Досие 25630 (5)

15.08.2011 09:55
Досие 25630 (5)

Патологијата на хајката која деновиве ја водат против мене загарите на Груевски секојдневно ми дава материјал за идните театарски проекти. Веќе имам една сцена: Тајната вечера на која околу масата седат неколку Јуди, сите мегафони на Груевски, кои се насладуваат на мојот портрет со црн флор. Вечерата ја платил еден бизнисмен, татко на еден од министрите во владата на Груевски. Колку сребреници добиле овие Јуди не е познато. За оваа тајна вечера пишуваат Јадранка Костова во „Фокус“ од 11 август 2011 година и Бранко Геровски во колумната „Јесен стиже, Дуњо моја“.

По секоја цена да ме спречат да патувам за САД

Еве за што уште известува службената белешка од 21.6.1977 година: „На 16.6.1977 година е обавен разговор со (името покриено со црно, м.з.), театарски критичар и (претпоставувам дека функцијата му е покриено со црно, м.з.). Разговорот е обавен по наша иницијатива во неговата канцеларија. Со изворот е разговарано во врска со личноста ПОО 'Драматург', по конкретно за неговиот настап со режијата на 'Зидот, водата' во Братислава, контакти на истиот со лица овде. Истовремено со изворот беше разговарано и околу податокот добиен преку 'Полог' за (покриено со црно, м.з.), а се однесува на некој паричен износ од осум милиони. (Име или псевдоним, одново покриено со црно, м.з.) изнесе дека настапот на 'Драматург' во Братислава преку горе споменатото дело, според него претставува 'Диверзија'. Тоа го образложи со тоа што самото дело за наши прилики, овде, е сосема нормално да се постави на сцена. Меѓутоа за прилики какви што се во ЧССР и другите источно-европски земји, акцентирањето на анти-сталинистичките секвенци добиваат сосема друг епилог. А некои наши соседи, во конкретниот случај НР Бугарија, и те како знаат да го исползуваат тоа, на сметка на односите наши на културен план со Чешка. Случајот е јасен, веднаш по симнувањето од репертоарот на горе споменатата претстава, беше ставена на репертоар претставата од софискиот театар 'Иван Вазов', а реперкусиите што уследија према одредени раководители во Братислава, како и према некои функционери на висок положај, министерот за култура на Словачка, горе-доле се познати. Од неговите контакти со некои лица во Полска, изворот разбрал дека најмалку пет лица биле сменети од положај, меѓу кои бил и министерот за култура на Словачка, кое работно место дошло во прашање. Сето ова според изворот има и ќе има и во иднина одраз на односите меѓу ЧССР и СФРЈ на културен план, а тоа секако им оди во прилог на Бугарите. Според изворот, одговорноста за сета оваа работа првенствено ја става на директорот на драмата при МНТ Живко Чинго, управникот Стојмир Поповски и секако на 'Драматург' кој му е познат од поодамна како неоформен автор, учесник во белградските студентски настани во 1968 год. Како студент, подоцна по дипломирањето со неколкуте обиди за формирање театарски групи овде, неколку настапи со истите и др. Меѓутоа како искусен театарски критичар, изрази мислење дека барем до сега на театарски и уметнички план не покажал ништо особено. Тоа нешто го чини да е во кризна состојба, незадоволен од себе, кое нешто може да најде одраз во натамошната негова работа. Неговото заминување за САД може и те како да најде место во професионалната ориентација на уметнички план па и идеолошки. Затоа изворот смета дека 'Драматург' воопшто не е подобна личност да престојува во САД, во тоа истиот беше толку категоричен да сугерираше по секоја цена 'Драматург' да биде спречен да отпатува за САД. Ова негово заминување за САД изворот го доведува во врска со шефот на американскиот информативен центар, Ричард Гонг, кому секако 'Драматург' му дошол во кругот на неговиот интерес, особено по случајот во Братислава. За илустрација, во смисла на агресивноста на Гонг, изворот изнесе, за начинот на кој тој делува.“ (Што изнесол изворот за агресивноста на Гонг, кого што јас одвај го познавав, само Господ знае. Инспекторите не запишале ништо, м.з.).

