Посилни од извесноста

10.10.2011 12:12
Посилни од извесноста

Во првиот краток роман на Х. Џ. Велс, Времеплов (објавен 1895 година), еден научник заминува во далечната иднина и таму запознава луѓе кои живеат рајски: во ведрина, безделништво, изобилие. Единствената забрана е излегувањето ноќе, бидејќи на нив тогаш демнат гнасните креатури од подземјето, далечните потомци на некогашната работничка класа. За сето тоа блажениот народ кој живее денски нема јасна претстава, бидејќи нема никакво сеќавање ниту на претходниот час, а камоли на далечното минато: неосетливи за страдањето на пријателот кој се дави, потполно незаинтересирани за странецот кој патува низ времето, овие луѓе живеат во потполна и колективна амнезија, а единственото чувство што го познаваат е – стравот.

Македонскиот народ денес по многу нешта наликува на народот од романот на Велс. Лагата и симулацијата го достигнаа врвот, а ноќта стана непрекинат ден. Изминатите неколку години секојдневно и агресивно ни се испорачуваше не само една сосема вештачка слика за македонската историја, наменета за пропагандните цели на режимот, туку секојдневно и бескрупулозно се шминка и сликата на невеселата сегашност.

Токму затоа јубилејот, Седумдесетгодишнината од започнувањето на антифашистичката народно-ослободителна борба, денес ни дава шанса барем делумно да излеземе од кулисите на груевистичкиот „рај“. Денешниот јубилеј треба да ни овозможи да ги поврземе временските рамништа низ кои живееме; минатото, сегашноста и иднината неодвоиво го сочинуваат заплетканото клопче на нашите животи. Вистина, тие никогаш не можат да бидат осознаени во нивната целокупност и никогаш не можат да бидат осознаени со извесност. Ернст Блох зборува за “темнината на проживеаниот момент”, за онаа структура на нашето историско постоење која ни оневозможува кога било да бидеме современици со својата сегашност. Тоа значи дека секое политичко дејствување мора да биде мислено со оглед на оваа темнина, на слепилото и неизвесноста, со оглед на она што Бенјамин често го нарекува “опасност”.

“Настаните кои го опкружуваат историчарот и во коишто тој учествува ... се наоѓаат во позадината на неговото претставување, како еден текст пишуван со невидливо мастило”, објаснува Валтер Бенјамин, еден од најзначајните политички аналитичари во 20-от век.

Историски да се артикулира минатото не значи да се осознае ‘какво всушност тоа било’. Тоа значи да се овладее со сеќавањето онака како што тоа заблеснува во моментот на опасност.” Бенјамин го одредува моментот на опасност и како момент во кој потчинетите класи чувствуваат дека ќе ги “преплави” конформизмот – тоа е, значи, момент во кој тие чувствуваат дека се изложени на ризикот да станат инструменти на сопственото потчинување.

Ми се чини дека на македонскиот народ денес, под груевизмот, му се случува токму тоа: самопотчинување, т.е. диригирано слепило пред опасноста на историскиот момент. Конформизмот на убавата слика за себе го игнорира „моментот на опасноста“, т.е. самата реалност. Поинаку речено, за денешните Македонци многу опасни можат да се покажат повиците за „будење” и за ново национално себедефинирање. Од историјата знаеме дека дури и ветувањето на напредокот и новиот идентитет често осцилира меѓу револуционерното и реакционерното – нема подобар и позастрашувачки пример за тоа од германскиот национал-социјализам во триесеттите години од минатиот век.

Фасцинирани од својата потставена национална слика, анестезирани од режимското произведување „рај“, ние денес стаписано им се препуштаме на опасностите и неизвесностите, наместо порешително и подлабоко да го погледнеме, меѓу другото, и огледалото на минатото. Погледот во тоа огледало ќе ни покаже, на пример, колку е апсурден и перверзен обидот на груевизмот во својата прождирачка орбита (на едно тотално владеење) да го инкорпорира дури и антифашизмот! Гледајќи во огледалото на минатото, токму со гнасење треба да го отфрлиме фашистичкото „национализирање“ (реквизиција) на антифашизмот, т.е. мешањето (како восокот во лажните музеи да трпи сè?!) на партизанот Кузман Јосифовски Питу, на пример, со ординарниот злосторник и фашист Ванчо Михајлов.

И токму (во тој аспект негативно) поучени од комунистичкото минато, политиката треба да престанеме да ја гледаме само како тоталитет и општа контрола (груевизмот тука ги следи најлошите аспекти на владеењето на комунистите); за промена, можеби треба да почнеме политиката да ја согледуваме како постепена еманципација (тоа беше добрата страна на социјализмот), како етика и одговорност, а не исклучиво како сила и моќ. Се разбира, како што вели Едуардо Кавада, „доколку нашите етичко-политички одговорности се обидуваат да ги минимизираат опасностите, неизвесностите и моментите на незнаење (за да нè уверат во илузијата за нашата сигурност, за да ги потврдат нашите добри уверувања или добрата совест), тогаш тие се изложуваат на ризикот да станат нешто што се разликува од политичкото, етичкото и одговорното”.

Кавада (стручњакот за Бенјамин), и покрај сè, е оптимист; со оглед на тоа дека политичката одговорност секогаш е без модел или гаранција, можно е токму таму каде што извесностите почнуваат да слабеат и да исчезнуваат, ние луѓето да започнеме да ја собираме силата која е посилна од секоја извесност. Тоа е истата онаа сила која ги придвижи македонските партизани пред седумдесет години да му се спротистават на фашизмот.

Фотографиите се од филмот „Десант на Дрвар“ (1963, Фадил Хаџиќ)

За каков бе авторе грујовизам

За каков бе авторе грујовизам пишуваш. Си прочитал многу филозофски книги се глеа, оти филозофираш до бесвест. Би требало да знаеш како еден народ како Германскиот тргнал по едно човече како Адолф да го освојува светот без поговор. Дали знаеш дека пред да дојде Хитлер на власт Германија била во кал, уништена од баснословна инфлација. Нормално молерот не направил којзнае што. Некој го советувал дека треба безусловно да го запосли народот. И нормално што може молерски мозок да смисли? Им дал лопати, копачи, облека храна и вода и ги пуштил да копаат и рамнат по трасираните патеки од Германските инжинери. Му тргнало зашто кога ги запослил почнало да ги снемува lumpenproleterskite проблеми. Сигурно си слушнал за Германските Autoban-ови. Е тие се уште од Хитлера до ден денешен и толку се добро направени што е доволно да се одржува само горниот слој. Значи тој нацист за цел свет, за Германците бил спасител на економијата. А замисли не бил дури ни Германец. Инаку Германците се оградуваат од нацизмот и Хитлер, ама упорно го следат концептот - ако не можеме со сила можеме со ум и пари и за чудо им успева. Веојатно штом Никола Груевски добива избори неколку пати по ред нешто направил за народов. Не знам зошто го обвинуваш како ти го нарекуваш Грујо, за националсоцијализам, кога не те натерал да копаш водовод за некое село туку плаќа изведувачи што го работат тоа, а тебе те остава да шкрабаш глупости. Мислам дека треба да се има почит спрема функцијата премиер, и личноста која ја носи не треба да се нарекува со пежоративни и погрдни имиња. Доказ дека не живееш под режим е и постоењето на овие твои шупливи нарачани колумни. Имам уште да ти коментирам, и немој да мислиш дека ја бранам Владата, ама мислам дека треба да ги оставиме да си ја работат нивната работа а ние нашата. Фати се за работа која може да нахрани некого или нешто да остави после тебе, ова колку за утре, ќе се заборави.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото