Разваљуј мајсторе, нешто гори!

29.08.2011 11:09
Разваљуј мајсторе, нешто гори!

Враќајќи се од некакво бесцелно талкање во „Кисела Вода“околу бившата фабрика за сапуни „Цветан Димов“, на чие место се сега изградени некакви згради во боите на „Мапет шоу“, таман да ја преминам рампата и да излезам на кејот на ладно пиво, слушнав противпожарни сирени. Од правец на Цементарницата прво се појави една пожарникарска „Лада нива“ со лопата врзана на гепек, а зад неа два противпожарни камиони со сирени што завиваа. Застанаа некаде пред влезот на „Огнен Прица“ во близина на некаков импровизиран трговски центар стеснет меѓу старо нови згради. Силните сирени ги разбудија продавачките од околните маалски дуќанчиња и за пет минути улицата беше преплавена соо дечурлана и сеирџии кои дотрчаа да видат што се случува.

Кога пред еден час поминав тука во блзина на старото економско училиште навистина мирисаше на некаква изгорена хартија, трева помешана со пластика, гума, електрични кабли... што ли? Но во тој момент не обрнав внимание дека можеби нешто гори. Што се случуваше подоцна пред споменатата зграда ќе опишам подолу. Но тоа ми даде идеја малку да проталкам низ градот и да видам како функционира метрополата на плус 45 Целзиусови степени во предвечерието на големиот празник и одбележувањето две децении од самостојност на државата.

Јајца на асфалт

Прво што ми падна наум беше да земам голем термометар и да ја измерам температурата на воздухот дваесетина сантиметри над вжарениот асфалт. И знаете ли колкава е температурата на асфалтото и на шахтите на градските сообраќајници? Замислете, 85 Целзиусови степени – можете да испржите јајце на асфалтот. На височина од 1,40 метри, на која во просек скопјаните вдишуваат воздух, измерената температура беше 42,5 Целзијусови степени.

Деновиве асфалтот се топи во повеќето европски метрополи, но таму цел ден го полеваат со студена вода. Нашата градска власт тоа не го прави бидејки штедиме вода. И навистина е штета во овие жешки денови да се истура вода за пиење по улиците. Но, доаѓајќи во понеделнк на работа од Маврово во Скопје, видов како во Тетово го решиле овој проблем. За да не им свене зеленилото на булеварите, ангажирале еден чичко кој секој ден со вода од Вардар ја полни земјоделската цистерна врзана за трактор и движејќи се со брзина на полжав, заедно со својот помошник оди по улиците и го разладува и залива зеленилото. На градоначалникот Коце ваков изум не му текнал. Подисушеното градско зеленило ќе се обнови напролет ако зимоска заврне.

И кафулињата на кејот и Ленинова се полупразни. Две третини од провинцијалците се вратиле дома а две третини од Скопјани се на одмор во Грција или во Охрид. Затоа во неделата на патарините кај Групчин беше гужва како некогаш на грчка граница. За влез во атарот на скопскиот градоначалник се чекаше и по половина час. Веднаш после Групчин на самиот автопат има див кванташки пазар. Локалните земјоделци, за да не одат далеку на пазар, тука продаваат лубеници и зеленчук, а децата од околните села Глумово и Сарај буквално им влегуваат на возачите во автомобилските кабини убедувајќи ги да купат лубеници.

Пред мостот во Сарај дечурлана од Љубин направиле своја плажа и се бањаат во Вардар, веројатно претпоставуваат дека реката е тука почиста отколку на плажите „Коцекабана“ во Градскиот парк и под музејот на ВМРО кои скопскиот градоначалник ги промовираше како убави места за сончање, но не и за бањање.

Телеграмите се укинати

На оваа горештина требаше да завршам и некои итни работи, меѓу другото да испратам една телеграма во Гевгелија. (И содржината беше интересна: „Те молам, вклучи го телефонот, не можам да те добијам со денови“). И знаете ли што ми се случи во Пошта 2, на шалтерот „Телеграф Телефон“? Љубезната и до уши насмеана службеничка, која очигледно има „долга километража“ помината во Пошта, ми рече: „О, господине, каде Вие живеете ? Нема веќе телеграми, не постојат. Во поштата телеграмата е укината“. Не ми се веруваше: „Како? Нема веќе испраќање телеграми?“ „Нема, господине, нема. Можете да одите во некој салон на ’Македонски телекомуникации’ и оттаму да се обидете, но подобро е да си одите во Гевгелија и на човекот да му го соопштите тоа што сакате, бидејки преку „Македонски телекомуникации“ таа услуга до Гевгелија, Охрид, Ресен... ќе ве чини повеке од 800 денари“. Повторно љубезно се насмеа и додаде дека некогаш телеграмата чинела само 10-15 денари.

Дигнав раце од телеграмата и тргнав кај кумот. Тој живее во Порта Влае, во првиот блок Б 74. Застанав покрај лифтот и чекав да дојде. Чекањето се одолжи како да чекам седмица, никако да дојде. Во меѓувреме ги прочитав сите информации од управителот на зградата „Ваш еко дом“ и закани за оние кои нередовно плаќаат 400 денари за нивната услуга. Помина еден од станарите и не обрна внимание на лифтот, само ми рече: „Не работи, не чекајте џабе“. Ја соблече маицата и почна да „планинари“. Вели: „Ако сте за нагоре, ајде со мене да не одам „пеш“. И така, чекор по чекор, одевме и се одмаравме меѓу катовите, секој кат погоре беше потопло. Стигнав до шестиот кат и кренав раце, се вратив назад, удолу е полесно. Сопатникот ме испрати со зборовите: „Ништо не фукционира, комшија, ништо“.

