Грабнувањето на Европа?

10.08.2011 12:03
Грабнувањето на Европа?

Благодарение на медиумите веќе знаеме речиси сè за 32-годишниот Андрес Беринг Брејвик, чие злодело однесе 93 човечки животи. Веднаш се смислени разни теории на завери, јавноста е згрозена, некои претскажуваат апокалипса, некои сето тоа рамнодушно го примаат, некои, пак, не би сакале ништо да знаат.

Во секојдневниот живот ги водиме своите мали борби, нешто некаде се случило, и се смируваме себеси дека се случуваат катастрофи за кои не можеме да предупредиме. Преполн сум со недоумици среде оваа буица од информации. Со сигурност се знае дека Брејвик самиот се декларира како припадник на екстремната десница, која ја придвижува борбата против исламот и марксизмот, но тоа ни оддалеку не е исцрпен одговор. И несигурноста на десниот центар е само половично објаснување. Сведоци сме на подлабоки, тектонски промени, експанзијата на крајната десница е само последица.

Во Европа се случува нешто за што нема задоволувачко објаснување. Преовладуваат збунетоста и недоумиците. Велат дека 20 век беше век на тоталитаризми и на диктатури, и ако тоа е точно, тогаш нè чека период на распад на тоталитаризмот на неговите екстреми. Тоталитаризмот се распадна на парчиња, и сега тие парченца, осамостоени, продолжуваат да живеат. Или оваа прва деценија на 21 век е само вовед во мистериозната иднина?

И среде оваа нова неизвесност се присетувам на книгата на Шандор Мараи „Грабнувањето на Европа“. „Нишалото на часовникот на светот се ниша“, повторно ги читам речениците запишани непосредно пред Втората светска војна, „и можеби ќе се заниша токму над Европа“. Па продолжува на овој начин: „Но, кај никого и кај ништо не се чувствува дека верува во мисијата на Европа, како што во таа мисија веруваа Колумбо, Микеланџело, Гете, Планк или Ајнштајн. Нешто од Европа грабнаа дивјачките сили кои со железна метла поминаа над градовите и боиштата. Луѓето живеат, зашто да се живее е органска можност, па и во Европа. Но, животот без вдахновенија не е улога, туку само вегетирање. Во Европа не останаа без вдахновенија само генерациите, туку и целиот континент“.

Кога првпат ги читав овие редови, книгата на Мараи, објавена во 1947 година, ја најдов во една будимска антикварница, во 1967 година. Тогаш мислев дека Мараи сепак згрешил. Дека ја надминавме кризата. Имав целосна доверба во Европа зашто таа претставуваше последен зрак на надежта. Далечна иднина. Само надеж, зашто кон крајот на седумдесеттите години сè уште не ни помислував дека за само десетина години ќе следат системски промени. Дури ни во средината на осумдесеттите не помислував на никаков крупен пресврт, повеќе сметав на компромисите на тешкиот, бавен од. На тоа дека полека, влечкајќи се, ќе се доближуваме во Европа.

Во тоа време Европа беше тајна лозинка на мојата генерација. Во Нови Сад и во Белград, во Будимпешта и во Љубљана. Но, сето тоа првенствено беше еден културен проект, културата беше химна на надежта. А потоа социјалистичките земји во рок од неколку кратки месеци се најдоа во услови на слободен пазар, парламентарна демократија, повеќепартиски систем. Културата на тоа беше подготвена, но не и политиката. Меѓутоа, културата залудно беше подготвена, испадна наскоро дека таа во „новата демократија“ воопшто не е важна, зашто граѓанското општество е воспоставено без автентичен граѓански слој, носителите на културата.

Колку културата повеќе беше деградирана толку повеќе растеше разочарувањето од Европа. Со тоа разочарување се соочив по распадот на некогашна Југославија. По војните! По оние војни во кои носталгијата по Европа беше последната сламка за спас. Или ќе се воспостави единството на Европа, или ќе го изгубиме и она што од неа преостана. А притоа се зголеми антиевропското расположение. Значаен дел од младината сака национална држава, а за остварување на таа цел скршнува десно. Каде ќе заврши новиот, долг марш?

Веќе на „европејството“ не му се потсмеваат само назадните „старци“. Тие, во најдобар случај, само безволно муабетат. Сега на улиците излегуваат млади демонстранти и страсно ја одбиваат Европа. Европејството и космополитизмот веќе не ги осудуваат ортодоксните комунистички раководители, туку младите кои, благодарение на милоста што доцна се родиле, со чиста душа го одбиваат она за што јас со не мала грижа на совест сонував.

Во врска со тоа на ум ми паѓа еден од моите литерарни херои, од мојата последна книга, кондуктерот кој признава дека само заради тоа се зачленил во партијата, за да може да ја види Европа. Зашто само партиските кадри можеле да бидат кондуктери на меѓународните автобуски линии. Имам чувство дека тој кондуктер и мене ме поставува пред искривеното огледало. Затоа го прифатив капитализмот, навистина со гадлива и нечиста совест, за да и’ се приближам на Европа. Наспроти тоа што мојата модерна европска култура не беше со капиталистички дух. А на Запад и денес е така: културата не е лакеј на демократијата. Во источниот дел од Европа, меѓутоа, нештата поинаку се развиваа. Се помирив дека во Европа ќе стигнеме по „капиталистичкиот кат“. Како поинаку? Секоја критика на капитализмот побудува сомнеж во носталгијата кон диктатурата. Човекот од дух е осуден дека е малодушен, дека се препелка меѓу крајностите. Би морал да се движи по средниот пат, но среден пат нема, во средината постојат само со жбунови зараснатите патеки по кои лесно може да се заталка.

На маргината на мојата нова книга

Прелистувајќи ја својата нова, неодамна на унгарски јазик објавена книга со дневнички белешки, согледувам дека јавното мислење потсетува на своевиден танц на жица. Балансирам на тенката жица распната над амбисот, и можеби не се плашам толку од бездната под себе, колку од стрелите насочени кон мене од сигурните брегови. Можам да ги разберам стрелците, за нив гротескните движења на човекот кој танцува на жицата се антипатични, неразбирливи и штетни. А има меѓу нив и добронамерни пријатели, кои мислат дека е подобро стрелата да се затегне, зашто ветува достоен крај, за разлика од несмасниот пад во амбисот.

Извор: Autonomija.info

Слика: Анри Матис, Силувањето на Европа

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото