A, ja sranja na Wall Streetu

19.10.2011 11:38
А, ја срања на Волстрит

Протестите за поддршка на американските демонстранти во борбата „против корпоративната алчност и влијание на капиталот врз политиката“ низ сјебаните екс-ју метровукојебини ме потсетуваат на онаа позната сцена од „Ничија земја“, со репликата: „А, ја срања у Руанди“.

Иако секој активизам во земјите со одамна убиени луѓе – кои се меткаат наоколу како зомбија под контрола на племенските вуду врачеви – вреди колку суво злато, тој истовремено е и безнадежен, но и актуелен и трагикомичен во својата гротескна амбициозност и погрешна насоченост.

„Ние сме 99%“, тврдат грст демонстранти во Сараево, Бања Лука и Зеница. Но иако слоганот кој го користат – изворно – е силно укажување на неправедната распределба на општественото богатство и сè поголемиот јаз меѓу сиромашните и богатите, тој, во оваа ситуација, ја менува смислата и добива комичен призвук. Не, вие (!) кои протестирате и се обидувате нешто, не само што не сте 99% туку сте длабоко под промилот. Точно 0,006%! Или: дури секој осумнаесетилјадити жител на државава. Значи, под нивото на статистичка грешка.

99% се (ајде и јас да претерувам) оние по кафеанските бавчи, трговските центри и зад завесите на прозорците од своите станови или буџетски канцеларии кои, додека поминувате со транспарентите, извикувајќи пароли против капитализмот и банките, ве гледаат со мешавина од нелагодност, презир и страв. Таа инертна, консумеристичка, конформистичка маса која е убиена со пропагандата, безнадежноста и корупцијата, со зомби филозофија, е 99%. Куп луѓе кои со векови имаат градено дух на поданици, кои во земја претворена во септичка јама, како Босна и Херцеговина, за време на последниве дваесетина години не најдоа за потребно да организираат сериозен протест против ништо.

Повикувањето на фактот дека и американските протести започнаа од стотина луѓе па прераснаа во огромни размери е бесмислено (бидејќи овде нема да порасне!). Како што е бесмислено да се копираат барањата на незадоволните граѓани од високоразвиените земји или да ги претвораме во света војна против капитализмот (не е доволно што половина население во Босна е на работ од гладување, бројот на невработени е речиси ист со оној на вработените, а низ ЕУ институциите се прераскажуваат вицеви за нашиот „напредок“, туку и ни требаат американски причини за протести?!).

Иако, искрено, ги ценам луѓето кои се борат за што било, сериозно ме нервира третирањето на општествените протести како мода. („Баш сме кул и во тренд, демонстрираме против капитализмот“). Или несфаќањето на противречноста на симболиката која се употребува (мавтање со знаме со ликот на Че Гевара кој, заедно со користењето на панк стандардите во рекламите, е „жив доказ“ дека корпорацискиот капитализам голта сè, заработува на сè и сè претвора во свој производ или реклама – нека не ве чуди ако, уште утре, во продавниците наидете на брендирана стока, „Анти Волстрит“ маици и најк патики за демонстранти).

Освен тоа, можеби сум старомоден, ама се грозам од протестите кои наликуваат на забава на отворено. Мечтаам за оние водачи, кои ги предводат луѓето, да бидат сериозни луѓе, со намуртени лица, на кои им е доста од заебавањето со нивните животи и кои бараат или промени веднаш (!) или некој да плати за нивните уништени животи. Сонувам за вистинска побуна на угнетените, чиј израз на лицата ќе биде доволна закана и без употреба на сила. И кои нема да мораат ни да вреват, ни да свиркаат, ни да удираат во тапани, туку само низ стиснати заби ќе ги процедат своите барања.

Антикапиталистичките слогани, во суштина, од овдешна позиција, се идентични со мрчењето за тоа како во ЕУ не цветаат ружи и како и таму има разни срања, проблеми и негативности. Ма, немој? Па, дека е подобро да останеме во својата племенска септичка јама, со своите врачеви и поглавари кои ни се празнат врз главите, додека ние во мазохистичко сладострастие свршуваме, молкум тапкајќи се по рамото еден со друг, јадејќи гомна или кревајќи се во борба притив капитализмот, глобализмот и ЕУ како нов затвор за народите.

Ние сме... на дното! Интравенозно приклучени за туѓи паричници без кои уште утре би завршиле во кома. Да се бара пропаст на капитализмот, од наша позиција, е подеднакво глупаво како своевременото стампедо на „социјалистичката“ врхушка од „комунистичка“ диктатура во капиталистичкиот „демократски рај“. Демократскиот социјализам, кој се слуша како барање, е пропуштен како историска шанса, бидејќи толпата ја сфати холивудската реклама како реалност и се стрча во Капитализмот, со верувањето дека сите ќе бидат милионери, за уште во следниот чекор сите да се разбудат голи и боси. И без можност за враќање!

Во Босна и Херцеговина (а нема посериозни разлики и во останатите поранешни југословенски републики) барањето за борба против капитализмот е посебно комично. Едноставно, затоа што на идентичен начин на кој ова е само формално држава со формална демократија, така и капиталистичкиот поредок е само формален. Во стварноста, ние сме претполитичко општество, фашизоидни племенски заедници, во кое на сила е софистициран феудален систем, законот на посилниот и најпримитивниот грабеж на луѓето и природните добра. Од капитализмот против кој се бунат во Европа и Америка ние сме оддалечени светлосни години, онолку колку што порано бевме далеку и од комунизмот.

Затоа барањата за воведување „директна демократија“ и народни пленуми – ако ја занемариме нивната крајна неспроведливост од практични причини – во земја со толкав број неписмени во буквална смисла, а уште поголем во политичка, чие ниво на знаење, интелигенција и свест се покажува на секои избори, попрво претставува очајничко трескање глупости и фаќање за сламка одошто излез и решение на проблемот.

Затоа, тапото сечило на овдешните протести е сосем погрешно насочено. Па, дури и претставува своевидно конформистичко бекство од реалните присутни проблеми кон сигурноста на обопштената борба против апстракната капиталистичка напаст.

Можат да се оправдаат единствено како уште еден очајнички обид за наоѓање најмал заеднички именител меѓу клеронационалистичката политика на длабоко поделените светови. Па, „ете, ние сме будали со кои племенските врачеви и поглавари манипулираат и меѓусебно нè спротивставуваат како и кога ќе им текне, ама ќе се сложиме во борбата против апстрактниот капитализам и апстрактниот грабеж на апстрактните 1% над апстрактните 99%“.

Но... нашите проблеми и нашите грабачи се многу конкретни. Само што, нашите 1% „многу незгодно“ се поклопуваат со националните и верски водачи кои се амнестирани од секоја одговорност.

(...)

Но колку и да ги иронизираме, омаловажуваме или да ги обвинуваме за лоша причина за протест, организаторите и учесниците на демонстрациите одржани деновиве во три босански града, сепак држи фактот дека тие нешто направиле (или се обиделе да направат), додека сите ние, секој поради своја причина, покажавме рамнодушност, мрзливост и глупост. Не рамнодушност кон американските демонстранти (кој ги ебе, впрочем – капитализмот не стана чудовиште од плакарот од вчера; се бунат сега, кога кризата им дојде до гуша, а со десетлетија мирно го игнорираа умирањето на милиони деца и луѓе од глад, и неоколонијалистичкото силеџиство и злосторничко однесување на своите влади и компании), туку рамнодушност кон сопствените животи и нивното уништување од страна на нашата (и само патемно „меѓународната“) политичка и бирократска багра.

Стефан Хесел, поранешен борец од Движењето на отпорот и еден од учесниците во создавањето на Општата декларација за човековите права, во својата брошура „Побунете се!“, која му претходеше на бранот светски демонстрации и беше инспирација за нивните иницијатори, вели: „Најлош став е рамнодушноста, да се каже: ’Јас овде ништо не можам, се снаоѓам’. Со таквото однесување губите една од битните состојки кои ве прават човек. Една од неопходните состојки: способноста да се побуните и ангажманот кој произлегува од тоа...“

„Одговорни сте како поединци! – тоа беше либертаријанската порака. Одговорноста на човекот кој не може да се потпре ни на власта ни во бога. Напротив, треба да се ангажираме во име на својата одговорност, како човечко суштество.“ И додава: „На сите вам ви посакувам да најдете сопствен мотив за побуна. Тој е скапоцен“.

Нема да завршам со Хесел, иако старчето е одлично, туку со некој многу помлад. Веќе некое време во глава ми се врти – а ова ми се чини соодветно место за негово „треснување“ – фајтерскиот стих на Марчело: „Ако спаднам на питачки стап – ќе почнам да тепам со него!“.

Е, тоа е нивото на „активизам“ кое би го пробудило интересот на оние „1%“.

Извор: e-novine

true story bro, i read it

true story bro, i read it

ОкоБоли главаВицФото