Шломо нема држава

29.09.2011 10:35
Шломо нема држава

Социјалниот протест произлезе од тоа што јавноста сфати дека политичарите ја лажат кога станува збор за економските и социјални теми. Политичарите и сите останати кои заработуваат од ваквиот економски систем нè лажат и нè искористуваат за лични потреби. Следниот степен на развој на јавноста е таа да сфати дека на ист начин политичарите и сите оние кои имаат корист од окупацијата и војната, лажат и користат и по прашањето на дипломатија и безбедност.

Говорот кој пред неколку дена Бенјамин Нетанјаху го одржа во ОН не беше добар. Тоа беше деструктивен говор. Независно од докажаните невистини кои се споменуваат во него, тој беше лажлив и во поглед на користење на терминологијата мир, помирување и искреност – за да се оправда употребата на насилство. Оваа лажливост која ја користи реториката на мир е разорна бидејќи ги меша војната и мирот, доброто и злото, бидејќи ја уништува верата и надежта дека може да се живее во мир.

Тоа е спин или тактика, но во суштина е цинично владеење без совест, скандалозно и нездраво. Нетанјаху не го измислил спинот, но неговото изведување тој го подигна на ниво на холивудски глумец што, очигледно, требал да стане. Израел има богата традиција на деструктивен цинизам, како изјавите на Барак дека „немаме партнер за преговори“ или „крајот на окупацијата во Газа“ на Шарон. Сепак, Нетанјаху оваа вештина ја доведе до својот врв.

Изразите како “Ајде да разговараме искрено“, „Ајде да седнеме сега и овде“ и „Пружена рака на мирот“ се директно продолжение на линијата лаги од почетокот на неговиот последен мандат како премиер. Сè започна со гоштевањето на Махмуд Абас во сопствената куќа, кое во себе вклучуваше и кревање на палестинското знаме и изразите како „мој мировен партнеру“, само за да се постави невозможниот почетен услов за преговори (под великодушниот назив „без предуслови“). За сето тоа време се продолжуваше со изградба во Ерусалим и населби на окупираните територии, се носеа антиарапски закони, се спречуваше дотокот на палестински пари и се влегуваше во судир со Турција.

Ние ги проверуваме зад секое ќоше, ги тестираме на сите начини, и без оглед на тоа колку добро се однесуваат, ние не им веруваме“, Шломо, човекот од обезбедувањето, ми го објаснува говорот на Нетанјаху во ОН. А зошто? „Зашто не ја признаваат еврејската држава. Поради тоа дојдов овде, за да имам своја земја!“ Ти немаш држава? „Немам. Ако тие не ја признаваат еврејската држава – тогаш немам!“, викна Шломо на сиот глас.

На тој начин Нетанјаху успеа да предизвика кај Шломо чувство дека ако Палестинците не велат дека Израел е еврејска држава – тогаш тој нема држава. Аналитичарите можат да напишат дека изјавите на политичарите се спин или тактика, меѓутоа, медиумите во насловите го пренесуваат тој спин како нешто вистинско. Па така, се случува голем дел од јавноста да им верува на оние кои ја исполнуваат оваа сложувалка, да им верува на своите водачи. Ова не изненадува: мнозинството со целсона доверба се однесуваат кон избраните лидери. Мнозинството мисли дека политичарите се лажливци, ама не и кога се работи за живот и смрт, војна и мир.

Нема никаква разлика меѓу зауздувањето на економијата на Нетанјаху, која наводно треба да доведе до процут на сите граѓани, иако на терен се покажува дека овој систем богатите ги прави уште побогати, а го зголемува бројот на сиромашните, како и неговото придржување до ставот за непропусните граници и признавањето на Израел како еврејска држава – небаре тоа е она што ќе им донесе сигурност на граѓаните на Израел. Спротивно на тоа, гледаме токму истото е токму она што им го загрозува животот на граѓаните и ги претвора во принудни окупатори.

Сиве овие лаги се можни бидејќи расправата се води со стар јазик, јазикот на светот во кој добивката на едниот значи загуба на другиот – наместо да се создаде ситуација во која сите добиваат. Светот во кој се грижиме за честа, наместо да се грижиме за квалитетот на животот, свет на поделби и владеење наместо поврзување и вклучување. Кога почнавме да ја замислуваме социјалната еднаквост и правда, и преминавме на нов и поинаков јазик, кои единствено може да ги донесе нивното остварување – почнавме да ги бараме и од водачот кој го избравме. Дојде мигот ние, јавноста, да почнеме да ги замислуваме мирот и партнерството и да веруваме во нив, и да ги бараме од оние кои би требало да нè предводат.

Извор: Haaretz

ОкоБоли главаВицФото