Меѓународните македонски возови патуваат кон 19-от век

16.08.2011 10:52
Меѓународните македонски возови патуваат кон 19-от век

Времетраењето на патување со воз од Скопје кон Белград и Приштина полека се приближува кон првичните поаѓања на патничките возови со изградбата на пругите кон овие два града кон крајот на 19-от век.

Композициите „Хелас експрес“ и „Олимпус“ го минуваат растојанието помеѓу Скопје и Белград за неверојатни 9 часа и 37 минути според важечкиот возен ред за 2011 година на Македонски железници – транспорт, а во оваа минутажа не влегуваат доцнењата на возовите кои претставуваат честа пракса на која се жалат патниците. За споредба, деловниот воз на релацијата Скопје – Белград – Скопје во 1989 година ја минувал истата релација за 3 часа пократко од денешните експресни возови.

За разлика од нас денес, нашите дедовци и прадедовци во минатото ја имале привилегијата да патуваат побрзо кон Белград и Приштина со тогашните експресни возови. Возниот ред на Југословенските државни железници од 1937 година предвидувал поаѓања на два експресни возови од Скопје во 13:14 часот и 20:25 часот кои пристигнувале во Белград во 22:40 часот, односно во 6:30 часот. На легендарниот „Ориент експрес“ во 1937 година му требале 9 часа и 20 минути да ја помине трасата од Белград до Скопје како дел од долгото патување од Париз до Атина, а на интерсити возот „Олимпус“ во 2011 година му се потребни 9 часа и 17 минути за да ја помине истата дестинација, и тоа без вклученото редовно доцнење на возот.

Слично на 1937 година, возниот ред на Југословенските железници за 1957 година предвидел побрзи возови помеѓу главните градови на Македонија и Србија. Од Скопје кон Белград тогаш сообраќале меѓународни експресни возови кои поаѓале од Скопје во 12:42 часот и во 22:50 часот, а во Белград пристигнувале во 21:40 часот, односно во 8:20 часот. Пред повеќе од половина век возовите патувале побрзо и од Белград кон Скопје, па така утринскиот експресен воз го минувал растојанието за 8 часа и 47 минути, додека ноќниот воз патувал 9 часа и 30 минути.

Во возниот ред од 1965 година е вметнат возот „Австрија експрес“ кој од Скопје поаѓал во 22:31 часот, а во Белград пристигнувал во 5:28 часот, што е за повеќе од 2 часа побрзо отколку денес. Најфрапантни се податоците за времето на патување со воз во периодот на 70-те и 80-те години на минатиот век споредено со денешниот важечки возен ред на Македонски железници. „Атина експрес“ во 1979 година ја минувала трасата помеѓу Белград и Скопје за 7 часа и 15 минути, додека деловниот воз „Скопје експрес“ поаѓал од Белград во 14:20 часот, а во Скопје пристигнувал во 21:22 часот, односно за 7 часа и 2 минути.

Во споредба со сегашната состојба со брзината на меѓународните возови, возниот ред од 1989 година претставува невозможна мисија за Македонските и Српските железници. „Скопје експрес“ поаѓал од главниот град на земјава во 14:15 часот, а во Белград пристигнувал во 21:03 часот, односно за 6 часа и 48 минути. Ноќниот „Охрид експрес“ ја минувал истата траса за 7 часа и 18 минути како дел од патувањето помеѓу Битола и Љубљана кои биле крајни дестинации на овој воз.

Состојбата со возниот ред на меѓународните возови во 2011 година е повеќе од очајна. Дневниот воз „Олимпус“ поаѓа од Скопје во 9:05 часот и истиот пристигнува во Белград во 18:05 часот, а од главниот град на Србија поаѓа во 7:50 часот и пристигнува во македонската метропола во 17:07 часот. Ноќниот воз „Хелас експрес“ поаѓа од главниот град на Македонија во 20:45 часот, а во Белград пристигнува во 6:02 часот, додека во спротивна насока истата композиција патува со времетраење од 9 часа и 37 минути, тргнувајќи од Белград во 21:15 часот и доаѓајќи во Скопје во 6:52 часот. И покрај ваквиот возен ред, композициите често доцнат и по неколку часови на крајните дестинации.

Слично како и кон Белград, и кон Приштина македонските возови патуваат со неверојатно долго времетраење. Според важечкиот возен ред, брзиот воз од Скопје поаѓа во 16:35 часот, за истиот во Приштина да пристигне во 19:37 часот. Наспроти денешното 3 часовно патување, меѓународниот воз „Акрополис“ во 1989 година ја минувал идентичната релација за само 1 час и 40 минути.

Постојат повеќе причини за екстремно долгото патување на меѓународните возови кои поаѓаат од Скопје. Неколку децении старата и необновена пруга на Коридорот 10 е главниот фактор за ваквата негативна состојба. Возовите помеѓу Скопје и Белград минуваат по железничка траса на која постојат бројни ограничувања на брзината на возовите, при што моменталната состојба на српската и косовската железничка инфраструктура е особено очајна. Значајна причина која ги забавува меѓународните возови е и двојната гранична контрола помеѓу Македонија, Србија и Косово, како и промената на локомотивите со преминувањето на границата, при што овие формалности додаваат значителна минутажа на времето на патување.

Единствениот спас за надминување на ваквата состојба е предвидениот кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кој ќе се реконструираат 165 километри од железничкиот Коридор 10 во Македонија и Србија, а истата банкарска институција неодамна на Србија и додели дополнителни 200 милиони евра за поопсежна реконструкција на железничката пруга од Коридорот 10.

Извор: build.mk

Читајте текст со слична тема на Окно: Патување со Македонски железници

fino shto na nekoj mu teknalo

fino shto na nekoj mu teknalo za ova da napishe neshto. za ilustracija samo trasata paris-berlin, so promena na voz pritoa, se pominuva isto taka za okolu 9 chasa. Sekako razdalechenosta megju dvata grada e rechisi tri pati pogolema od ona Skopje - Beograd.

Јас во петокот патував со воз

Јас во петокот патував со воз за фестивалот АКТО во Битола и патувањето траеше речиси 4 часа!!! Ако не се лажам, патот со воз меѓу Париз и Лондон, кои се оддалечени околу 500-600 км, трае помалку од три часа.

pa ke da se lazhes, bidejkji

pa ke da se lazhes, bidejkji se oddaleceni povekje od 900 km i za tri chasa so voz malce poteshko. Bi mozhel da stignesh za pomalku od 9 ili 8 chasa dokolku ne cheksh mnogu vo keln za promena, no cirka 8-9 h. bi ti odzelo patuvanjeto.

Не е точно. Проверив, и

Не е точно. Проверив, и патувањето трае нешто помалку од 4 часа, со тоа што постои и временска разлика од еден час меѓу Британија и Франција. Кој сака, може да провери на www.londonparistraintickets.co.uk.

Еве што се вели таму:

Eurostar Chunnel train takes 2 hours and 15 minutes to complete the journey of 307 miles between London and Paris.

gjorgji, se izvinuvam shto

gjorgji, se izvinuvam shto jas ne zabelezhav dobro deka zboruvash za Paris-London. Si misliv prethodniot tvoj komentar se odnesuva na relacijata Berlin -Paris. Zatoa i napishav. A, Paris -London ne sum patuvala.

ОкоБоли главаВицФото