Зошто ни се потребни повеќе ментално болни водачи

17.08.2011 12:47
Зошто ни се потребни повеќе ментално болни водачи

Во децениите по Втората светска војна, Винстон Черчил беше еден од најпочитуваните водачи во модерната историја. Тој гласно и страсно го предупредуваше светот за Хитлеровата Германија многу пред Фирерот да го разбуди сомнежот кај другите водачи. Внимателно управуваше со војната и ја инспирираше земјата да застане и да се спротивстави на големите тешкотии. Имаше силна волја, беше харизматичен и храбар. Но, според една нова книга, има причина зошто станал навистина голем водач: тој бил ментално болен.

Во своето провокативно, фасцинантно ново дело, „Првокласно лудило“, Насир Гаеми, автор и професор по психијатрија на универзитетот по медицина Туфтс, тврди дека многу историски познати и почитувани фигури, од Черчил па до Ганди, покажувале знаци на ментална болест, а подоцна поради тоа станале водачи. Гаеми ги заснова своите аргументи врз историски податоци и врз некои од последните експериментални истражувања за депресијата и за манијата, тврдејќи дека благите симптоми можат, всушност, да ги подобрат квалитетите како што се креативноста или емпатијата. На пример, храбриот марш низ Југот на генералот Вилијам Шерман за време на Граѓанската војна всушност бил поттикнат од неговата манија, додека депресијата на Черчил и на Абрахам Линколн им давала сила да издржат во текот на нивните најтешки моменти.


Томас Роџерс: Вашата книга изнесува многу провокативни аргументи за менталната болест. Како концизно би ги опишале?

Насир Гаеми: Клучниот аргумент во книгата е тоа дека нашите големи водачи често имале ментални болести, а често многумина од нашите најлоши водачи биле ментално здрави. Одредени квалитети потреби за водачите се подобруваат благодарение на менталните болести – реализмот, креативноста, флексибилноста и емпатијата – и тоа е причина зошто овие водачи биле големи.

- Многу личности во книгата, генералот Вилијам Шерман, Винстон Черчил, Абрахам Линколн, имаат манијакална депресија. Што е тоа во манијакалната депресија, наспроти другите форми на ментална болест, што доведува до силни водачи?

Во врска со оваа тема има бројни психолошки истражувања. Се покажува дека депресијата го подобрува чувството за реалистичност. Во едно експериментално истражување, на пример, се покажа дека депресивните луѓе повеќе се свесни кога тие ја контролираат задачата, додека луѓето кои немаат симптоми на депресија чувствуваат дека имаат повеќе контрола отколку што навистина имаат. Луѓето кои се депресивни исто така имаат подобри резултати на тестовите за емпатија. Манијата во голем степен се поврзува со креативноста. Се има покажано дека и депресијата и манијата (особено благите манијакални симптоми) ја зголемуваат флексибилноста при справувањето со траумите. Во истражувањата на луѓе кои искусиле катастрофа или воената траума, луѓето со благи манијакални симптоми изгледа дека имаат послаб посттрауматски стрес симптоми.

- Мислам дека мнозинството луѓе знаат дека нивните водачи донесуваат важни одлуки, како, на пример, висината на долгот. Дали би требало да бидат загрижени ако знаат дека тоа го прават додека водачите поминуваат низ манијакални фази?

Потребно е да излеземе од овој сè-или-ништо начин на размислување. Не станува збор за тоа дека ти си целосно нормален и можеш да се контролираш наспроти тоа да бидеш целосно манијакален и без никаква контрола. Менталната болест има многу степени на сериозност; може да биде блага, умерена или навистина сериозна. Кога луѓето се благо или умерено манијакални, тие го имаат она што се нарекува брзи мисли, кои одат во различни насоки што личноста нормално не би ги имала, а ова често создава креативни врски кои мнозинството луѓе не би ги создале. Ова води кон создавање судови кои водат до одлуки кои често се покажуваат како коректни и корисни, а инаку не би се случиле. Манијакалните луѓе, особено кога нивните симптоми се благи или умерени, можат да донесат многу подобри одлуки од ментално здравите луѓе кои често донесуваат многу лоши одлуки.

