Досие 25630 (7)

16.09.2011 09:21
Досие 25630 (7)

Од Управниот суд ни глас, ни абер - веќе цел месец. Мојата тужба против решението на т.н. Комисија за верификација на факти ја поднесов на 12 август 2011 година. Законот вели дека надлежниот суд треба „во рок од 5 дена да покрене постапка која е итна“.

Но, во земјата на т.н. „Обединител на нацијата“ законите се како тенгала. Неправдата е брза како молња, правдата е бавна како полжав. Меѓувремено, од 12 август до 13 септември, преку телевизијата Алфа,која редовно известува за нашата неславна лустрација, разбрав дека Уставниот суд есенва ќе расправал за уставноста на Законот за дополнителен услов за извршување јавни функции. Разбрави дека Управниот суд ја препратил мојата тужба до Комисијата во која меѓувремено стигнало известие од УБК дека јас не сум бил соработник на службите. Не знам колку граѓани го разбраа тоа, зашто веста беше главно премолчана. И, на крајот, разбрав дека Комисијата ме осудила без каков било документ, без каков било факт. Во земјата на т.н.„Обединител на нацијата“ неправдата напаѓа со татнеж, а правдата се влечка со шепот. А главниот „ловец на кодоши“ веќе осум месеци е без мандат. Тоа не му пречи да го гази законот и да ништи луѓе. „Ловецот на кодоши“ не престанува да кодоши.

Полициски портрет на режисерот во младоста

Службената белешка од 11.04.1978 година зборува за разговорот што инспекторот (името е покриено со црно, м.з.) го водел со изворот (името покриено со црно, м.з.) во ресторанот „Победа“ од 8.30 до 10.00 часот. Целта на разговорот била„да се добијат сознанија за драмата на (името покриено со црно, м.з.) и за либералистичко-анархиското во работењето на ПОО „Драматург“. Значи, овој пат предмет на интерес не сум бил само јас, туку и еден драмски автор. „Материјалот е добиен писмено“, подвлекол инспекторот, што се гледа и од директната монолошка форма на извештајот поднесен од соработникот на СДБ.

ПОО 'Драматург' го следам уште како студент во Белград. На анархо-либералистички план тој се пројавува уште во тој студентски период, познатите настани со демонстрациите во 1968 година каде ПОО 'Драматург' е член на иницијативниот одбор во Белградските демонстрации. Познат му е интересот за анархо-либералистичко критизирање и опседнатоста од идеи во кои на револуцијата гледа од циничен аспект и како на средство за кариеризам и личен успон.
Ако ги оставиме на страна неговите полуаматерски, полупрофесионални дејности, неговата работа во професионалните театарски куќи се сведува речиси исклучиво на погоре посочените идеи. Комплетниот неуспех на неговите претстави покажува дека пошироката културна јавност не е заинтересирана за неговите анархолибералистички преокупации, освен една мала група од млади интелектуалци, главно студенти на Филозофскиот факултет, посебно на оние што се блиски на така наречената 'Естетичка лабораторија'.

Меѓутоа, кога би сме пошле по ред, уште пред дипломирањето на Академијата во Белград, ПОО 'Драматург' на сцената на Драмскиот театар во Скопје ја постави пиесата на Питер Војас (Петер Вајс, м.з.) 'Балада за лизиданското (лузитанското, м.з.) страшило' во која поимот на револуционерот е сведен на гротеска и на насилство (некој што ја читал белешката ги подвлекол овие два збора, м.з.). Веднаш потоа доваѓа и неговата дипломска претстава 'Пантаглеза' ('Пантаглез', м.з.) од Мишел де Гелдорид (Мишел де Гелдерод, м.з.), исто така поставена во Драмскиот театар во Скопје, во која поимот револуција е претставен во ругло, а на некои места има и директни алузии на Октомвриската револуција за што парцијално пишуваше и покојниот Иван Мазов во весникот 'Нова Македонија'.

