Кога ќе го заборавиш јули

22.07.2011 14:06
Кога ќе го заборавиш јули

Југословенскиот простор со векови бил длабока провинција. Слабо населена и беспатна периферија на две царства. Овде сè доцнело, од железничките пруги до книжевните трендови. Зад ова тврдење не стојат ни презир ни самосожалување. Едноставно, така е. Патем, тоа не било (не е) непоправливо.

Сепак, постои еден миг, всушност, еден месец, во кој неколкумина овдешни луѓе храбро решиле да бидат дел од светот. Одлуката на Политбирото на Комунистичката партија на Југославија од јули 1941 г. не била само одлука за кревање востание туку и радикално раскинување со провинцијализмот. Тоа бил најзначајниот потфат кој некогаш е инициран на југословенскиот простор: никогаш толку поединци, организирани во една дисциплинирана група, не решиле да преземат нешто толку важно и толку амбициозно. Никогаш ниеден југословенски или јужнословенски потфат не се нашол во толкав склад со акутните потреби на светот, цивилизацијата и човечкиот род.
 
Дали југословенските комунисти – додека Британија горела под бомбите на Luftwaffe и додека се распаѓале советските фронтови – тргнале во својата историска авантура само за да дојдат на власт? Секако дека тоа им била крајната цел, но во јули 1941 г. немале време да размислуваат за Дедиње, Бриони, сребрените чибуци и свилени вратоврски. Тогаш биле само храбри. Биле само неколку илјади среде очајната и исплашена Европа. Презеле огромен ризик кога својата судбина ја врзале за судбината на антифашизмот и тоа во миг кога се чинело дека фашизмот е непобедлив. Се определиле за човештвото на кое му се заканувало уништување. Биле дел од светот. Од друга страна, нивните локални противници во таа светска војна виделе само можност за постигнување на своите, колку злосторнички толку и слепо провинцијалски, цели. На националистичкиот ексклузивизам му се придружила хомогената фаланга џганови, додека комунистите во своето движење успеале да привлечат неспоиви карактери како, на пример, Едвард Коцбек, Витомил Зупан, Јосип Видмар, Владимир Назор, Светозар Ритиг, Коча Поповиќ, Иван Рибар, Саво Оровиќ, Димитар Влахов...
 
На усташите, од чисто практични и технички причини, Хитлер им понудил привид на независна држава. Сигурно усташите биле уверени дека итро го искористиле големиот Фирер. Во втората светска војна гледале само споредна епизода, етапа во остварувањето на својата надвременска државотворна опсесија: Fiat Croatia pereat mundus! (парафраза на славнотоНека се врши правда, макар пропаднал светот!“, која прв ја употреби Слободан Шнајдер во драмата „Хрватски Фауст“)
 
Да тргнеме од препоставката дека не била неразумна четничката стратегија да се чека вистинскиот миг за борба против окупаторите и обидот со тоа чекање цивилното население да се поштеди од угнетување. Да ја дозволиме и можноста дека четничката соработка со окупаторот била само тактичко лукавство. Залудно. Четниците во Втората светска војна виделе можност за пресметка со несрпските нации. Тој еклакантно фашистички мотив ѝ ја одзема смислата на секоја расправа за четничкиот антифашизам. Зад тоа не стоел само злосторничкиот инстинк туку и политичкиот кретенизам кој криењето зад легитимитетот на окупираната држава и нејзината влада во егзил само повеќекратно го нагласувал. На цврст начин квислиншката соработка на Милан Недиќ и Димитрија Љотиќ била демонолошки доследна, во нејзиното морално лудило имало повеќе методи одошто во самонаречената Југословенска војска во Татковината која ги убивала југословенските државјани само затоа што се Хрвати, Босанци или Албанци. Впрочем, дури и самиот Данко Поповиќ во „Книга за Милутин“ убаво рекол дека четниците била само обични гомна?
 
Втората светска војна не ја разоткри само злосторничката нарав на југословенските национализми, туку и нивните неискажливо тесни светогледи и нивната неспособност за сфаќање на светот и стварноста. Дража Михајловиќ собрал тристотини свои истомисленици и по еден Хрват и Словенец во селото Ба за на Светосавскиот конгрес да расправа за иднината на една мултиетничка и мултиконфесионална држава. Мапите на Стеван Молјевиќ според кои Србија се граничи со Словенија и да не ги споменуваме. Иако до самиот крај останале сојузници на Третиот Рајх, веста за падот на Берлин и капитулацијата на Германија усташите не ги доживеале како крај на најголемата војна во историјата туку како крај на нивната крволочна творба која на Хрватска ѝ го одзела името. Секој просечен наркоман заинтересирано би прашал на што биле тие луѓе? Што правеле за да победат? – повторно ќе се запраша еден од ликовите на „Книга за Милутин“. Тоа прашање е толку важно и толку застрашувачко што ни Данко Поповиќ не можеше да го избегне во оној ист роман кој кон средината на 1980-те беше доживеан како magna carta на српскиот национализам.
 
