11 Октомври 1941

10.10.2011 10:13
Првата егејска ударна бригада, Битола 1941 г.

На сликата горе: Првата егејска ударна бригада, Битола 1941 г.

Во врска со вооружената акција на 11 октомври постојат контроверзи, дека била прво стриктно договорена, па откажана од страна на Покраинскиот комитет... Како се однесуваше прилепската партиска организација спрема овој почеток на вооружената борба?

Месниот комитет веќе беше донел одлука за почеток на акцијата на 11 октомври. Јас на 10 октомври вечерта излегов во партизани. Зборно место беше зад Маркукуле. Таму се прибираа и другите партизани. Утредента, на зборното место зад Маркукуле, се собравме сите одредени за во партизанскиот одред (преку 40 души). Познати се деталите на оваа акција, начинот на кој таа беше изведена, пунктовите врз кои беше извршен напад... и сè што се случи потоа. За мене, еве сега кога се навраќам на тие денови, беше пресудна решителноста на Вера Ацева. Таа цврсто остана на ставот да ја извршиме акцијата и покрај писмото од ПК за нејзино одложување. Мислам дека тука големо влијание имаше смелоста на Трајко Бошковски-Тарцан. Тој, иако имаше еден сомнеж дека е направено предавство од еден човек кој побегна од одредот, сепак инсистираше да тргнеме и на участакот и на поштата и на затворот.

Има разни верзии за судбината на првиот прилепски партизански одред, дека бил распуштен, дека сам се расформирал.

Кога ја извршивме акцијата, во градот со големи воени и полициски сили се крена потера по нас така што не успеавме сите да дојдеме до местото од каде што тргнавме во акција. Јас со мала група другари и другарки се засолнав кај една карпа во падините на Маркукуле. Некои од учесниците на акцијата беа уапсени; ние утредента се договоривме да слеземе во градот или во Варош и од таму да бараме повторно врски со одредот. Главнината, што остана на местото да ги сочека резулатите од акцијата во градот, предводена од Тарцана и БоркаТалески, кога ја виделе ситуацијата, заминале кај селото Ропотово (во шумата) каде што воспоставиле врска со партиската организација. Јас и групата што се засолнивме кај Маркукуле слеговме во градот и се засолнивме во разни куќи. По ден-два воспоставив врска со МК и тие ме упатија на местото каде што беше главнината на одредот, од Ропотово на Бабуна, над Степаначкиот манастир. На 23 октомври, со една посебна церемонија со давање заклетва, се оформи штабот на одредот кој го доби името Гоце Делчев. Јас станав политички комесар на одредот.

Наближуваше зимата и некаде во декември дојде на состанок во Прилеп истакнатиот револуционер Страшо Пинџур. Во селото Варош, во присуство на тогашниот секретар на Општинскиот комитет на Партијата Пенко Здравковски имав разговор со Пинџур. Тој ми кажа за одлуката од Покраинското раководство одредот да се расформира и луѓето да се распоредат. Тоа е во почетокот на декември. Организацијата во Прилеп, која беше моќна, можеби и најмоќна во Македонија, имаше многу слабо влијание во селото и не можеше луѓето таму да се распоредат. А имаше друга организација, особено битолската, со организирана цела мрежа ќелии по селата. Добар дел од одредот отиде во тие битолски села.

Настанот на Кале 1945

Како „почна" слободата?

Во ослободено Скопје дојдов како член на ПК на СКОЈ. Секретар на комитетот беше Лилјана Чаловска. Штом дојдовме во Скопје Лилјана се венча со Лазо Колишевски и бидејќи тогаш сите секретари на ПК на СКОЈ беа членови на Политбиро, и таа беше член, но мораше да се повлече од таа функција. Ме викнаа во ЦК и ми рекоа дека јас треба да дојдам на нејзино место за секретар на ПК СКОЈ. Не поминаа неколку недели во ЦК кој беше сместен спроти основното училиште „Гоце Делчев" ме повикаа двајцата секретари Колишевски и Узуновски да ми соопштат дека сум примен и во Политбирото на ЦК. Меѓутоа, од тоа не стана ништо и никој никогаш не ми соопшти зошто се откажаа од таа одлука, не, сè почна и заврши со разговорот со Колишевски и Узуновски. Инаку, штом дојдов на чело на ПК СКОЈ почнаа подготовките за Вториот конгрес на НОМСМ кој се одржа во јануари. Тогаш имавме многу добри врски со сите балкански младински организации, па и со рускиот Комсомол. Од сите соседни земји дојдоа делегации. Коигресот се одржа во почетокот на јануари. Реферат имаше Ацо Шопов, а јас бев претседавач на конгресот. Тогаш се случи бунтот на војската на Кале. Една група од учесниците упадна во салата и праша: „Кои се овде Срби. Дајте ги Србите. Покажете ни кои се Срби". За среќа, делегацијата на УСАОЈ ја водеше Хрват, Славко Комар, кој беше и член на ЦК СКОЈ на Југославија. Околу тој бунт на Кале се испредоа многу приказни.

Која е Вашата?

Нема моја приказна. Има собрано многу документи историчарот Тодор Симоски. Барем од тој материјал и од сите документи конечно се гледа дека воопшто никој не загинал на Кале. Сите оние што се наведува дека се убиени беа сослушувани и има изјави пред судот и пред полицијата. Во почетокот на 1990-те години во Нова Македонија се појави една статија од Ѓорѓи Малковски, млад историчар, доктор на науки, кој вели дека се стрелани 75 души на Кале. Тоа предизвика голем револт меѓу борците. Тие протести континуирано излегуваа во Нова Македонија. Според документацијата, девет или десет души се осудени на смрт од судовите.

Каков одек имаше тој настан во Скопје и во Македонија?

Ние од конгресот излеговме на плоштадот. Наша главна парола беше: „Ние Македонците Тито си го сакаме", бидејќи тие во нивните говори го негираа Тито и бараа македонски командант. Ни се придружи маса народ кој ја прифати нашата парола. Потоа Народна одбрана (тоа беше една од безбедносните организации) ги однесе во касарни. Беа изведувани на суд. Некои се осудувани на 10-15 години, а ни од осудените на смрт никој не е егзекутиран. По извесно време, а особено негде околу 2 август, како национален празник прогласен од АСНОМ, тие се помилувани. На некои им е намалена казната, некои се помилувани, но нема речиси ниеден што бил во затвор повеќе од седум до десет месеци. Сите се на крајот пуштени на слобода. Тоа беа млади македонски војници од артилериската бригада меѓу кои и некои мобилизираи постари војници што служеле во бугарската војска под чие влијание потпаднаа и некои од младите. Тие во бунтот уфрлија парола „Не сакаме на Берлин, туку на Солун". Не сакаа да одат на Сремски фронт. Тогаш Врховниот штаб на Југославија испрати, бидејќи се помина од партизанска на регуларна војна, од Белград, неколку Срби и Црногорци, како инструктори. Овие бунтот го прикажуваа како тие да ја презеле цела команда во Македонија, што не е точно. Еден од дискутантите, сега генерал во пензија, во тоа време говори дека од 24 000 старешини само 120 биле испратени од Белград. Тој феномен, учеството на овие бивши војници и офицери не е доволно расветлен. Но, едно е точно, дека нема ниеден човек убиен. Ист таков бунт по една недела-две се појави и во Штип. Таму отиде Темпо кој одржа говор. И за Штип се прикажува, но ни таму нема никој убиен.

И двата настана, сепак, се многу карактеристични по времето во кое се јавуваат и по паролите. Времето е - веќе ослободена земја, а паролите се - да се тргне кон Солун.

Цело време имаше струја, дури и во самото партизанско движење која се залагаше за обединување на Македонија. Институтот за национална историја издаде две книги документи од Форин офис, каде што апсолутно се гледа дека би било една авантура да се отиде на Солун, зашто таму веќе беа Англичаните, сојузниците. Значи, од окончување на борбата против фашизмот, конечното уривање на Хитлер, да се префрлиш на друг терен и да влезеш во областа на своите сојузници – војнички тоа би било масакр, бидејќи ние не располагавме со таква воена техника со каква што располагаа сојузниците. Освен тоа, политички беше неодржливо бидејќи во Јалта беше направена поделба на сферите на влијание.

Потоа, јас бев префрлен за инструктор (тогаш имаше инструкторска управа во ЦК) кој оди на терен по организациите. Тоа траеше негде до есента. Есента се изврши реорганизација на територијата на Македонија. Пред тоа имаше окружни комитети на Партијата и окружни комитети на новата народна власт. Се направија четири обласни комитети: Скопје, Штип, Велес и Битола. Ме испратија за политички секретар на обласниот комитет на Партијата во Битола. Таму се формира цел обласен комитет. А тогаш секретарите на обласните комитети беа и секретари на народните одбори на власта, така што јас бев и секретар на обласниот народен одбор. Значи и цивилната и партиската власт во едно. Партија на власт. Како секретар на обласен комитет на Партијата останав една година - од ноември 1945 до ноември 1946 година. Во Битола ја сретнав мојата идна сопруга Марга и таму стапивме во брак.
Во 1946 година се отвори висока политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ" во Белград и јас бев таму испратен на школување. Половина беа професори кои предавале во некои партиски школи во СССР и нè напумпаа со марксизам, односно со сталинизам. И не само тоа, туку еден од нив се скандализира кога разбра дека една група од нашите колеги (а тие беа новинари и по некои предмети слушаа одделни предавања, меѓу нив беа и Лазо Мојсов и Климе Мазов) имаа запишано да учат англиски јазик. Како може да учат англиски, а не руски. Ние сите по малку подучувавме руски јазик.

Колку време траеше школувањето?

Останав една година, до ноември 1947. Во ноември се вратив и станав началник на инструкторската управа. Тоа траеше два месеца. Во средината на јануари, 13 јануари, нè повика во својата премиерска канцеларија Колишевски, кој беше во исто време и секретар на ЦК, мене, Никола Минчев и Боге Кузмановски и ни соопшти дека сите тројца сме кооптирани директно во Политбирото. Тоа е во јануари 1948. Јас станав член на Политбирото пет-шест месеци пред раскинот со Сталин.

Што е друго значајно во тој политички и интелектуален живот на Македонија. Дали во тој период се поставуваше проблемот на интелектуалците?

Јас мислам дека во раководството на Партијата имаше мала антиинтелектуална струја и таа доведе до тоа добар дел од интелектуалците да биде испратен надвор од Македонија затоа што не го поддржуваше болшевичкиот принцип на демократскиот централизам. Тие што сакаа да изразат свое мислење беа испраќани на разни функции во Белград. Меѓу нив беше и Глигоров, затоа што по одделни прашања беше во судир со партиското раководство.

Крсте Црвенковски (Прилеп, 16 јули 1921 - Скопје, 21 јули 2001) е еден од водечките македонски политичари, познат и како дисидент во македонското комунистичко движење предводено од Лазо Колишевски. Учесник е во НОБ и носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941.

Од книгата на Мирче Томовски и Крсте Црвенковски, Заробена вистина; „Култура“, Скопје, 2003

Други текстови од Црвенковски на Окно:

Капитулацијата на Југославија, 1941

Прилеп, лето 1940