Во вториот дел од оваа службена белешка, инспекторите пишуваат: „За (псевдоним покриен со црно, м.з.), изворот рече дека пред некој ден се видел поради некои негови долгови во врска со станбен кредит добиен од РТС уште кога таму бил вработен. Со него, изнесе изворот, бил во пријателски односи, и како автор високо го цени. Изнесе дека (псевдоним покриен со црно, м.з.) е незадоволен од третманот на факултет, а посебно од условите за натамошно дошколување на Универзитетот. Уочувал некои слабости, посебно околу стекнување на докторски титули кај нас воопшто.“

Оваа гогољевска белешка очигледно не се однесува на мене. Јас ниту сум бил вработен во РТС ниту некогаш сум користел станбен кредит. Но, третиот дел од оваа службена белешка се однесува на мене: „Изнесеното од изворот за 'Драматург' во Братислава е еден вид дополнение на нашите сознанија. Во таа смисла ќе бидат обавени разговори и со др. лица упатени во тоа. Податокот за делувањето на Гонг према 'Драматург' ќе биде проучен. Што се однесува до неговото евентуално заминување во САД, на мислење сме дека оценката на изворот е на место, ако се земе предвид поранешната активност на споменатиот. Од разговорот за (псевдоним покриен со црно, м.з.) сметаме дека постојат услови за користење на изворот како наша позиција посебно према него. Во смисла на тоа ќе се работи и понатака.“

Потписите на двајцата инспектори се покриени со црно, а во горниот десен агол од службената белешка со ракопис е допишано и заокружено: „'Драматург' е одбиен од Фулбрајтовата стипендија.“ Потписот е нечитлив. Мисијата ја оствариле, не ја поминав југословенската селекција. А Фулбрајтова патна стипендија добив, без да ја барам, дури при крајот на 1991 година. Првите истрели во Сараево ме затекнаа Њујорк, на крајот од крстосувањето по театарска и филмска Америка. Во групата со мене беше и актерот Емил Хорват Полмадиот, кој во забранетата „Голема вода“ го играше поетот Лем Костадиновски.

Информативниот разговор за „Големата вода“

За да го завршам поглавјето за „Големата вода“, сега ќе се вратам на службената белешка од информативниот разговор од 9.03.1977 година:

„ИЗВОР: ПОО 'Драматург' – Податоците се однесуваат за неговиот престој во Братислава – ЧССР – Разговорот е обавен на ден 3.03.1977 година од 11-13,30 часот во аперитив барот во хотел 'Панорама' по наша иницијатива. Оперативни трошоци – 68,00 динари. II – Со ПОО 'Драматург' е обавен разговор со цел да се расветлат некои моменти од неговиот престој и работа во Братислава, а посебно поради забраната за изведување на делото 'Големата вода' од Живко Чинго во негова режија во театарот 'Нова сцена' од Братислава. III – Податоци што ги даде изворот: Соработката помеѓу нашиот театар МНТ и театарот 'Нова сцена' од Братислава – ЧССР датира уште од 1972 година кога ние со две претстави гостувавме таму и тоа со 'Дете на сонцето' (инспекторот не дочул, се работи за 'Деца на сонцето', м.з.) и 'Црнила'. Пред тоа од наша страна на неколку дена бевме јас, Бранко Костовски-сценограф и Борис Стефановски /починат/ заменик управник на МНТ. Уште тогаш бевме примени доста резервирано, протоколарно и се доби впечаток дека многу не се заинтересирани за соработка. Тоа веќе се потврди при гостувањето почнувајќи од 'режираната' публика на претставите – војници и школска младина, преку смештајот, отсуство на контакти со нивните артисти, „диригираната“ домаќинка – преведувачка Бугарка по име Марија која не ја прифативме (јас преведував од словачки, м.з.) и слично. Во 1973 година за време на Словачките денови на култура во Скопје тие беа наши гости и беше потпишан договор за соработка помеѓу нашиот и нивниот театар. Тогаш имаше прилично несимпатичен настан со една нивна артистка – која наводно била силувана. /За словачките денови на култура и за сè што се случуваше има оформени материјали – забелешки на инспекторот./ Изворот понатаму рече, дека по сето тоа две години запрела соработката, сè додека по претходни договори и преписки не отидовме јас, Стојмир Поповски – управител на МНТ и Живко Чинго – директор на Драмата при МНТ во септември 1975 година во Братислава на разговори. Тогаш отворено на ниво на раководители на театрите водевме разговор да продолжи соработката и ги поканивме да земат учество на прославата на 30 годишнината од Македонскиот народен театар во ноември месец 1975 година, што тие го прифатија и беа гости со претставите „Вујко Вања“ и „Дом за најмладиот син“ /за интересни сознанија од нивниот престој има оформени материјали – забелешка на инспекторот. Во март месец 1976 година во Скопје престојувале Владимир Стрниско (режисер, м.з.) и Мичинец (Станислав Мичинец, главен драматург на 'Нова сцена', м.з.), гледале неколку претстави и се одлучиле за „Големата вода“ од Ж. Чинго да се постави на нивната сцена. Поради тоа јас во јуни месец 1976 година, бидејќи бев одреден да ја режирам претставата, заминав за Братислава, за да направам поделба на улогите. Тогаш за време на неколку дена бев добро примен, посебно од артистите кои во 1970 година поминале /административно/ од театарот „Дивадло на корзе“ во „Нова сцена“. По нивно кажување тој театар бил затворен по интервенција на конзулот на СССР во Братислава поради поставување на проблематични авангардни текстови на програма. Раководител на тој театар бил Владимир Стрниско, а артисти Милан Књажко, Мартин Хуба, Јурај Кукура, Магда Вашариова, Маријан Лабуда и Магда Шеперцова (од каде го извадил ова име инспекторот не знам, м.з.). Од 18-24 октомври 1976 година МНТ гостуваше во Братислава со две претстави и тоа 'Отепвачка' во режија на Бранко Ставрев и 'Соблазна во Шентфлоријанската долина' од Иван Цанкар во моја режија. За време на престојот бевме добро примени и меѓу другото стана збор за тоа како кон крај на годината ќе дојде во Скопје Владимир Стрниско за да работи на претставата 'Крчма под зеленото дрво' на Петар Ковачиќ (Петер Ковачик, м.з.), а и како јас во исто време треба да појдам повторно во Братислава за да работам на 'Големата вода'. Меѓу другото, што посебно ми падна в очи беше многу слабата посета на нашите претстави од страна на луѓе од културните средини во Братислава, на наше прашање зошто е тоа така ни беше објаснето дека тоа е веќе појава и поголем дел на културни работници се во изолација. (Тука инспекторот се уфрла со реченицата: Понатаму во разговорот ПОО 'Драматург' исклучиво се задржа на неговиот престој во Братислава оваа година, поточно од 6 јануари, сè до забраната на претставата и неговото враќање во Скопје. Тој хронолошки ги изнесе следните податоци):

„Веднаш по пристигнувањето, уште на железничка станица, директорот на театарот Далибор Хегер му скренал внимание дека текстот на 'Големата вода' е шкаклив и дека тој треба да биде опрезен. Откако текстот бил разделен на артистите, изворот преку Милка Штерцова (втор драматург во театарот, м.з.) дознал дека Серина, административниот секретар на театарот, му забележал на драматургот Мичинец за изборот на 'Големата вода', ова пред заминување лично му го признал и Мичинец. Милан Књажко на изворот му се доверил и му рекол дека еден од артистите, (Душан, м.з.) Блашкович, кој требало да го толкува ликот на Аритон, гласно негодувал во паузите на пробите, велејќи дека тоа е патолошки тип, спротивен на неговите политички убедувања, поради што не сака да игра, но мора. На првата заедничка проба Мичињец пред сите артисти рекол дека слуша разни гласини, но дека со полна совест 'се одлучивме да ја работиме претставата и дека е најдобро да се прифат сите за работа'. Во овој период посебно за одбележување било симптоматичното боловање на Петер Дебнар, зет на Виктор Блахо - артист, инаку кадровик во театарот и, по мислење на изворот, сива еминенција. Дебнар е единствен член на партијата од групата артисти кои дошле од 'Дивадло на корзе', а неговата сопруга била вработена во 'ЛИТА' – литературна агенција во Братислава – преку која се размножуваат текстови и која дава одобрување за тоа. Околу 15 фебруар на една од пробите присуствувале Далибор Хегер и шефот на драмата Хана Ковачикова без да ги повика изворот, а по два дена секретарот на театарот Рудолф Ленски преку асистентот Павол Микулик (тој ми беше асистент на режија, м.з.) инсистирале да на една од наредните проби биде покажана целата претстава бидејќи така барала Ковачикова поради тоа што истата треба да ја видат некои луѓе. На првата наредна проба изворот не ја поставил целата претстава, после пробата дошло до негодување кај дел од артистите – дека тие воопшто не ја разбираат претставата. Дотогаш на пробите доаѓала Милка Штерцова /драматург – која до 1969 година била во министерството за култура, а потоа по исклучувањето од партија се префрлила во театарот/, но неа ја заменил Мичинец поради тоа што паднала под влијание на изворот, според мислењето на директорот Хегер. Во меѓувреме изворот поради новонастанатите ситуации почнал да размислува да 'скокне' на два дена до Скопје за да се консултира со своите претпоставени, ова уште повеќе откако другарски бил предупреден од Милан Књажко и Штерцова оти Хегер зборувал како претставата е опасна, посебно по објавувањето на 'Харта 77' /'Повелба 77'/, или треба да се менува или да не дојде до премиера.