 
И додека биле на власт југословенските комунисти се стремеле кон приклучување кон светските текови. Конечно, биле следбеници на идеологија која имала планетарни амбиции и која била, барем номинално, интернационалистичка. Отпрвин накратко биле дел од советскиот блок. Подоцна нивната либерална фракција се стремела кон поврзување со Европа и Западот. Ако ја прифатиме (сомнителната) теза дека неврзаноста ја оддалечила Југославија од Европа, мора да се признае дека ја приближила кон светот. Неврзаноста била своевидна космополитска критика на евроцентризмот, неспоредливо покреативна од современите антиевропски националистички бесови. Зарем Индија и Египет не се две древни цивилизациски жаришта? Една од поважните културолошки последици на неврзаноста била и отворањето на Југославија кон луѓето од различни раси. Не случајно подоцна критиките за неврзаноста не се воздржувале од расистички испади.
 
Не е ова никаква комунистичка или прокомунистичка завршна реч. По 20 години антикомунистичка хистерија дојде време за смирена анализа на историските и цивилизациските заслуги на југословенските комунисти, па и за вреднување на нивниот потфат од јули 1941, потфат кој, се чини, ќе ја зачува својата морална вредност и по 45 години здодевно величање и по 20 години нервозно негирање. Комунистичките злосторства и морални вратоломии се општопознати, но во однос на квантитетот и квалитетот, а најмногу во однос на мотивите за националистички злосторства, комунистичкото наследство останува морално супериорно. Националистите не ја отежнуваа валоризацијата на комунистичката епоха зашто ја негираа, туку зашто, опсипана со црната светлост на национализмот, таа епоха се доживува како подобра одошто заслужува.
 
Зад порекнувањето на југословенското антифашистичко наследство не стојат само ноторни идеолошки мотиви. Тоа е порекнување беше дел од поширокиот процес на провинцијализација на новите националистички држави и на нивно одвојување од цивилизациските текови, што ја донесе и пораката дека српството и хрватството се поважни од победите во Втората светска војна, па и од сите човечки вредности, односно дека нацијата стекнала статус на божество. Историскиот ревизионизам е само уште еден во низата докази дека југословенските национализми не признаваат ниедна политичка, историска и етичка референтна точка која се наоѓа вон нивниот затворен и маѓепсан круг. Национализмот е психолошка и морална имплозија, потреба за осамено траење во застоената празнина. Тој не е само култура на смртта, туку и паничен страв од животот и светот.
 
Националистите се стремат кон самодоволност и на светот гледаат како на некаков привремен ексцес кој ќе исчезне ако доволно силно ги затворат очите. Во светот гледаат публика чија единствена цел е безрезервно да им се восхитува или со своето непријателство да ја поткрепува пословичната мантра за мачеништво и несфатеност.
 
Провинцијализацијата за националистите е и тактичко средство и стратешка цел. Без неа националистичкиот запчаник не може да се врти ниту без неа може да се трае во национализмот. Националистот е инверзен Робинзон. Тој не копнее за спасување од островот туку копнее по пустиот остров каде што универзалните вредности нема да го попречуваат во сакатењето на Доблестите. Понекогаш тој пуст остров има облик на пивски сандак пред селски дуќан, понекогаш на глува ноќ во која непожелните се изведуваат на губилиште, понекогаш на свечена седница на адакемијата за науки, но тоа се општопознати нијанси.
 
За националистите светот е само лоби во кој со наивни итроштини ќе зграпчат некаква привремена пропагандна корист. Тие во светот не гледаат татковина на човештвото туку непријателска сила која поради своите мрачни заговорнички интереси одбива да признае дека Косово ѝ припаѓа на Србија и дека Хрватска не му припаѓа на Балканот. На светот му е дозволено да постои само ако се објавува во облик на Ален Финкелкро или Петер Хандке, иако и Финкелкро и Хандке не сториле ништо друго освен што самите, за своја сметка, извршија интелектуално и морално самоубиство.
 
Поимот провинцијализам го изгуби своето некогашно значење. Провинцијализмот денес повеќе не е несовладлива зла коб. Стана прашање на избор. Тој е несогласување со светот. Тој е војна против остатокот на светот. Не е тој жабата што ја кренала ногата за да се поткова. Тој стремеж е храбар и поетски во својата дрскост. Таквата жаба се стреми кон нешто поинакво и подобро. Национализмот, пак, е оној вид жаба кој не се интересира за потковување туку исклучиво за сувереноста на нејзиниот воден лист на кој самозадоволно плива низ мочуриштето.
 