- Во книгата вие го користите генералот Вилијам Шерман и неговиот пробив во Југот за време на Граѓанската војна, како пример за некој кој бил успешен во голем степен благодарение на својата манијакална депресија. Зошто?

Во тој момент, класичната воена стратегија, по Наполеон, вклучувала големи армии кои директно се напаѓале во фронтални напади или странични придвижувања. Тоа во основа го правеле Ли и Грант. Но, Шерман [најверојатно благодарение на својата манија] решил да се бори начинот кој оттогаш се нарекува „тотална војна“. Тој всушност ги избегнал другите армии во својот марш низ Џорџија и Југот и наместо тоа ја запалил Атланта и ги уништил фармите. Тоа предизвикало два ефекта: директно уништување на економскиот капацитет на Југот за водење војна и огромен терор во животот на цивилите. Тој вид економска и психолошка војна претходно не бил воден. Шерман исто така дозволил неговите комуникации да бидат пресечени, што не било карактеристично за традиционалната воена стратегија. Ова биле многу радикални одлуки кои ја уништиле заднината на Југот и биле највлијателен фактор за завршување на војната.

- Може, исто така, да се каже дека одлуките на Шерман го насочиле светот во многу погрешна, трагична насока.

Можете да го критикувате за тоа. Тоталната војна има многу негативно влијание во 20 и во 21 век. Сè уште живееме со тоа. Не се обидувам да кажам дека сè што овие водачи направиле е големо, но велам дека тие имале големо влијание.

- Во книгата посочувате дека луѓето кои почувствувале тешкотија во своите рани години се многу поиздржливи и чувствуваат поголема емпатија за страдањата на другите. Зошто?

Многу луѓе кои искусиле трауми [како тероризам или војна] не развиваат пост-трауматски синдром или други болести. Прашањето е, што овие луѓе ги спречува да се разболат? Што ја создава отпорноста? Едно психолошко истражување укажува на тоа дека личноста има голема улога. Изгледа дека издржливоста може да се поврзе со благите манијакални симптоми, но не можете да развиете издржливост ако веќе не сте искусиле траума. Многумина од овие водачи се соочиле со неволја во своето детство или младоста, а изгледа дека заради тоа подобро можат да се справат со кризите. Тоа е како вакцина. Малку се изложувате на бактерија за потоа да можете да се справите со инфекциите; мислам дека траумата и издржливоста следат слична патека.

- Ако се земе предвид дека белите стрејт луѓе помалку се соочуваат со неволји од луѓето кои не се такви, дали тоа може да биде аргумент за повеќе припадници на малцински групи да бидат избрани на моќни позиции?

Од гледна точна на животната средина мислам дека тоа е разумен заклучок, но многумина од стрејт белите привилегирани луѓе искусуваат многу неволји, од болест, на пример, како болеста на Фенклин. Д. Рузвелт или на Џон Кенеди, а од искуството на менталните болести, манијакалната депресија на Винстон Черчил.

- Зборувајќи за Черчил, во книгата го спротивставувате со Невил Чемберлен, кој славно и трагично се обиде да ја смири нацистичка Германија пред Втората светска војна. Што нивните реакции кон Хитлер ни кажуваат за користа од менталната болест?

Не можете да измислите посилен контраст. Не го знаев ова сè додека не го направив истражувањето, но Чемберлен бил многу силна, многу стабилна, многу почитувана личност до почетокот на Втората светска војна. Черчил, во меѓувреме, во 20-тите и во 30-тите години постојано доживувал неуспеси. Болдвин, кој беше премиер во 30-тите години, еднаш рекол дека Черчил има многу доблести, но она што му недостасува е дарба за проценка; ако се погледне наназад невозможно е да се прифати таа.