На 4 фебруар изворот прв пат по доаѓањето во Братислава во хотелот каде живеел, 'Татра' – блиску лоциран до театарот и во кој можеле да отседнат само гости од ИЕ земји и домашни туристи, во кој не можело да се прати ТВ програма, приметил дека во неговата соба во негово отсуство имаат влегувано луѓе и претурано по неговите работи, при што ништо не било земено. За ова тој не обавестил никого, но утредента заминал за Скопје. По доаѓањето разговарал со Стојмир Поповски и Живко Чинго /за ова има оформено материјал – забелешка на инспекторот/ (како ли го оформиле материјалот, м.з.).

По враќањето од Скопје, откако им реков дека за сè треба да се тие договараат со мојата дирекција и дека како режисер не можам да правам интервенции во текстот, Хегер после една претстава (премиерата на 'Дом' од Дејвид Стори на која присуствуваше и најмоќниот човек во Братислава, генералниот конзул на СССР, м.з.), на 11.02.1977 година, се задржал со изворот во разговор и му рекол дека тој е 30 години член на партијата, дека она што го видел на пробите на 'Големата вода' е страшно, дека изворот треба да ја свати нивната ситуација. Режијата е таква што давала метафорични димензии на текстот. Не можам да правам некој притисок врз вас – предложил (белки продолжил, м.з.), но немој случајно да даваш интервју во Белград, оти јас можам да дојдам во Скопје и дури тогаш ќе видиме кој сум. ПОО 'Драматург' гледал што побргу да го заврши разговорот бидејќи Хегер бил во пијана состојба. Во меѓувреме артистите еден по еден на пробите му се извинувале на изворот за онаа инсинуација дека не ја разбирале претставата. На 24 февруари за Скопје требало да заминат Ковачикова, Мичинец и Петар Ковачиќ (инспекторот упорно го 'посрбува' Петер Ковачик, м.з.) – тие требало да присуствуваат на премиерата на 'Крчма под зеленото дрво' во режија на Владимир Стрниско, но за Скопје заминал само Петар Ковачиќ.

Истиот ден Штерцова го прашала изворот дали 'Повелбата 77' е објавена во 'Борба', органот на СКЈ, и дека нашиот (југословенскиот, м.з.) став е за неа (од ова не може да се разбере дека на Милка Штерцова ѝ рекле дека СКЈ официјално ја поддржал повелбата што, за жал, никогаш не се случи, м.з.), при што додала дека партискиот комитет на театарот заседавал во ресторанот 'Олимпија'. (Овој дел е неточно запишан и претставен, зашто тоа не беше Штерцова, туку Хегер, м.з.) И покрај тоа што не верував (дека СКЈ во 'Борба', која беше орган на ССРНЈ, ја поддржал дисидентската повелба м.з.), отидов со Хегер кај Благој Михов во конзулатот за да се информирам, како и да го информирам за сè што се случува. (Ситуацијата беше подраматична. Хегер дојде доцна навечер кај мене во хотелот инсистирајќи да се спакувам и да ја напуштам Братислава зашто 'мојата партија во својот орган ја подржала дисидентската повелба'. Јас и конзулот Михов на полноќ ги вртевме и 'Борба' и 'Комунист' и не најдовме ништо такво, м.з.). Претходно истата вечер во кафеана Хегер ѝ рекол на Милка Штерцова дека изворот ПОО 'Драматург' во колку не си замине, Хегер ќе бара од артистите кои биле потписници против 'Повелбата 77' да не играат во претставата. /со други зборови да се минира претставата, бидејќи само двајца не ја потпишале Декларацијата против Повелбата - Маријан Лабуда и Зита Фуркова – објаснение на изворот/.

Во петокот на 25 февруари вечерта Ковачикова му рекла на изворот дека Хегер не може да се најде себеси (?!) и дека за жал нема ништо од премиера на неговата претстава, но дека во понеделник на 27 февруари тоа званично ќе му го каже Хегер. Во саботата на последната проба се чувствуваше дека сите артисти веќе се информирани за сè, а и надворешни луѓе веќе знаеја за состојбите во 'Нова сцена'. Артистите беа извонредни на пробата, а на паузата ми пријде Ковачикова и побара пробата да престане оти во салата имало многу луѓе од полицијата, што јас не го прифатив, вели изворот. По пробата сите отидовме во хотел 'Карлтон'. За сè ова јас лично разговарав со Благој Михов и од конзулатот се јавивме по телефон на Радиќ – политички советник на нашата амбасада во Прага.