Доваѓајќи на работа во МНТ, тој го постави како прво исклучиво критизерскиот текст на Русомир Богдановски 'Балада за храбриот Науме', а потоа познатиот текст на Банд (Едвард Бонд, м.з.) „Тесен пат кон далечниот север“ што исто така е протест – фарсично прикажување на револуцијата. Оваа тема како да му е опсесија на ПОО 'Драматург'. Тој меѓу првите во светот (мислам втор) се зафати со делото на Питер Вајс 'Хелдерлин', а претставата имаше претензии да покаже дека помрачениот ум (лудилото) е попозитивно во револуцијата од умовите како Гете, Хегел, Шилер и др. Алузии на современоста тој прави и во претставите како што се 'Господа Глембаеви' од Мирослав Крлежа.

Моментално ПОО 'Драматург' работи на реализација на делото на (име или псевдоним покриено со црно, м.з.) 'Алексијада', во чиј поднаслов авторот внел дека е историска траверсија (травестија, м.з. - и ова жанровско определување е подвлечено, м.з.). Веќе поднасловот укажува на тоа дека историскиот приод треба да послужи како повод за критички однос (а вероватно и критизерски по некои индикации) кон универзални појави, во случајов, критичен однос кон проблемот на власта и владеењето.

Историскиот фон го опфаќа владеењето на византискиот император Алексеј Комнен во првата половина на 12 век. Период на пороци, суровост, насилство и потиснување на секаква демократија и демократска идеа, тотално деградирање на човечноста во човекот и на моралните вредности, а исто така со асоцијации на нашава денешница (овој дел од белешката е подвлечен со две линии, м.з.)

На првите проби (псевдоним покриен со црно, м.з.) и 'Драматург' во своите експликации, со кои се фундира концепцијата на идната претстава, недвосмислено укажале пред колективот дека цел им е да ја прикажат суровоста на борбата за власт, дури и во современиов социјализам и со посебни асоцијации на Сталинизмот. Притоа авторот изнел дека првата верзија на ова дело 'Алексијада' (испуштен е глаголот 'ја напишал', м.з.) уште како ученик во гимназија. Иако звучи парадоксално, за исправноста на своите идеи во однос на оваа претстава, ПОО 'Драматург' се повикал и на најновата книга на Е.Кардељ.

Мој заклучок е дека се работи барем за сега, дека (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) нашол во делото на ПОО 'Поет' (претпоставувам дека ова е псевдонимот на писателот Богомил Ѓузел, м.з.) солидна почва за спроведување на своите идеи, за што стана веќе збор погоре“.

Во оперативната забелешка на инспекторот пишува: „Изворот е стручно квалификуван за давање оценки во оваа област. Досега СДБ во повеќе прилики во таа смисла го користела. Сметам дека презентираните сознанија го заслужуваат вниманието на СДБ. Во таа смисла ќе бидат ориентирани и други наши оперативни позиции. Од поединци, квалификувани критичари, треба да се прибават дополнителни мислења за изнесените од изворот сознанија.

Во меѓувреме оперативно ќе се следи активноста на споменатите со цел да се приберат сознанија за нивните анархолибералистички гледања, како што е изнесениот случај за време на првите проби на драмскиот текст 'Алексијада'“.

Без оглед на полуписменоста на „стручно квалификуваниот“ извор кој тврди дека ме следел уште од студентските деновиво Белград, оваа белешка за мене претставува скапоцено сознание како на мене гледала полициско-културната чаршија при крајот на седумдесеттите години. Во обидот да ме оцрни, изворот го одбележал континуитетот во мојот младешки и критички театарски ангажман. Не си спомнувам дека критичарот Мазов во „Пантаглез“ видел алузии на Октомвриската револуција, но си спомнувам дека еден професор по литература јавно ме наклевети дека во мојата фарсична претстава за револуцијата се вееле југословенски знамиња. Излажа. Во таа претстава се вееја црни знамиња.

Илинден во Хавана 1978

Следниот документ во досието 25630 е извештај од 15.06.1978 година. Изворот е одново покриен со црно, како и името на инспекторот:

„На 14.06.1978 година одржав контакт со изворот. Разговорот е обавен по негова иницијатива во неговиот стан.Сознанијата ги презентира усмено. Цел на разговорот беше да информира во врска со заминувањето на ПОО 'Драматург' во Хавана – Куба. Добиени сознанија: Од 27.07. до 08.08.1978 година во својство на главен режисер на југословенската програма В.Милчин ќе престојува во Хавана на Меѓународниот младински фестивал. Покрај него од Скопје ќе заминат уште 7-8 лица меѓу кои и Илинка (некој допишал Илинденка, м.з.) Петрушева, филмски работник во Домот на младите '25-ти Мај'. Со оглед да требаше да замине и вокално инструменталната група 'Леб и сол' од Скопје, по тој повод имав можности да дознаам дека заминувањето на В.Милчин е (следниот збор е напишан со рака, м.з.) протежирано од Белград. Интересно е што В.Милчин ваквите манифестации редовно ги следи и успева да се вклопи во истите“.

