Контроверзни добитници на Нобеловата награда за мир

06.10.2011 12:47
Контроверзни добитници на Нобеловата награда за мир

Јасер Арафат

Кога водачот на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Јасер Арафат во 1994 г., заедно со израелските политичари Јицак Рабин и Шимон Перес, ја доби Нобеловата награда за мир, тоа не наиде само на критика во еврејската заедница.

Човекот, чии симболи беа палестинската традиционална марама и ремен со пиштол, беше одликуван за своите напори во блискоисточниот мировен процес. Меѓутоа, кога неколку години подоцна преговорите за независна палестинска држава во Кемп Дејвид беа окончани без исход, тогашниот американски претседател Бил Клинтон за науспехот го обвини токму Арафат.

Спорно беше и неговото делување како шеф на палестинските автономни власти. Според оцената на ММФ, во тоа време во матни корупциски канали исчезнале повеќе милиони долари меѓународна помош, а дел од парите дури бил употребуван за поддршка на терористички активности.

Дури поред крајот на својот живот Арафат се дистанцираше од терористите.

Хенри Кисинџер

Кисинџер не беше толку спорна личност како Арафат, но доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1973 г. токму нему му предизвика контроверзи.

Како причина за одликување на советникот за безбедност на американскиот претседател Никсон беше наведен крајот на Виетнамската војна. И покрај тоа што за време на владеењето на Никсон таа војна уште еднаш нагло ескалираше и однесе многу невини жртви. Заедно со Кисинџер, како добитник на Нобеловата награда за мир беше прогласен и Виетнамецот Ле Дук То, меѓутоа, тој одби да ја прими нагарада со образложение дека во неговата земја сè уште не завладеал мирот.

Кисинџер како дипломат и стручњак за безбедносна политика остана уважена личност и во годините по доделувањето на наградата, но и понатаму остана спорна неговата лојалност кон Никсон кој, пак, неславно мораше да се отсели од Белата куќа поради аферата „Вотергејт“.

Кисинџер и подоцна многу позитивно се изјаснуваше за својот поранешен шеф: „Никсон имаше повеќе поим за надворешната политика одошто кој и да е друг американски повоен претседател“. Притоа, тој секогаш повторно го изразувапе своето разочарување поради тоа што подоцнежните претседатели не ги сакаа неговите советнички услуги.

Вангари Маатаи

Маатаи беше првата Африканка која ја доби Нобеловата награда за мир. Оваа еколошка активистка се бореше против уништувањето на последните шумски области во близина на кенискиот главен град Најроби и против корупцијата во својата татковина.

Кога ѝ ја доделуваа наградата во 2004 г. таа изјави: „Ако навистина сакаме да ја окончаме корупцијата која е лоша за нашата земја, зошто тогаш не го сториме тоа? За такво нешто не ни се потребни пари, туку само напорот на целиот народ“. Ваквите изјави ѝ донесоа големи симпатии во западниот свет.

Меѓутоа, шокантно звучеше нејзината изјава дека вирусот на сида е вештачки создаден во лабораториите на западните земји за да се уништат црнците.

Маатаи беше непопуларна и во својата земја. На претседателските избори во 2007 г. оствари катастрофално лоши резултати и потоа ја заврши својата политичка кариера.

Наградата како товар

И многу други добитници на Нобеловата награда за мир по доделувањето паднаа во заборав. На пример, Џоди Вилијамс заедно со Кампањата за забрана на противпешадиските мини беа одликувани со ова високо признание во 1997 г.

Две години подоцна овој ангажман покажа успех: во Отава беше потпишана меѓународната Конвенција за забрана на противпешадиските мини. Но, нејзината таковина САД и до денес не ја потпишала конвенцијата, исто како ни Русија.

Разочараната Џуди Вилијамс подоцна Нобеловата награда за мир ја нарече „неверојатен товар“.

И финскиот дипломат Марти Ахтисари, кој ја доби во 2008 г., го споделува истото мислење. Во интервју за Дојче веле од 2009 г. тој изјави: „Не постои речиси ниеден проблем во светот кај кој, како добитник на Нобеловата награда за мир, вам нема да ви бараат да го ставите вашето име под некој апел“.

А како стојат нештата со нобеловецот и американски претседател Барак Обама? Едно е сигурно, кога беше објавена одлуката за неговото одликување, светот беше изненаден подеднакво колку и тој самиот.

Досега Обама не ги исполни големите очекувања што се однесува до неговите способности како мировен посредник. Во суштина, Нобеловата награда за мир ја доби врз основа на неговата визија за подобар и поубав свет без војни и атомско оружје.

Извор: Deutsche Welle