Кај соборната црква ги затекнав локалните Роми питачи на работното место . Ним не им е жешко, ја акомулираат топлината за во зима. Додека стоев на семафорот на кој зеленото трае 29 секунди а црвеното 93, ме пречекаа со: „Бацка, дај десет денари, да ти е жива швалерката“. Потоа ми ги благословуваа роднините и пријателите и така сите останаа живи и здрави за десет денари.
Додека чекав така со отворен прозор во кабината ми остана гратис мирисот на менито на нашите сограѓани, термички обработен од високата температура во контејнери без капак. Кога тргнав на семафорот осетив како гумите ми се залепија за смрдлива леплива течност која се разлеваше од контејнерите како остаток од недојаден бостан и неговите кори фрлени половина во контејнер, половина покрај него.

Попат се солидаризирав во колоната на „Роми еколози“ који редовно ја чистат Македонија од пластичен отпад, крадејќи попат и по некоја шахта, железна капија од нечиј двор или бакарни кабли од железницата.

И да се вратам сега на пожарникарите: она што таму го видов и го доживеав го отсликува животот во метрополата.

Пожарникари

Значи, пожарникарите пристигнаа. Се растрчаа да ги извадат цревата за вода од цистерните и почнаа со интервенцијата. Командирот издаде наредба: „Едни на кровот, други во подрумот, да видиме од каде гори“. Околу нив се собраа сеирџии. Почнаа коментари: „Гледај ги, бе, овие, не знаат од каде да почнат... Е, да сум јас пожарникар...“ Друг додаде: „А, ги гледате ли на кабелска, бре, како спасуваат луѓе, а овие нашиве...“ Тогаш една теткичка викна: „Доста бре, па ти тука живееш, што не им кажеш од каде гори чадот“. Еден фин господин, очигледно бивш претседател на куќниот совет на кого функцијата му е укината со воведување управител, авторитативно изјави: „Минатата недела гореше разводната табла во третиот влез. Тоа е сè од ладењето. Зградата е проектирана и изградена во 1965 година кога сме имале само по еден електричен шпорет и ништо повеќе, а сега секој стан има клима–уред. Пушти го да лади на најсилно и инсталацијата не може да издржи, гори, се пали, сите ќе изгориме“. „А кај ви се цревата за хидранти“? Повторно се вмеша теткичката, очигледно нешто налутена на бившиот претседател. Еден од соседите тивко ѝ шепна на уво: „Молчи мори, знаеш дека Трајче сите ги однесе на Пчиња за да ја полева бавчата“.

Повторно се слушна гласот на командирот: „Добро, знаеме што гори“. Една група пожарникари излегоа од подрумот и рапортираа: „Таму се чини нема пожар, како да е сè во ред“.

Некој од сеирџиите викна: „Гори разводната табла во десното крило на подрумот“. „Брзо таму“ нареди командирот. „Командире, заклучена е железната врата“. Се јави теткичката: „Клучот е кај Трајчета, тој сè собира“. „Викајте го Трајче!“ „Тој замина на одмор и го однесе клучот“.

Конечно акција. Командирот наредува: „Разбивај!“ Пожарникарот праша: „Каде ми е секирчето“. Другите двајца донесоа некаква огромна машина со брусилка за да ја сечат вратата. Повторно некој од сеирџии почна да дава инструкции: „Абе луѓе, не гори во подрумот, гори во соседниот влез во куќичка за лифтот. Се запалил лифтот“. Брзо се стрчавме кон вториот влез. Влезната врата беше заклучена. Пожарникарите ѕвонеа на сите домофони, никој не се јавуваше да отклучи. Ги гледам од надвор станарите на вториот влез. „Село гори, баба се чешла“, поим немаат дека има пожар во нивната зграда, седат покрај клима уредите и низ прозорците гледаат сеир долу пред зградата.

Поминаа добри 40 минути откако ја чув првата сирена на Ладата, а мене веќе ми беше доста сеир и си продолжив на кафе. Попат забележав дека работниците што ја гланцаат фонтаната и фалангата на Ацета, не ја почитуваат наредбата на Владата да не се работи на горештина (или тие добиле друга наредба). Утредента разбрав дека пожарот бил сериозен и дека целата инсталација изгорела. За среќа, зградата е спасена оти некому на време му текнало да се јави во ЕВН и да им каже: „Исклучете ја струјата на трансформаторот, гори инсталацијата во зграда“.

Брееее, како мене прв тоа не ми текна, а таму бев!?

Фотографии: Иван Илиев

еден од најбесмислените

еден од најбесмислените текстови објавени во Окно!

Очигледно ова е толку

Очигледно ова е толку секојдневно што луѓе како темјана не може воопшто да ја препознаат целта и смислата на текстот... Жално.

ова не е ни змија ни магаре.

ова не е ни змија ни магаре. има елементи на расаказ, а не е расказ, нешто е доживеано, нешто напумпано,ама на погрешни места(термометарот, телеграмите кои се за жал, исфрлени не само кај нас туку и во други земји).
без разлика дали е фикција или е доживеана случка, мора да е напишана на начин да изгледа дека е стварна, вистинска (авторот да си ја прочита Аристетоловата поетика пред да почне да пишува). овој текст не е ни ова ни она.
деловите се пишувани посебно, па се невешто спеони и тоа се гледа како што се гледа работ на кошулата.
заклучок е дека еден саркастичен сеирџија напишал текст.

pa eve ti Odlicen mozes da ni

pa eve ti Odlicen mozes da ni ja razlozis na nas bas bi sakal da znam sto e celta i smislata na vakvi matni textovi t.e prikazni za lektira

ОкоБоли главаВицФото