Роза Луксембург по вторпат меѓу Германците

27.06.2009 14:05
rosa_l1243825407.jpg

Родена е во Замошч, на 5 март 1871 година како Розалија Луксембург, во тогашните руски делови на Полска, пораснала во Варшава, а новото транскрибирано име, образование и репутација го стекнала во Германија. За неа се вели дека целиот живот останала „егзилантка“ наспроти формалното поседување германско државјанство.

Беше par excellence марксистичка теоретичарка и социјалдемократ, иако нејзиното име до денес неправедно се поврзува само со т.н. комунистичка насилна револуција. На почетокот од Првата светска војна заедно со Карл Либкнехт ја основа „Група на Интернационалата“ од која ќе настане „Спартаковиот сојуз“, го уредува и издава Црвеното знаме, а заради своите уверувања често престојува во затвори. Во дадената историска ситуација што ја понуди 1918 година, станува и една од основачките на комунистичката партија на Германија и првенец на „Спартаковото востание“. Неа и нејзините соборци веднаш ги „прозиваат“ властите, па таа и Либкнехт се убиени во средината на јануари 1919 година. Луксембург и другарите во тоа време правилно процениле дека Германците се изморени од војната, но не сфатиле дека светот сè уште не бил изморен од капитализмот. За тоа всушност станува збор во овие денови, 90 години подоцна. Луксембург и Либкнехт ги убија претставниците на оние сили во германската политичка класа кои 14 години подоцна на тацна ќе им ја предадат власта на националсоцијалистите, тврдат германските историчари.

Колку Роза Луксембург била сестрано образована, слободоумна и правдољубива зборува и нејзината идеја и нејзината теориска оставнина. Имено, според неа, борбата за (пре)власт, за хегемонија мора да биде постојана борба за согласност и поддршка со посредство на квалификуваното мнозинство. Заради тоа слободата и демократијата не се некаков луксуз, туку предуслов за социјалистичките политики. Слободата само за симпатизерите на власта, само за членовите на една партија не е слобода, предупредуваше Луксембург, не колебајќи се да ги критикува и девијациите на Октомвриската револуција, порачувајќи дека „слободата секогаш е слобода за поинакво мислење“.

„Фондацијата Роза Луксембург го носи името на една оф најголемите жени на 20 век“, гласи првата реченица на сајтот „ Rosa Luxemburg Stiftung“, значи фондација нескриено блиска до германската „левица“. Пред тоа, како мото на нејзиното целокупно дејствување се цитираат нејзините зборови: „Како што кажа Ласал, најреволуционерен чин е и останува засекогаш – да се зборува гласно за нештата онакви какви што се“. Неа ова теориско-политичко кредо ја чинеше животот. Како што веќе рековме, на 15 јануари 1919 година во Берлин е свирепо убиена. Прво е мачена, па потоа бездушно и’ е пукано во главата, а сето тоа требало да изгледа како спонтан излив на гнев на разочараната човечка толпа. Нејзините последни зборови биле: „Не пукајте!“. Немало никаква корист од тоа, убиецот само го извршувал налогот испратен од највисокото место. Потоа е фрлена во вода, заврзана за жица, за нејзиниот труп да биде изваден од еден воден берлински одбранбен канал, четири месеци подоцна, на 31 мај 1919 година. Досега се веруваше дека несреќната работничка хероина потоа и конечно била погребана на централните берлински гробишта Фридрихсфелде, но телото на Роза Луксембург и до денешен ден не е погребано, туку е задржано во подрумот на една берлинска болница. За ова овие денови известуваа многу германски весници.