Во оперативните забелешки на инспекторот стои: „Податокот од изворот ќе биде проверен. Во колку 'Драматург' замине за Куба ќе бидат преземени мерки за оперативен увид – преку изворот (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) и други наши оперативни позиции кои ќе престојуваат во Куба“.

Не знам каков бил оперативниот увид на СДБ за мојот придонес за југословенското учество на Фестивалот на младите и студентите во Хавана 1978 година. Организатор на југословенското учество беше Сојузот на социјалистичка младина на Југославија. Поканата јас да бидам еден од двајцата режисери на културната програма (другиот беше Благота Ераковиќ од Црна Гора) ми ја соопшти тогашниот претседател на Сојузот на социјалистичка младина на Македонија (името сум го заборавил, но беше кумановец). Но паметам дека претседател на Сојузот на социјалистичка младина на Југославија беше Азем Власи, а Срѓан Керим беше надлежен за меѓународната соработка на ССМЈ.

Моја посебна задача беше да го подготвам одбележувањето на празникот Илинден. За составување на програмата, јас и Благота ги имавме на располагање КУД „Орце Николов“ од Скопје, хорот „Колегиум музикум“ од Белград, музичките групи „Индекси“ од Сараево, „Септембар“ од Љубљана и џез-рок групата на Игор Савин од Загреб, ансамбл за модерен балет од Љубљана, еден фолклорен дует од Косово и еден поет од Војводина... Има ли смисла на денешниве новокомпонирани патриоти да им раскажувам за бесот на советникот на бугарската амбасада кога ни ја врати поканата за Илинденската вечер заедно со маицата со ликот на Гоце Делчев на која беше испишана неговата максима: „Светот го разбирам како поле за културен натпревар“?Има ли смисла да раскажувам за шокот на дипломатите од земјите на Варшавскиот пакт на централната трибина кога скопјанецот Тихомир Поп Асановиќ, клавијатуристот на легендарната група „Тајм“, во придружба на хорот „Колегиум музикум“, играорците од КУД „Орце Николов“ и рокерите од Љубљана, Загреб и Сараево, се симна од нашето карневалско возило и ги засвири првите акорди од „Македонија“ на Дадо Топиќ. Ечеше песната од моќното рокерско озвучување донесено со „Боингот“ со кој летавме до Хавана. Камерите на Интервизија (источниот пандан на западната Евровизија) директно ја пренесуваа песната за земјата на сонцето, разиграното живописно „Повардарие“,радоста на педесетината млади во маиците со Делчев и неговата максима. Доцна во ноќта, во резиденцијата на југословенскиот амбасадор, се славеше со мохито. Со нас беше и таткото на Че Гевара. Амбасадорот Смоле неколку пати ни го опишуваше бесот на бугарскиот амбасадор кој демонстративно ја напуштил централната трибина поради „присвојувањето“ на Илинден и Делчев.

Илинден беше на сет глас прославен во Хавана пред илјадници Кубанци и пред милионите гледачи на Интервизија. Се разбира, тоа го нема во досието 25630.

Тревога поради „Свечената вечера“

На 28.4.1980 година (една недела пред смртта на Јосип Броз, м.з.) составена е службената белешка од некој инспектор (името покриено со црно, м.з.) од испоставата на СДБ во Битола: „Предмет: Новата пиеса во Народниот театар во Битола. На ден 23.4.1980 година обавивме информативен разговор со Благоја Стефановски, артист во Народниот театар-Битола, во врска со подготовките на најновата претстава „Свечена вечера во погребното претпријатие“ од Иво Брешан. Благоја притоа истакна дека новата претстава што се подготвува всушност се нафрлала врз некои аномалии во нашето општество. Основна поента била грамзливоста на некои функционери во некое мало гратче, кои се неоткриени усташи и четници, моќта на парите и т.н. Во однос на политичкиот аспект оваа претстава била далеку покритичка од забрануваната „Свадбата на Мара“ од Владимир Костов. Подготвувањето на овој текст според Стефановски значело отворање на битолскиот театар кон современите театарски текови, смело и отворено пристапување кон општествените проблеми, а не занимавање само со стари и познати текстови.

