ТИГРИ

4. Мартин Нешковски (22), убиен од страна на припадник на полициската единица Тигри. Претепан до смрт.

Алберто Стојановски (21) убиен од припадници на специјалната единица Тигри во Виница, 2002. Претепан до смрт. Неговите тројца другари се живи но беа во кома како последица од претепувањето. Обвинетите беа осудени на 3 и 5 месеци!!! По поднесената жалба пресудата се промени на 2 години. По ислужувањето на казната еден од осудените застрела двајца со службен пиштол во кафаната „Деспина“ во Скопје.

Ова се само мал, многу мал дел од случаите кои фрлаат барем малку светло врз она што во насловот го нареков системска тортура. За ваквото систематско насилие кое го вршат институциите на системот врз својот народ никој не презел сериозна одговорност. Никој не смее да биде амнестиран.

Вчера на протестот видов (додуша, мал број) луѓе кои имаат крв на своите раце како бивши припадници на владите кои исто го создале или го оддржувале овој систем. Ја создале варварската полициска единица, заташкувале и помагале во сокривање на слични случаи. Дојде време сите да платите за тоа. Ние решивме да побараме одговорност.

Извор: femgerila.crnaovca.mk, 08.06.2011

ОкоБоли главаВицФото