Подрумската рашомонска приказна со трупот на Роза Луксембург почнува да се распетлува кога во подрумите на Институтот за судска медицина, најпозната берлинска универзитетска клиника, на почетокот на 2007 година е откриен еден речиси заборавен труп на давеничка, без глава и рака, на кој не се наоѓала вообичаената картичка од каде потекнува и каде е пронајден. За „трупот во подрумот“ се знаело во болницата, значи, веќе две години, но целата приказна се појави во јавноста дури кога така одлучи шефот на споменатиот институт, професорот д-р Михале Цокос. Тој, имено, подготвувал изложба за историјата на судската медицина во Германија и овој, веќе мумифициран труп во подрумот, му послужил како идеален подарок од небото за јавен публицитет. Тој и неговите соработници, без голем напор, потврдиле дека станува збор за земски остатоци од жена, без глава и екстремитети, која би можела да биде висока едвај 150 сантиметри. Потоа д-р Цокос само ги следел гласините кои веќе со децении кружеле на Институтот за судска медицина во Берлин, според кој овој труп би можел да биде токму трупот на давеничката која во 1919 година е пронајдена во еден берлински воден одбранбен канал.

Професорот Цокос неодамна појасни дека порано важело правилото да се чуваат труповите на т.н. интересни и неразјаснети случаи. Врз основа на сите негови истражувања, тој е сигурен дека во случајот на тогаш обдуцираната жена не станувало збор за Роза Луксембург. Во меѓувреме д-р Цокос го проучил и обдукцискиот извештај на име Роза Луксембург од 1919 година и во него пронашол низа „несогласувања“, како што изјави во едно интервју. Во него ги нема оние факти што ги констатираа авторите на првиот обдукциски извештај за смртта на Роза Луксембург, Штрасман и Френкел, а кој се наоѓа во една воена архива. Според постојниот обдукциски извештај, во врска со жената која е погребана не станува збор за „пукање во главата, ниту за оштетување на ’рбетот, ниту за различна должина на ногата“, забележал Цокос, а сето тоа морало да биде познато и наведено, затоа што Луксембург од раѓањето куцала. Меѓутоа, како неодамна откриениот „труп во подрумот“, сè се поклопува со другите споменати лични карактеристики на Роза Луксембург.

„Во најмала рака трупот има различно долги нозе, што може да се тврди и наспроти тоа што нозете недостасуваат“, тврди Михаел Цокос, „освен тоа, во Лајбницовата лабораторија за утврдување на староста и истражувањето на изотопите, на универзитетот во Кил, со методот C14 е востановено дека трупот на давеничката потекнува од времето на Роза Луксембург“. Но, тоа сè уше не е доволен доказ за да се тврди дека станува збор за земските остатоци на Роза Луксембург, е внимателен Цокос. „Не би се осмелил во никој случај да го кажам тоа – ова тука е Роза Луксембург“, внимателен е Цокос. „Но, не постојат ни индиции кои би го тврделе спротивното. Секако, прилично сум сигурен дека оној кој во 1919 година бил обдуциран бил некој друг“, додава тој. Франфуртер алемане цајтунг пишува дека веќе спомнатите Штрасман и Френекл работеле под голем притисок, трупот требал да се тргне колку што е можно побрзо, затоа што во тоа време во Берлин атмосферата била прегреана.

Одговорот би можел да го понуди форензичката, односно ДНК анализата. „Ние го изолиравме генетскиот материјал на давеничката“, вели Цокос, „но недостасува споредлива проба на Роза Луксембург. Најдобро би било кога би можел да се пронајде нејзин мантил или шал, на кои би биле ДНК траги“, додава тој. На прашањето дали не би било наједноставно да се отвори гробот и да се направи ексхумација, Цокос одговори: „Според моите сознанија тој гроб е отворан уште во времето на ДДР и сега е празен.“ Веќе цитираниот Франфуртер алемане цајтунг потсетува, меѓутоа, дека нацистите уште во 1935 година го отвориле и го сквернавеле спомнатиот гроб, во непознат правец однесувајќи сè што нашле во гробот.

И на крајот, ако се потврдат сомнежите на Михаел Цокос дека Роза Луксембург никогаш не била закопана, тоа би значело дека многу нешта во последните 90 години биле фарса, а трагичната работничка хероина мора конечно да биде погребана. „Тоа, меѓу другото, би значело дека милиони луѓе во последните 90 години посетувале лажен гроб“, изјави Цокос, „а СР Германија како правна наследничка на Вајмарската република би морала да размисли како да се закопа овој труп“. Приказната продолжува.


Извор: danas.rs

ОкоБоли главаВицФото