Разговорот со Благоја Стефановски го обавивме под форма на случајна средба и неврзан разговор, така што не можевме подетално да добиеме вистинска слика за претставата „Свечената вечера во погребното претпријатие“ од Иво Брешан.

Со оглед дека беа добиени сознанија за проблематичност на овој текст, а овој разговор донекаде ги потврди ваквите сознанија, се налага потребата од нови контакти со лица кои би можеле поподробно да нѐ информираат за овој текст на Иво Брешан“.

Во горниот десен агол некој напишал: „Да се искористи заедно со другите материјали за драмата!“ Благоја Стефановски очигледно не знаел каква намера имал инспекторот и не бил свесен дека случајната средба ќе биде оквалификувана како информативен разговор во службената белешка.

Веќе следниот ден, 29.4.1980 година, истиот битолски инспектор составил нова службена белешка за истиот предмет: „На ден 28.4.1980 година обавивме информативен разговор со (име покриено со црно, м.з.), новинар и преведувач од Битола, (неколку збора покриени со црно, м.з.) во врска со подготовките на најновата претстава „Свечената вечера во погребнотопретпријатие“ од Иво Брешан.(Овде името и презимето на изворот не е покриено со црно, но јас не го објавувам зашто е починат, м.з.) притоа истакна:

Текстот на Иво Брешан 'Свечената вечера во погребното претпријатие' јас го преведов од хрватски на македонски јазик. Уште во текот на преведувањето дојдов до заклучок дека се работи за неподобен текст кој криво ја одразува нашата општествено-политичка стварност. Всушност се работи за текст кој има за цел да ги денунцира нашите функционери и да покаже дека нашето општество нема сили да им се спротивстави на некои појавени аномалии. Најчудно во целиот текст е што за разлика од корумпираните функционери во едно мало градчекаде е сместена фабулата на драмата и немоќните непосредни производители пред бирократизмот, најчиста и најсветла личност која се обидува сево ова да го разобличи е еден информбировец кој за себе тврди дека е невино осуден, односно намерно поткажан од некого за време на РИБ (Резолуцијата на Информбирото од 1948 година, м.з.). Меѓутоа тој умира од инфаркт и не успева да ги изведе работите на чистина, а функционерите ги заташкуваат нечесностите и сѐ продолжува по старо. Тоа е и завршницата на драмата, а пораката е повеќе од очигледна.

Инаку, текстот е предложен од страна на режисерот Владимир Милчин, кој ја режира оваа претстава. Карактеристично е за битолскиот театар без поговор да се прифаќа секаков текст што ќе го понудат надворешните режисери. Претходно од Милчин беше предложен текстот 'Смртта на претседателот на куќниот совет' од истиот автор, бидејќи 'Свечената вечера во погребното претпријатие' ја подготвуваше Југословенското драмско позориште во Белград. Меѓутоа, во меѓувреме белградскиот театар ја прекина работата врз овој текст. Милчин веднаш преку авторската агенција стапил во контакт со Брешан и авторот се согласил Битолскиот народен театар да ја изведе како праизведба 'Свечената вечера во погребното претпријатие'. И покрај тоа што во текот на работењето врз овој текст се вршат отфрлувања на одредени делови сепак во претставата остануваат многу проблематични работи, а особено ликот на информбировецот Микац. Напоменувам дека овој текст има добиено Гавелина награда во времето на либерализмот“.

На крајот од белешката битолскиот инспектор пишува: „Разговорот со (името покриено со црно, м.з.) го обавивме заради добивање попрецизни сознанија за текстот 'Свечената вечера во погребното претпријатие' од Иво Брешан. Од изнесеното на (името покриено со црно, м.з.) очигледно е дека се работи за текст кој тенденциозно и карикирано ја слика нашата општествено-политичка стварност и припаѓа кон оние текстови кои имаат за цел да ги прикажат информбировците како чисти и прогресивни луѓе и на тој начин да ја искриват или скријат правата вистина и природа на нивното дејствување“.