Чемберлен покажува дека ментално здравите луѓе можат да ги водат градовите и земјите кога времињата се просперитетни и на луѓето им оди добро. Но, кога Хитлер и нацистите се појавиле, Чемберлен се обидел да им се обрати како тие да се нормален проблем. Тој изјавил: „Што сака Хитлер? Ајде да се обидеме да му го дадеме тоа.“ Но, Хитлер не размислувал на тој начин. Черчил го сфатил тоа и мислам дека разумна проценка е да се каже дека депресијата и абнормалноста на Черчил предизвикале тој повеќе да биде свесен за тоа, додека врвниот здрав разум на Чемберлен го направил неспособен да размислува на друг начин за Хитлер од оној на кој размислувал.

- Интересно е тоа што и Хитлер имал одредена форма на ментална болест.

Мислам дека имал биполарно нарушување. Во периодот од раната фаза до средната фаза од неговата кариера, неговата манија и депресија всушност му помогнале, но потоа во почетокот на 1937 година почнал интравенозно да прима амфетамини и продолжил да го прави тоа до крајот на војната. Тоа навистина го дестабилизирало неговото биполарно нарушување и го натерало да предизвикува повеќе и повеќе манијакално-депресивни епизоди. Мислам дека тоа е причината поради која со текот на времето станал повеќе ирационален.

- Но, Вие исто така укажувате дека многу од другите истакнати Нацисти, како Геринг, всушност завршиле како многу нормални.

Во тоа лежи контроверзноста на мојата теза – дека менталната болест може да го потикне водството при криза, а менталното здравје може да го попречи. Тоа е навистина важно, а досега не се разговарало на оваа тема. Има еден психијатар, Рој Грингер, кој е обиде систематично да истражува што менталното здравје е. Тој и неговиот тим ги испитуваа студентите кои немале никакви ментални болести, а една од работите што ги открија е дека тие немале никакви способности на водачи, дека се од оние луѓе кои следат. Ако тоа го комбинирате со истражувањето на нацистичките водачи при судењата во Нирнберг, кои покажаа дека речиси сите биле ментално здрави, сето тоа укажува на нешто несреќно: дека во мнозинството од луѓето, можеби во повеќето од нас, лежи потенцијал да станеме конформисти кои следат, дури и кога сме водачи.

- Дали тоа значи дека луѓето кои не се ментално здрави можат да се стремат да постигнат одредено ниво на достигнувања како луѓе какви што се?

Мислам дека една од пораките што произлегува од ова истражување е дека менталното здравје е преценето. Не би требало да се обидуваме да бараме водачи кои се примери за тоа што ние го согледуваме како нормално и здраво. Ова истражување би требало да ни дозволи да имаме пофлексибилни ставови кон нашите сопствени емоции и да ни покаже дека стигмата против менталната болест е многу болна, не само за ментално болните, туку и за ментално здравите. Би требало да почитуваме и да сфатиме дека малку анксиозност и малку депресија и неколку промени во расположението можат да бидат корисни и од помош. А кога тие се сериозни, би требало да бидеме способни да ги третираме на соодветен начин, наместо да ги стигматизираме.

- Многу луѓе би можеле да приговорат дека оваа идеја за ретроактивна дијагноза на менталната болест на историските личности вклучува мноштво шпекулации.

Јас дијагнозата не ја засновам врз симптомите – јас не велам дека затоа што некој е тажен тој е депресивен. Јас тоа го засновам врз независни докази кои се користат во научните истражувања во психијатриските дијагнози, како генетиката, текот на болеста и ефектите од третманот. Всушност предност е тоа што се разгледуваат историски личности зашто многу од документите поврзани со психолошката состојба на водачите излегуваат на површината по децении или векови откако тие ќе умрат. На пример, докторот на Черчил ги објави своите дневници во кои ја опиша депресијата на Черчил една деценија по смртта на Черчил.

Извор: salon.com

Maybe Washington Needs More

Maybe Washington Needs More Craziness
By NASSIR GHAEMI August 2, 2011, Boston
Nassir Ghaemi, a professor of psychiatry at Tufts Medical Center, is the author of the forthcoming “A First-Rate Madness: Uncovering the Links between Leadership and Mental Illness.”

nytimes.com/2011/08/02 ,

nytimes.com/2011/08/02 , tekstot e vo rubrikata opinion

Коља е преквалификуван за

Коља е преквалификуван за водач.

ОкоБоли главаВицФото