Додека притисоците на ЕУ и САД, како и хашките процеси, националистите ги доживуваат како навредлива настрвеност нврз она што тие го нарекуваат достоинство, и додека го одржуваат својот морален и интелектуален солипсизам, тие сепак во една област од човечкото делување се согласуваат со светскиот театар и со универзалното вреднување. Спортот несомнено е нивната најголема и најважна утеха. Тоа е и единственото подрачје на кое постигнаа одредени успеси. Симболично, спортот е продолжение на војната со други средства. Значи, спортот не имплицира прифаќање на светот и прифаќање на себе си како дел од светот. Спортот е борба во која светот се победува. Само во спортот југословенските национализми можат да го надиграат и покорат светот. Јасно, воинствениот симболизам тие го сфаќаат – или, подобро кажано, го чувствуваат – буквално. Како што Фолкскваген Голф е Порше за сиромашниот, така и спортот е мала војна. Оттука доаѓаат оние хистерични дочекувања на спортистите кои така упадливо наликуваат на триумфите и апотеозите на римските војсководци. За националистите спортот не е игра туку сериозна работа и стратешки национален интерес. Тој го оддава нивното потсвесно насетување дека отпорот кон светот е залуден, но и дека е можен единствено во дејноста која соодветно ја имитира војната. Дотолку повеќе секој спортски успех е само уште волшебно огледалце од кое на националистите нивната сопствена немоќ им се кези в лице.
 
Извор: peščanik.net

Колажи: Леша Курбатов

shteta shto nemame vakvi

shteta shto nemame vakvi intelektualci

Што ни фали да ги читаме во

Што ни фали да ги читаме во превод?

Значи ваков РЕТАРДИРАН текст

Значи ваков РЕТАРДИРАН текст одамна немам прочитано.
Како прво во својата содржина овој текст воопшто ниту одговара за македонската историја и реалност, ниту пак црпи примери од неа, а уште помалку има допирни точки со македонската национална доктрина... Бидејќи секоја втора реченица од текстот е класична глупост, човек навистина треба да напише 30 страници А4 формат за да може сите глупости да ги демантира...
(Со исклучок на неколку правилни тези, кој впрочем се дават во глупостите кој се 80% од текстот)

"Националистите се стремат кон самодоволност и на светот гледаат како на некаков привремен ексцес кој ќе исчезне ако доволно силно ги затворат очите. Во светот гледаат публика чија единствена цел е безрезервно да им се восхитува или со своето непријателство да ја поткрепува пословичната мантра за мачеништво и несфатеност." - Господ да чува и да брани!!! Мој совет, ако на човеков му е потребна некоја специјална психијатриска нега, дај да собереме финансиска помош за ја добие...Греота стварно...Треба ли на оваа тотално погрешна теза да одговориме со тоа што всушнот правел комунизмот (со сета своја светла интернационалност во него) на обичниот човек (и тоа од сопствените нации)... Колку глави летнале само затоа што сакале да се прекрстат луѓето(банален пример), затоа што сакале да облечат панталони кои не биле во склад со режимот комунистички (читај диктаторски...Сталин, Мао, Тито, Хоџа...), затоа што неовластено отишле од еден град во друг во сопствената си држава...и тн и тн...
Се чудам самиот на себе...ЗАШТО ВООПШТО ТРОШАМ И ВРЕМЕ И ЗБОРОВИ НА ОВАА ЕПОХАЛНА ГЛУПОСТ ОД ТЕКСТ...

Дарон, не треси глупости само

Дарон, не треси глупости само колку да се напишело нешто. Било забрането да се облечат панталони кои не биле во склад со режимот??? Иди бе! Прашај го твојот Мартин Треневски во кој режим си го смени името од Митре во Мартин. Си видел слики на млади од 60-те, од земјотресот, од 70-те? Како се облечени тие на сликите?

Зборував за комунизмот како

Зборував за комунизмот како глобален феномен (и провери си дали е навистина така пред ти да тропнеш нешто)... а ако анинимниов не знае подалеку од својот нос тогаш тој си има проблем со сопствената си интелигенција, информираност, начитаност... Во Македонија на пример ако кажеш дека си ја сакаш Македонија (без притоа да додадеш дека великиот Тито ни ја ДАЛ државата) слободно си можел да се отпишеш од било каков приватен просперитет и воедно и да бидеш пресреќен дека нема да одиш во затвор, сето тоа благодарејќи на добрите наши водачи, кои за разлика од лошите чичковци во советскиот блок нас дури и ни дозволувале и фармерки да облечеме... ЧИСТА ЕКСТАЗА од живеачка...

простотилак кодошки... ха ха ха

Фантастична анализа!!

Фантастична анализа!! Благодарам што го објавивте, ми го разубавивте денот.

Абе, ај не заебавај, ти го

Абе, ај не заебавај, ти го разубавиле денот. Што ден имаш ти ако ова ти го разубавува. :)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото