Иконатомија

29.09.2011 11:39
Иконатомија

Иако многумина тврдат дека златното доба на Холивуд одамна завршило и дека денешните глумци го немаат ни талентот, ни вистинската убавина, ни гламурот на некогашните ѕвезди чиј статус денес е вечен, можеби следниве фотографии ќе ги разубедат.

Младиот шведски дизајнер Георг Шамун си „поигра“ со соочувањето и колажирањето на филмските диви и фраери од минатото со филмските ѕвезди од денешнината. Сето тоа е во склоп на студентскиот проект, т.е. работилница на тема Icons (Икони), која се однесува на познати ликови, модни икони, политички, верски и други поединци кои на некој начин се вредни да се споменат поради тоа што го промениле светот. Шамун го нарече проектот ICONATOMY (Иконатомија), а се сосредоточи на филмски ѕвезди од две различни ери, додека неговиот труд ги преиспитува идеалите, анатомијата и холивудските калапи за убавина која не му одолејува на забот на времето.

Како што нагласува самиот автор, негова главна цел не е директна споредба на глумците туку нагласување на структуралниот аспект и очигледните сличности, без оглед на временското растојание.

Шамун ги колажираше портретите на Одри Хепберн со оној на Натали Портман, Кери Грант со оној на Џорџ Клуни, Лиз Тејлор со оној на Анџелина Џоли, Мерилин Монро со портретот на Скарлет Јохансон и Џемс Дин со портретот на Роберт Петингтон. Она што е најинтересно и најзачудувачки е неверојатната сличност на некои од актерите.

Извор: georgechamoun.tumblr.com

ОкоБоли главаВицФото