Нож и пердув

30.09.2011 14:28
Нож и пердув

Или, која е разликата меѓу скитник и патник?


Неодамна на подарок, сосема неочекувано, ја добив книгата „Нож и пердув“ на младиот писател Димитри Соле Љубин, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Мало дело по квантитет, стотина страници кои, пратејќи го постмодерниот тренд, освен со прозен текст се исполнети и со многу стихови. Убава приказна за љубовта, раскажана преку неколку испреплетени судбини, времиња и ликови. Филозофската основа е содржана во насловот, но и во често поставуваните паралели помеѓу скитникот и патникот.

Ножот е тврд и сече ладно, но леснотијата на пердувот и неговата топлина болат подолго. Кога ќе се спојат, прават процеп во времето и ја овозможуваат цикличната основа на случувањата. Патникот патува со желба, секогаш помнејќи го местото од каде што тргнал, и имајќи го во глава местото каде што треба да стигне, како цел. Скитникот скита. Не памети од каде тргнал и не знае каде оди, нему патувањето само по себе му е мисија, пулс на постоење.

Ликовите се организирани во тројки, а триаголниците кои ги создаваат се спојуваат и го даваат мозаикот на измешаниот универзум. Се почнува во собата бр. 113 во Истанбул, во хотелот „Gonen“, каде што можат да се добијат и други задоволства освен мек кревет и топла бања. Токму тие „други задоволства“ ја отвараат прашливата порта на времето, дозволувајќи да се измеша, исполнувајќи старо пророштво, заборавено предупредување.

Исмаил, Кирил и Марија ја сочинуваат троглавата ламја која во текот на студентските денови долж и попреку го ора големиот град Скопје. Преку неа се спојуваат христијанството и исламот во танц на разбирање и спокој. По студиите троглавата ламја молскавично ги освојува пространствата отаде границите на словенската земја, Македонија, па во текстот има писмо и на италијански, француски, грчки и турски јазик. Младиот писател создал оригинален палимпсест. Приказната за Кирил и Адонис, верното побратимство, малку ако се изгребе, нè носи до Давид Кволф и Ахил. Дамата со буржуиски манири, Магдалин Лакроа, е како уште една спојка меѓу двајцата патници кои поминуваат низ нејзиниот стан (и кревет?), Давид и Кирил. Првиот патува бегајќи од погледот на семејството, спомените за една Хана и нејзините неотворени писма. Вториот, Кирил, патува во потрага по себеси и одговор на прашањето, зошто не е заедно со родителите, зошто има разбирање и љубов од сите освен од луѓето кои му стојат како родители во изводот на родени, а кои предолго се во Америка?

Делото е градено опозициски, но пораката за хармоничност и животот непостојан но постоечки, ја добиваме во нивното поврзување. Исмаиловата мајка, струшката убавица Хана, го дели името со Давидовата љубов, но и снаа, а и македонката од Дебар што на крај ќе го смири Кириловото срце, го носи истото име - Хана. Месечината која во делото е претставена како женски симбол е надополнета со машкото сонце, градејќи една целина, хармоничен круг.

Кириловата баба, Љуба, е како украдена од некоја народна приказна за смислата на постоењето. Дури и нејзиното име е изведено од зборот љубов.

Речиси сите споменати ликови, посредно или непосредно, имаат врска со актерство, небаре авторот сака да ни каже дека светот е една голема театарска сцена, а сите ние актери, кои без генерална проба се фрлени во бурите на минливото. Минливото како миг, мигот наспроти вечноста, а во делото цветот наспроти ветерот. Магнолија, босилек, камилица. Оган и вода. И една птица што сака слобода.

Исмаил и Кирил се збратимуваат преку заеднички залак. Потоа сè им е заедничко. Сите заминуваат од татковиот дом. Некои мирно, тивко, други со пркос и кавга. Отцепувањето од домашниот дом е предуслов за изградба на свој. Само тој што заминува е способен да се врати. Ако е патник. Ако е скитник, патот ќе му е и сонце и месечина, и мајка и татко.

„Нож и пердув“ е предизвикувачка книга. Отвора небреоени прашања за љубовта, пријателството, добрината, успехот и тајните на преживување. Отвора прашалник во умот – дали градот е ламјата или нејзините карактеристики се длабоко вкопани во нашата кожа? Патникот секогаш на крајот се смирува. Срцето му кажува кога ќе ја здогледа ветената земја, сонуваната драга, посакуваното море. Скитникот трча со брзината на светлината од самиот себеси. Тоа од што бега секогаш го носи со себе. Како полжавот куќичката

ОкоБоли главаВицФото