Кафулињата прогласени за легитимни места на престој за време на пописот

05.10.2011 16:11
Кафулињата прогласени за легитимни места на престој за време на пописот

Кафулињата, кафеаните, обложувалниците и клупите по парковите се легитимни места за престој на овомесечниот попис, а попишувачите ќе имаат обврска да ги посетуваат почесто одошто становите, беше соопштено денес од Државната пописна комисија (ДПК).

Поучени од искуството од последниот попис, како и од првите неколку дена од сегашниот, кога над 57,9% од граѓаните не биле на своите пријавени адреси, во пописната комисија решија да ги прошират зоните на попис на местата на кои граѓаните најчесто престојуваат, како кафулињата, кафеаните, просторот пред заводот за вработување или обложувалниците.

„Првите два дена од пописот покажаа дека годинава бројот на граѓаните кои нема да ги затекнеме во нивните домови ќе биде поголем од оној од пописот во 2001. Затоа попишувачите за обврска ќе имаат да ги посетуваат местата на кои луѓето седат во текот на работното време и да ги запираат лицата кои се шетаат во градските паркови и улици, и потоа стоејќи да го извршат законски задолжителниот попис“, изјави за Пара вести Кирил Баарбаареев, портпарол на ДПК.

Посетителите на кафулињата и обложувалните се задоволни од новата одлука.

„На овој начин нема да се наруши нашата секојдневна рутина“, изјави за Пара вести еден средовечен граѓанин кој го затекнавме пред спортската обложувалница „Дај ми ги парите“.

„Јас по цел ден сум во кафулињата, и навистина немам време да бидам дома или на училиште“, изјави една тинејџерка, видно радосна поради тоа што нема да мора да го напушти својот нов дом.

Првобитната замисла на ДПК беше на вратите од секој дом семејствата да остават белешки со податоци за тоа каде најчесто престојуваат додека не се дома, но потоа истата се смени со замислата во секое кафуле, обложувалница или кафеана гостите да оставаат ливче со податоци за местото на нивен престој додека не се затекнати во тие простори.

Засега реакциите на граѓаните се само позитивни, и нема реагирања од ниту една политичка партија.

Инспирирано од: Kafići proglašeni za legitimna mesta prebivališta na popisu