
Не е лесно на хартија да се пренесе целата чудност на собирот „Окупирај ја лондонската берза“ одржана на скалите на катедралата Св. Павле минатиот викенд. Сето тоа беше толку британски, луѓето на тротоарот правеа каша, истовремено оддавајќи почест на протестите Окупирај го Волстрит. Демонстрантите од Лондон дури и го презедоа концептот „човечки микрофон“ што се користи во паркот Зукоти – толпата го повторува сето она што говорникот го кажува, така што тие одзади можат да слушаат – наспроти фактот дека мегафоните и микрофоните не се забранети во Лондон. Ефектот, која може да се погледне на сајтот на Гардијан, беше отприлика ваков:
- Потребен ни е процес! (Потребен ни е процес!)
- Постои причина за овој собир! (Постои причина за овој собир!)
- Знаеме дека сте таму! (Знаеме дека сте таму!)
- И се солидаризираме со вас! (Се солидаризираме со вас!)
Ова ненамерно потсетува на сцената од филмот Брајановото житие на Монти Пајтон, во кој Брајан, за кого луѓето веруваат дека е месија, вика кон публиката: „Сите вие сте поединци!“. А масата одговара: „Сите ние сме поединци!“
За моето американско уво сличноста е уште поголема зашто сите говорници се Британци, па и така звучат како да се во филм на Монти Пајтон. Но, ова не е необично: движењата на „окупацијата“ во Европа познати под името Indignados, според шпанските протести кои почнаа пролетта, во различни земји добиваат различни национални карактеристики. Демонстрантите на собирот Окупирај го Токио извикуваа пароли за нуклеарната енергија. Движењето Окупирај го Сиднеј згасна зашто, како што еден портпарол со жалење призна: „Кај нас во Австралија кризата не е толку длабока“. Во Рим, каде што радикалната политика низ историјата подразбираше насилна маргина, собирите веќе се претворија во нереди, и предизвикаа штета од повеќе милиони евра.
Се разбира дека овие меѓународни протести имаат многу заеднички нешта, и меѓу себе и со антиглобалистичкото движење кое им претходеше. Слични се по недостатокот на фокус, по недовршената природа, а пред сè по одбивањето на комуникацијата со постојните демократски институции. Во Њујорк демонстрантите викаа „Вака изгледа демократијата“, но, всушност, демократијата не изгледа така. Така изгледа слободата на говорот. Демократијата е многу поздодевна. Демократијата бара институции, избори, политички партии, правила, закони, правосудство и многу негламурозни активности кои бараат време, и кои ни приближно не се забавни како кампувањето пред катедралата Св. Павле или извикување слогани на улицата Сен Мартен во Париз.
Но, во одредена смисла, може да се разбере зошто меѓународното окупаторско движење нема здрави законодавни предлози: и изворите на глобалната криза и нејзините решенија, по дефиниција се надвор од досегот на локалните и на националните политичари. Како што пред неколку години напишав за време на првите нереди во Грција, никој нема многу почит за лидерите брз власт. Никој не гледа поента да гласа за луѓе кои не можат да го спречат следниот бран економски хаос кој се тркала од Пекинг, Брисел или Њујорк. Ако некој е вознемирен од мерките за штедење кои неговите земји ги наметнуваат на задолжените банки од спротивниот крај на светот, не е логично да се жали на градоначалникот на Севилја.
Значи, појавата на меѓународното протесно движење без кохерентна програма не е никаква случајност: таа открива подлабока криза, без очигледно решение. Демократијата се заснова врз владеењето на правото. Демократијата функционира единствено во рамки на сосема одредените граници и меѓу луѓето кои сметаат дека припаѓаат на иста нација. Глобалната заедница не може да биде национална демократија. А националната демократија не може да го заузди глобалниот хеџ фонд од милијарди долари, со седиште во некоја даночна оаза, и со вработени раштркани низ целиот свет.
За разлика од Египќаните на плоштадот Тахрир, со кои и лондонските и њујоршките демонстранти отворено (и бесрамно) се споредуваат, ние во западниот свет имаме демократски институции. Тие се основани за да ја одразуваат, макар делумно, желбата за политичка промена во рамки на одредена држава. Но, тие не можат да ја услишат потребата за глобална политичка промена, ниту можат да контролираат што се случува надвор од нивните граници. Иако сè уште верувам во економските и духовни предности на глобализацијата, и во отворени граници, слобода на движењето и слободна трговија, глобализацијата очигледно почна да го поткопува легитимитетот на западните демократии.
„Глобалните“ активисти, ако не бидат внимателни, ќе го забрзаат оваа одење кон бездната. Демонстрантите во Лондон извикуваа „ни треба процес“. Па, веќе имаат процес: се нарекува британскиот политички систем. И ако не научат да го користат, само дополнително ќе го ослабат.
Избор: Slate
И одговорот на Жижек до
Испратено на 01 ноември 2011 од НовицаИ одговорот на Жижек до Епелбаум:
http://www.lrb.co.uk/blog/2011/10/28/slavoj-zizek/democracy-is-the-enemy/