Само една недела подоцна, на 6.05.1980 година инспектор од УСДБ-Скопје пишува службена белешка за лицата ПОО „Драматург“ и Димитар Станковски-„Дебелото“, режисер. Изворот е оперативната врска (името покриено со црно, м.з.). Состанокот е одржан на 30.04.1980 година во ресторанот „Победа“ од 18-19 часот на иницијатива на инспекторот. Оперативните трошоци изнесувале 50 динари. Цел на состанокот биле сознанија од интерес на СДБ за годинашното „Стериино позорје“ (фестивал на југословенската драма и театар, м.з.)“. Еве што известил изворот:

„На овогодишните театарски игри 'Стериино позорје' во Нови Сад во еден ресторан пред почетокот на претставата (не пишува која, м.з.) повеќе артисти и театарски работници од други републики водеа разговор за драмата на Иво Брешан 'Свечената вечера во погребалното претпријатие'. Еден од артистите имаше и книга драми од Брешан во која се наоѓа и спомнатата драма. Во дискусијата се раскажувале некои поединости од содржината, а разговорот го следеше и еден драматург од Словенија. После извесно време тој се вкључил во разговорот и на 'дискутантите' им кажал дека воопшто не ја разбрале драмата. По него драмата е општествено опасна со доста искривено прикажување на нашата политичка стварност и всушност претставува политички памфлет. Истовремено им замери на младите луѓе што не успеале да ја демаскираат и разберат.

По враќањето во Скопје разговарав со Владимир Милчин околу тоа и тој ми рече дека наскоро во негова режија како праизведба драмата од Брешан ќе ја постави во Битолскиот театар, а дека истовремено е предвидена во програма за 1980 година во Драмски театар во Скопје во режија на Димитар Станковски 'Дебелото'. Додаде и тоа дека за прв пат истата драма е објавена во театарското списание 'Пролог' од Загреб, пред година и пол, а пред 3-4 месеци во комплет со други драми. Инаку, истакна Владо, драмата почнал да ја режира пред два месеца Коста Спајиќ во Хрватско народно позориште во Загреб и прекинал режирање од здравствени причини (доживеал инфаркт)“.

Во оперативната забелешка, инспекторот запишал: „Податоците од изворот ги сметам за точни. Врз основа на досегашните податоци драмата 'Свечената вечера во погребалното претпријатие' претставува интерес. Заради потврдување на добиените сознанија превземени се оперативни зафати со цел да се добие квалификовано мислење за драмата. Досегашните податоци покажуваат дека драмата 'Збирка драми' не се продава во салоните на книгите во Скопје, а не ја поседуваат ни други лица освен режисерите ПОО 'Драматург' и Димитар Станковски - 'Дебелото'. Од наша страна, преку оперативна позиција ќе се настојува да се обезбеди назначената драма и стручни мислења за неа“.

Какво олеснување,каков успех на службата! Утврдила дека опасната книга не се продава во нашите книжарници! Што ли ќе преземела службата доколку се продавала? Ќе ја запленеле книгата? Ќе ги апселе оние што ќе сакале да ја купат?

„Свечената вечера во погребалното претпријатие“ предизвикала тревога во СДБ. За службената белешка од 27.05.1980 година инспекторот користел ДВАЈЦА соработници и ДВЕ оперативни врски (имињата се покриени со црно, м.з.). Во десниот горен агол со ракопис некој запишал: „Да се разговара со (име/псевдоним покриен со црно, м.з.) дали оваа драма е некаде изведувана: каде и кога“. Потоа друг допишал: „За овој проблем иницирав индикативна и спец. информација“.Одржале ПЕТ состаноци со соработниците и оперативните врски. Цел на состаноците била да се добијат квалификувани мислења и оценки за драмата „Свечена вечера во погребалното претпријатие“ од Иво Брешан која во Народен театар во Битола во режија на ПОО „Драматург“требало да доживее своја прва праизведба.

Какви сознанија добил инспекторот?

Соработникот (име покриено со црно, м.з.): „Авторот на назначената драма поставена како гротеска, преку моралните вредности на ликовите врши исмејување на општествено-политичките структури кои моралната дисквалификација ја доживуваат низ целата драма. Истите се представени како некогашни припадници на разни квислиншки и предавнички групи кои после ослободувањето се приклучиле кон народната власт. Инаку, од алчноста за парите и лесно подлегнување на корупцијата губат секаква принципијалност и паѓаат сѐ подолу од еден неморал во друг неморал, наседнувајќи на скроените измами на двајцата дојденци. Единствено нешто светол лик е еден информбировец, инаку за време НОБ комесар, кој сфаќа дека се работи за измама, но им остава на измамниците да ја спроведат замислата со цел да ги исмеје представниците на општествено-политичкиот живот.

Драмата е исклучително црна слика на односите во општеството и лично сметам дека не треба да се изведува. Во програмата за 1980 година на Драмски театар во Скопје предвидена е во режија на Димитар Станковски „Дебелото“, и во разговорот со него дознав дека на есен ќе почне со припремите“.

Оперативна врска (име покриено со црно, м.з.): „Во извонредна драматуршка лабораторија, авторот во драмата 'Свечената вечера во погребалното претпријатие' ни покажува како пред неговото величество домарот (веројатно доларот, м.з.) секој може да подлегне. Невообичаено и неочекувано и носителите на власта, на општествениот и политичкиот живот, каде освен тоа авторот прикажува нивна похлепа, алчност за пари и корумпираноста, сликајќи го неморалот како главните и единствените својства на луѓе во кои е олицетворен системов на социјалистичкото самоуправување, на наш позитивен живот. Се добива впечаток на тенденциозно прикажување на најцрните слики и состојби меѓу луѓето и односи во општеството. Според авторот, лакомоста кон парите е појака од секаков морал и секаква идеологија, или луѓе со различни идеологии пред парата стануваат еднакви, без идеологија, а тоа е покажано низ ликовите на претставниците на општествениот и политичкиот живот и ликот на попот со религиозна идеологија кои губат секакви морални критериуми и принципи кога од двајца измамници беа понудени со баснословно богатство и нереални ветувања за да се добие што поцрна слика наведените и исмејаните лица освен попот се и членовите на партијата, додека единствен почесен и позитивен лик е еден информбировец кој прави напори да ги разоткрие махинациите и да ја каже вистината за неморалот и постапките на главните протагонисти, корумпирани и подмитени.

Мое лично мислење е дека драмата, независно од тоа кој ќе ја режира, е обид на авторот да ги прикаже на најцрн и најгруб начин и најпосле исмее лица кои се дадени како општествено-политичките и носечките структури во кои нема ништо прогресивно, дури назадно. Според моите гледања драмата не би требало да се изведува, поготово не во овој момент кога секојдневно се постигнуваат добри резултати, зголемено производство и продуктивноста со крајно сериозно однесување на секој припадник на нашето општество.

Оперативна врска (име покриено со црно, м.з.): „Воразговорот изворот истакна дека во текстот нема ништо асоцијативно и негативно и дека Владимир Милчин би можел да направи добра претстава од тој текст, но се плаши дека Димитар Станковски „Дебелото“ би можел да ја изврти и направи негативна драма. Во оперативна забелешка ќе биде објаснет ваков став на 'Букет'“.

Соработникот (име или псевдоним покриен со црно, м.з.): „Драмата е извонредно добро драматуршки обработена, во Нушиќевскиот стил. Инаку представува политичка сатира. Тоа е направено низ договорот на добро припремена и смислена стратегија на двајца измамници со целта на авторот да се исмее општествено-политичкото раководство во едно мало гратче во Далмација. Авторот сакал да каже дека сме типично стоковно-потрошувачко општество, дека заради пари го губиме моралот, дека сме многу лабилно општество кое може секој да го изигра заради парите, особено долари, секој пробисвет. Ова е карикирање на нашето општество, во најцрна смисла на зборот, општеството во целина, работничкото самоуправување. Работниците имаат димензија на најобични примитивци. Работничката класа и не е толку слаба, но сепак е немоќна, оти сѐ во свои раце држи раководството. Потоа, прикажан е судир на националистички план – помеѓу домобраните и четниците (од времето на НОБ) остро поставен како да е тоа денес проблем број еден. Тоа е хрватско-српски национализам кого авторот сакал изричито да го прикаже. Позитивната личност е единствено еден информбировец, кој единствено знае да одреди морално-политичка и психолошка дијагноза на општеството и неговата перспектива виза-ви, постоечкото и легалното општествено и партиското раководство. Со другите зборови тој информбировец сака да каже – сите вие кои сте дојдени после мене сте ја продале оваа земја за долар. Главната неморална игра ја играат: директор на погребалното претпријатие, претседателот на месната заедница, секретар на месната партија и поп. Авторот сакал да каже дека сме ние идеолошки недефинирано општество, морално искварено. Информбировецот е чист поради тоа што авторот смета дека се тие единствено чисти, со здрава идеологија, кои се против стоковно-потрошувачкиот менталитет, и на крај на свечената вечера него сите му плескаат, т.е. му даваат за право, го поддржуваат. Тој како носител на идејата со некогашните сталинистички позиции??

Како што реков ова е политичка сатира, политички театар, или поточно општествено-политичка сатира: сѐ што се работи е низ политичка призма, низ политичките проблеми, ова е идеолошко-политичка сатира (а сатира е вид драма или прозното кажување во кое на остар начин се критизира или се подвргнуваат на критика одредени општествени појави во одредените пошироки и поуски општествени асоцијации).

Идеолошки ова е една деструкција на сите пори, на сите структури на општественото битие, идеолошки црна димензија на свеста особено на членовите на партијата и претставниците на општествениот и политичкиот живот. Тоа е карикатура на односите помеѓу луѓето, нивен морал поточно нивен неморал. Тоа е едно буниште на кое цветаат (метафорички кажано) аморални доларски апетити, на кои цветаат деструктивците“.

Во оперативната забелешка инспекторот напишал: „Податоците од изворите ги сметам за објактивни и квалификувани освен на (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) кој бил пристрасен и не кажал ништо за драмата за што имаме и објаснување кое ќе го изнесам подолу. Драмата 'Свечената вечера во погребалното претпријатие' од Иво Брешан, ПОО 'Драматург' ја поставува во Народен театар во Битола и со неа смета, односно е предвидена за театарските игри 'Војдан Чернодрински' кои ќе се одржат во првата половина на јуни месец оваа година. Истата драма е предложена во репертуарот на Драмски театар – Скопје за 1980 година во режија на Димитар Станковски - „Дебелото“ кој во разговорот со соработникот (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) изнел дека со припремите ќе отпочне на есен оваа година додека директорот на Драмскиот театар, Ристо Стефановски, исто така на (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) му рекол дека ќе размислат дали ќе ја припремаат не наведувајќи ги причините за тоа. Соработникот (име или псевдоним пориен со црно, м.з.) даде писмено мислење за драмата но истото не содржи најдобри сценски квалификации бидејќи во извештајот повеќе акцент е ставен на драматуршките, содржинските и уметничките страни на драмата. Но делумно во писмениот извештај, а повеќе во усменото раскажување низ дијалогот што го водевме од (име или псевдоним покриен со црно, м.з.), заокружено, е добиено мислење наводно во добиените сознанија.

Оперативната врска (име или псевдоним покриен со црно, м.з.), мое мислење, го разбрал текстот најверојатно како и другите наши позиции, но поради потесна соработка со ПОО 'Драматург', единствената поддршка што ја има од еден режисер, и конфликти со управата на МНТ, не ни дал мислење. Тука треба да се земе во предвид дека (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) поради ваквите и други однесувања представува интерес на СДБ, а истовремено претпазливо се користи како извор.

Соработникот (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) поради итноста, даде усмено мислење, а накнадно ќе даде и стручна писмена рецензија“.

Тревогата околу „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ резултираше со „визитата“ на членовите на Идеолошката комисија на ЦК СКМ и нивниот обид по одгледаната генерална проба да ги убедат битолските актери да ја „самозабранат“ претставата. Но за тоа во следното продолжение на фељтонот.

Претходните делови се достапни на следниве линкови:

Досие 25630 (1)

Досие 25630 (2)

Досие 25630 (3)

Досие 25630 (4)

Досие 25630 (5)

Досие 25630 (6)

Комитата од Хавана.

Комитата од Хавана. Хихихихихи.

Сам се закопуваш.

ОкоБоли главаВицФото