По мислење на изворот, а верувам дека за тоа допринел и ангажманот на Благоја Михов, одговорните луѓе во културата и театарот во Братислава играле пред сè на една 'карта', а тоа е на 27 февруари поради тие настани да не дојде до премиера на нивната претстава во Скопје, како би имале добар товар (белки изговор, м.з.) за објаснување на стопирањето на премиерата на 'Големата вода'.

Во понеделникот на 27.02. оваа година, изворот бил повикан во дирекцијата на театарот 'Нова сцена' и Далибор Хегер му рекол дека официјално 'ЛИТА' го одбила текстот на 'Големата вода' (неколку месеци откако текстот беше преведен на словачки, м.з.) поради тоа што на време не бил регистриран, наводно секој текст што театрите во ЧССР сакаат да го играат треба 18 месеци пред тоа да биде објавен, што е и случај со 'Големата вода', тоа е законска обврска и ништо не може да се стори. Изворот напомна дека оваа законска обврска е од втората половина на 1976 година, а 'Големата вода' веќе била отштампана во првата половина на 1976 година. Истиот ден Благој Михов бил кај (Мирослав, м.з.) Валек – министер за култура на Словачка, каде добил објаснување дека театарот 'Нова сцена' е крив за сè, оти тешко ќе бидат казнети, но дека длабоко е уверен оти соработката помеѓу двата театри ќе продолжи, но дека треба да се најде друг текст. Кога Михов побарал објаснување дали имаат некоја примедба на работата на режисерот, во случај изворот, тој (министерот, м.з.) негативно одговорил. Истиот ден на разговор кај секретарот на ЦК на Словачка Пезлар биле артистите Душан Блашкович, Владо Костович и Игор Чилик. Вечерта Игор Чилик по телефон се јавил кај Милан Књажко кај што бил изворот и порачал тој утредента во о,9 часот (чуден начин за пишување на времето, м.з.) да оди кај Хегер.

Сабајлето го примиле Хегер, Влах (партискиот секретар во театарот, м.з.) и Ковачикова. Му рекле дека се задоволни од неговата работа и дека идната сезона слободно може да дојде да работи друга претстава, а воедно да ги поздрави сите во Скопје и им пренесе дека тие не се криви за ништо. По ова изворот им се заблагодарил и им рекол дека за сè можат писмено да се обратат до МНТ во Скопје и се поздравил со сите.

Во продолжение на разговорот ПОО 'Драматург' напомна дека за време на целиот престој во ЧССР немал никакви контакти со нивните органи за безбедност, но имал впечаток дека административниот секретар Серина (пријателите ме предупредија дека тој е рускиот човек во театарот, м.з.) знаел сè и го имал секогаш на око. Во една прилика почуствувал дека Желмира Слиманова имала желба да воспостави фиксирани (белки фингирани, м.з.) блиски контакти со него во барот во хотелот по еден прием на министерството за култура каде ја запознал, таа му се поверила дека поради тоа што имала контакт со некој наш човек од амабасадата лошо гледале на неа. Изворот по краткиот разговор со неа повеќе не се среќавал. Јан Солович – секретар на Друштвото на словачките писатели моментално бил носител на процесот на 'консолидација' и дека Валек – министерот за култура на Словачка е компромисна личност пред сè бидејќи и тој бил потписник на '2000 зборови' (протест против окупацијата на ЧССР од септември 1968 година, м.з.). Што се однесува до 'Повелбата 77', чувствувам дека тие имале перманентен интерес дали кај нас е објавена и каков е нашиот став по неа.

Инаку од Словачка потписници на 'Повелбата 77' биле само двајца и тоа: Долмник Татари (Доминик Татарка, м.з.) – поет и Јуриј Јакобиску (Јурај Јакубиско, мз.) – филмски режисер. По мислење на изворот поголемиот број културни работници преќутно се сложуваат со текстот на повелбата. 'Тој е точен, но тие (Хавел и другите дисиденти, м.з.) ни ја комплицираат и онака тешката ситуација'.

Стално присуство на ТВ програмите и во печатот. (Претпоставувам дека инспекторот мисли на нападите против повелбата во чехословачките медиуми, м.з.). Голем простор посветено на обвинението што го објавил органот на КП на Португалија (и ова е нејасно, но најверојатно се однесува на судирот меѓу брежневистичките и еврокомунистичките партии, м.з.), пренесувани написи од советскиот печат за Орлов, Буковски и Гинзбург (познати советски дисиденти кои јавно протестираа против интервенцијата на варшавскиот пакт во ЧССР, м.з.). Потоа биле посветувани цели страници со потписи против повелбата. Во последно време најактуелен виц кој по мислење на изворот дава една слика за моменталните состојби во ЧССР бил: 'Дали знаете дека ЧССР има 30 милиони жители? - Не, ЧССР има 15 милиони жители. – Да, но ако се земе дека 15 милиони се за повелбата, а 15 милиони се против неа, тогаш се 30 милиони.' (Ако не ме лаже меморијата, ова ми го кажаа Ласица и Сатински, авторите на 'Сојтарии', м.з.).

На крајот од разговорот изворот рече дека тој по службена должност ќе направи информација до МНТ и до Комисијата за културни врска со странство на СРМ“.

Во оперативната забелешка на крајот инспекторот напишал: „Со изворот се договорив да доколку некој писмено му се јави од ЧССР во врска со неговиот престој, за тоа ме обавести. Лично мислам при тоа имајќи го во вид однесувањето на ПОО „Драматург“ за време на разговорот, тој чувствува одредено задоволство што сè се има случено околу забраната на премиерата на 'Големата вода' и дека тоа ќе го искористи во градење на личен престиж во средината каде работи и живее. Со материјалот да се запознае инспекторот (името покриено со црно, м.з.)“.

Моќта на интуицијата

Јас и Ема заминавме за Виена на 2 јули 2011 година да ги видиме тукушто родениот внук Илија, ќерката Марија и зетот Ханес. Ден порано седев во „Менада“ со Франк Моравјец од Француско-германскиот младински совет, организација што ја формирале Шарл де Гол и Конрад Аденауер и ѝ дале задача да работи на француско-германското помирување по Втората светска војна. Таа организација финансираше четири работилници за млади француски, германски и македонски актери што ги водев јас. Работилниците беа одржани во Скопје, Париз, Берлин и Лион. Франк инсистираше да се видиме пред да заминам на одмор за да се договориме за темата на следниот циклус работилници (во 2012 година). Јас му предложив работниот наслов да биде „Досие“, а материјалот за работилниците, кои секогаш завршуваат со јавни презентации, да се состои од книгата „Штазиленд“ од Ана Фандер, досието и малите прози на Данил Хармс и, половина на шега, моето досие 25630. Франк беше воодушевен, особено за моето досие. Ниту тој ниту јас не помислувавме дека истото досие по дваесетина дена ќе биде злоупотребено против мене. А една од првите пораки на поддршка и доверба што ја добив уште пред враќањето во Скопје беше токму од Франк.

На 5 јули 2011 година јас и Ема направивме краток излет до Братислава. Ема никогаш не била во Братислава и јас сакав да ја искористиме близината (од Виена до Братислава се вози 40 минути) за да ѝ го покажам градот во кој ми беше забранета „Големата вода“. Се разбира, го побаравме и театарот „Нова сцена“. Не ми требаше многу за да го најдеме, но театарот беше затворен поради летната пауза. Ема ми направи неколку фотографии пред реновираната фасада на театарот во кој денес се играат само оперети и мјузикли. Во рацете држев кеси со купените книги од луѓето со кои работев и се дружев таа година во Братислава (Књажко, Лабуда, Ласица и Сатински) кои планирав да ги читам веднаш по враќањето дома.

Наместо книгите, морав одново да го препрочитувам досието 25630, оружјето со кое некои во „службите“ во 1977 година наумиле „Големата вода“ да ја претворат во „матна вода“ во која ќе ме удават. Нивните денешни следбеници, правнуците на Торквемада и Берија, се обидуваат да го направат она што не успеале да го направат нивните учители.

Денес, во 2011 година, досието 25630 е моето најсилно оружје. До следното, шестото продолжение...

Колажи: Ричард Расел

Претходните делови се достапни на следниве линкови:

Досие 25630 (1)

Досие 25630 (2)

Досие 25630 (3)

Досие 25630 (4)

Ми текиња на онаа кампањата

Ми текиња на онаа кампањата за референдумот ... " Некои прашања не заслужуваат одговор " ... иначе ми дојдоа дома , и ги советуваа мајк ми и татко ми некако дека не е арно да се појават оти работеле државно ... е сеа коа му дојдоа на него дома , нешто не му е у ред ...

Милчин, секоја поддршка!

Милчин, секоја поддршка! Вашата почетна сцена, со „гробарите“, ме потсети на славната песна на Крлежа...

Nad otvorenim grobom, tužni zbore,
ko kretnje nosoroga kretnje su mu trome!
To rilo vukodlaka, to tapirsko lice,
sa ugledom svoje posjetnice,
i svetokrugom doktorske diplome
obmanjuje naše gluhonijeme gnome.
On „k svojima je svoj“, a oni „svoji k svome“!
On dika je narodna i rodoljub i uzor muž i šef,
a gnomi piju špricere, kartaju se: karo, pik i tref,
a sve je pjesma dosadna i otrcani pjev!
I sve je priča pogrebna i žalost očenaša
i sve je pelin, nikotin i otrovana čaša
i lepa naša, draga puna flaša...

Taj čovjek žvaće laži ko papiga godine
i truje naša vrela okrutnošću cinika,
svih poroka i rana ta smrdljiva klinika!
A nikoga nema da kaže mu: gospodine,
marš tamo gdje spadate, u zaborav ništavila.
Hrptenice još ne bje što se nije savila
ni njuške što se nije razotkravila,
kad mogla mu je bit pljuvačnicom, u smislu našeg pravila:
da nule vode knjigu, štampu, javno mnijenje,
kad glupost je gigantska ko dolomitsko stijenje
i gdje tko manje znači taj se više penje!

I nikog nema da tom strvinaru,
tom stupu društvenom, tom Šefu-novinaru,
tom rodoljubu i našem meceni
opali pljusku na otvorenom grobu
i da ga zadavi u smrdljivom drobu.
On plače, jauče i bije se u grud
nad gubitkom narodnim on nariče ko lud.
Ko smrdljivi majmun penje se po frazi,
a nikoga nema da ga s fraze skine i nakazu zgazi.

Ta krezuba usta, taj talog bagoša,
ta rupa smrdljiva sa smradom nikotina,
ta gubica je zvijerska, to je prasetina,
a govor mu je sladak ko miris slatkog janoša!

Ta gvalja smrada, zavisti i jala,
taj ponor pameti, zanosa i snage,
ta otvorena rana, ta ljaga naše ljage,
glas toga nosoroga, taj razlog naših zala,
on plače nad lubanjom što je ovdje pala,
ko žrtva „naših vječnih ideala“!
On laje nam o „tajni ljepote“, o „pričesti Graala“,
negacija pameti, značaja i dara.
Gdje ta se pošast kreće, tu jauk grudi para,
trag toga nosoroga trag plača je i nesreće i zala.

I tako rokće, smrdi, štampa novine,
on, „otac naš“, „patricij“, „stup domovine“!
„Naš barjak“, „uzor muž“ i „idejno nam sidro“!
O strvino, o gade, o polipe, o hidro,
tu pjesmu punu psovke, prezira i gada,
pribijam ti ko nadgrobni natpis,
da prolaznika svakog zapeče ko lapis,
da govori nad ovim živim grobom kao zapis,
tog našeg stanja kad su sive hulje,
bančile po knjizi našoj duge noći pijane
i kad je glupost bezglavih rečenica
puzala po nama kao stjenica!
(Miroslav Krleža: Nad otvorenim grobom, tužni zbore)

Песнава е генијална! Над

Песнава е генијална! Над Македонија денес се раѓа, баш!
Моите омилени стихови:

...A nikoga nema da kaže mu: gospodine,
marš tamo gdje spadate, u zaborav ništavila.
Hrptenice još ne bje što se nije savila
ni njuške što se nije razotkravila,
kad mogla mu je bit pljuvačnicom, u smislu našeg pravila:
da nule vode knjigu, štampu, javno mnijenje,
kad glupost je gigantska ko dolomitsko stijenje
i gdje tko manje znači taj se više penje!

I tako rokće, smrdi, štampa novine,
on, „otac naš“, „patricij“, „stup domovine“!
„Naš barjak“, „uzor muž“ i „idejno nam sidro“!
O strvino, o gade, o polipe, o hidro,
tu pjesmu punu psovke, prezira i gada,
pribijam ti ko nadgrobni natpis,
da prolaznika svakog zapeče ko lapis,
da govori nad ovim živim grobom kao zapis,
tog našeg stanja kad su sive hulje,
bančile po knjizi našoj duge noći pijane
i kad je glupost bezglavih rečenica
puzala po nama kao stjenica!

Милчин, вие сте еден од

Милчин, вие сте еден од ретките преостанати нормални луѓе во ова груевистичко лудило. Мала поддршка и од мене, со помош на Тери Иглтон:

Бенјамин сметаше дека она што го правиме може да го промени значењето на она што се случило во минатото. Минатото не мора да постои буквално (ништо повеќе од иднината), но тоа продолжува да живее низ своите последици кои се негов витален дел. Нашите политичари зборуваат за раскин со минатото и за отфрлање на взаемните вековни нетрпеливости. Би требале да зачекориме во празна, со амнезија избришана иднина. Бенјамин го отфрлил таквото лицемерие, бидејќи бил свесен дека минатото ги чува виталните ресурси за обнова на сегашноста. На оние кои го бришат минатото, им се заканува опасноста да ја избришат и иднината.

Милчин, го знаете стариот виц

Милчин, го знаете стариот виц за Тито, кога во лов на диви патки придружниците му фрлале патки, овој ги промашувал, а овие стаписани го фалеле стрелецот: „Хм, чудно, мртви, а летаат!“
Така и нашиот Мал-Голем, Златен-Црн Грујо деновиве го храбрат: „Еве ти еден мртов Милчин, да го упукаш!“
Хм, чудно, мртов, а лета...
Да сте ми жив и здрав и понатаму на гордост на Македонија, почитуван Владимир Милчин!

Подршка за Милчин и од мене.

Подршка за Милчин и од мене. Еден од ретките социјално ангажирани интелектуалци во Македонија. Само храбро!!

Барем да можевме да го видиме

Барем да можевме да го видиме оригиналното досие, не вака фино измонтирано со пригодни извадоци... Се сомневам дека постои, авторот додека бил на власт сигурно се погрижил за тоа да го снема вистинското или негови делови. Уште пред покојна Доста да му го даде. Не е за џабе поглавица Бик Кој Седи на Пари.

Чутајки ги овие

Чутајки ги овие горенаведениве интелектуалци ми текна за реформите на ВМРО во образованието ... Осим што им купија компјутери , мислам дека следен паметен чекор би им бил да го заменат Крлежа во учебниците со 2PAC , можда и оние Ани Карењини со Сексот и градот ... Може на музичко да се слуша You Tube , можда децава место да читаат глупи книги од тип парадоксот на диоген да гледаат филмови ... зш вакви задртаени психологии тешко копчаат дека ако на некој пораснат во свет на интернет и социјални мрежи му постираш Крлежа , ке те мисли БАРДОВЦИ , а у најдобар случај нема да ти се изнасмее .

Ова го кажувам бидејки првата линија на одбрана од соросоидната индоктринација со некои вреедности на западната цивилизација беше интернетот . Наместо да им послужи како орудие на индоктринација , двосмерната комуникација благодарение на интернет заедницата се сврти против нив .

Вчера премиерот на Британија апелираше да се почне со контрола на социјалните мрежи ... а горенаведениве со помош на истите мрежи неможат да соберат ни 200 души , затоа што на истата социјална мрежа се појавуваат коментари од тип на овој ...

Горенаведениов упорно постира . Но квадратестата кутија за текст одново и одново би му поставила неугодно прашање или коментар ... И он упорно како мантра би повторувал за фашистичкиот груевизам во однос со некој чехословачки литерарен анонимус . И пак квадратестата кутија би го прашала дали бил комунист , како ако бил дисидент вршел висока државна функција и така во недоглед ...

И пак ке се вратам на мојот коментар од погоре ... Коа ми дојде комшијата кој е во СДСМ , да ни укаже дека ако излеземе на референдум нема да биде добро за моите родители вработени во државно , можев тоа да го кажам на можеби 20 - 30 луѓе .... Сега му го кажувам овде на еден од нив , а ке прочитаат уште богзнае колку луѓе ... можда и утре би ме апселе за овоа ... штознаеш ... мојата ИП адреса од овој момент е регистрирана во МВР ... А гарант и некој инспектор го чита овоа ... поздрав до него ...

Голема поддршка до г-дин

Голема поддршка до г-дин Милчин! Во моментите кога се чини дека нема правдина, се сеќавам на МЛК  'the arc of the moral universe is long but it bends toward justice'.

Dame 1612, чуден италијански

Dame 1612, чуден италијански говориш. Мене ми е неразбирлив. Аха, фрустрации биле... Ако златен, испукај ги овде, немаш фрка. И поздрави ги твоите на кои што им правеле притисок за референдумот.. Пусти тие жртви..

Видиш сеа можеш да тупиш

Видиш сеа можеш да тупиш глава кој од следниве одговори е вистински .... зашто Даме пука фрустрации ...

Под

1.Даме1612 е транзициски лузер кого транзицијата му ги изела сите шанси во животот па се осеќа како жртва на системот ( апропо жртвите на комунизмот он се осека жртва на транззицијата ). Скептично гледа на соросоиди и слични интелекти слабо платени од некоја странска влада или поединец . Интелекти чија цел е да го амортизираат општественото незадоволство од постоечкиот општествен поредок , правдајки ги неправдите со некои виши недостижни но праведни идеали како ЕУ и НАТО ....

2.Даме1612 е вмровски кодош кој смислено ги насочува коментарите во насока горенаведениот да неиспадне благочестив маченик на кого моменталната власт му врши хајка за политичко морална ликвидација

ОкоБоли главаВицФото