10 познати личности кои не постоеле (2)

02.11.2011 12:35
10 познати личности кои не постоеле (2)

5. Папата Јована

Еден од најпознатите папи на сите времиња е оној за кој модерното свештенство смета дека воопшто не постоел. Папата Јована била фигура за која се верувало дека служела како поглавар на католичката црква околу 853-855 година. Нејзината приказна првин се појавила во списите од 13-от век на фратарот од доминиканскиот ред Жан де Маил, а неколку века подоцна стана препознатлива легенда во Европа. Приказната доаѓа во разни верзии, но најпопуларната е онаа која ја опишува Јована како побожна, брилијантна жена која, откако се преоблекла како маж, брзо се пробила во редовите на католичката црква и била избрана за папа. Нејзиното владеење наводно завршило откако еден ден јавајќи коњ паднала од него и родила дете. Одовде приказната тргнува во различни правци: некои верзии велат дека умрела на породување, други дека умрела од природна смрт, а некои дека била убиена од разбеснетата толпа. Додека историчарите најдоа докази кои ја побиваат идејата дека папата Јована навистина постоела, некои тврдат дека приказната потекнува од сатиричната приказна за папата Јован XI. Верските схоластици и познати писатели, како Бокачо, често ја споменувале, а постојат и тврдења дека биле подигани статуи со нејзин лик. Легендата се задржала неколку векови, сè до 1601 г. кога папата Клемент VIII и официјално не ја отфрлил приказната.

4. „lonelygirl15“ („осаменадевојка15“)

Интернетот веќе долго време претставува поволна област за измами и лажни претставувања, а „lonelygirl15“ е можеби најпознатиот пример. Името се однесува на снимката од Јутјуб на 16-годишната девојка Бри која почна да поставува видео блогови на оваа страница во 2006 г. На почетокот, снимките не беа ништо повеќе од интернет дневник на просечна средношколка, заедно со шеговитите ефекти и поплаките за тоа колку е здодевно нејзиното родно место. „lonelygirl15“ набрзо стана хит, и стана најпопуларниот канал на Јутјуб. Но по неколку епизоди голем број гледачи почнаа да се сомневаат дека снимките се измама. Откако сомневањето се појави на многу интернет страници и форуми, детективи-аматери почнаа да ги испитуваат снимките, барајќи недоследности и докази за тоа. За брзо време се откри дека „Бри“, всушност, е 19-годишната глумица Џесика Роуз од Лос Анџелес, чиј профил на Јутјуб е внимателно исценирана медиумска измама чија крајна цел е создавање ТВ серија. Целиот скандал за кратко време ја направи „lonelygirl15“ културен феномен и шоуто продолжи во наредните две години, со квази НФ заплет, бришејќи го наративниот дел и неколку ликови. Ликот Бри, за кој многумина веруваа дека е вистинска тинејџерка, е убиен во серијата во 2007 г.

3. Тони Клифтон

Комичарот Енди Кауфман бил познат по тоа што ја забавувал публиката во склад со нејзините очекувања, комбинирајќи изведувачка уметност и мистериозен алтер его во своите настапи во живо. Една од неговите најпознати творби е Тони Клифтон, вулгарна пропалица и често пијан пејач кој ги отворал комичарските настапи на Кауфман. Со својот ужасен глас, спротивставени ставови и обичајот да го заборава текстот на песните, Клифтон го сумирал секој стереотип за остарен забавувач од Лас Вегас, и набрзо станал популарен лик. Откако се дознало дека Клифтон е Кауфман во костим и со шминка (ова обајцата го негирале), Каумфан наредил двата негови браќа и пријателот Боб Змуда да играат ликови на сцена за да се продолжи со илузијата дека тој и неговата измислена личност се посебни ликови. Тони Клифтон набрзо се појавил во многу емисии, од ноќното шоу на Дејвид Летерман до емисијата на Дина Шор, од која бил исфрлен поради тоа што фрлил чинија со јајца врз водителката. Успеал да се појави како специјален гостин во ситкомот „Такси“, но бил исфрлен од сетот бидејќи го нарушувал снимањето. Кауфман починал 1984 г. без објавување на вистината и дури и денес не е познато колку пати се појавил тој како Клифтон и колку пати се појавиле другите негови соучесници во оваа улога. Пејачот со груб глас продолжил да се појавува и по смртта на Кауфман, што само ја продолжило илузијата дека Тони Клифтон е вистинска личност.

2. Алан Смити

Режисерот Алан Смити уживаше во долгата и разновидна кариера во која правеше сè, од филмови до ТВ пилот епизоди, цртани филмови и музички спотови. Тој би бил најпрофилираниот филмски работник – се разбира, доколку постоеше. Од 1968 г. режисерите, кои не сакаат да добиваат заслуги за своите филмови, го користеа името „Алан Смити“ како псевдоним. Својата прва работа Алан Смити ја доби кај Дон Сигел во филмот „Смртта на револверашот“ и оттогаш беше користен секогаш кога некој режисер ќе почувствуваше дека филмот е загрозен до тој степен што конечниот производ повеќе не е негово дело. На тој начин Алан Смити е автор на 73 филма на страницата IMDB (интернет страница која претставува филмска база на податоци), вклучувајќи и значајни филмски продукции од типот на „Господари на пеколот 6: Крвна врска“, „Соларна криза“ и ТВ серии како „Козби шоу“. Неколку познати режисери го користеле ова име во филмовите кои се значително изменети за прикажување на телевизија. Американското здружение на режисерите официјално го отфрли Алан Смити во доцните 1990-ти, по појавувањето на филмот „Филм на Алан Смити: Гори, Холивуде, гори“, кој привлече несакано внимание на името. Оттогаш, несреќните филмаџии избираат сопствени псевдоними, но некои од нив продолжија да го користат Алан Смити како еден вид оддавање почит. Всушност, од 2000 г. наваму овој фантомски режисер снимил 18 филмски остварувања.

1. Презвитер Јован

Ниедна непостоечка позната личност немала толкаво влијание врз политичката ситуација во светот, религијата или истражувањето како Презвитер Јован, митскиот крал за кој се верува дека порано бил на чело на Христијанското царство во Азија. Легендата за него почнува во 12-от век, кога настанала како мешавина од авантуристички приказни, вистинити приказни за христијанските мисионери и експедициите на Александар Македонски. Презвитер Јован и неговото кралство станале вистинска сензација во 1165 г. кога писмото кое наводно тој го напишал започнало да кружи низ Европа. Според овие извори, Јован бил директен потомок на еден од Трите мудреци. Неговото кралство, за кое се претпоставувало дека се наоѓа на просторот на денешна Индија или Блискиот исток, многумина Европјани го гледале како зрнце цивилизациска светлина во областа која се сметала за егзотична и варварска. Се верувало дека Презвитер Јован е мудрец кој владее во благосостојба и често се зборувало дека во неговото кралство постоеле чуда како Фонтаната на младоста, па дури и Рајската градина. И покрај слабите докази за неговото постоење, легендата за Презвитер Јован се задржала низ вековите, па дури своевремено била поврзувана со монголскиот освојувач Џингис Кан. Дури во 17-от век научниците и патниците можеле да докажат дека Презвитер Јован е само мит, но во меѓувреме тој успеал да остави влијание на сè – од религијата до трговијата. Не само што мисионерите ги засилувале напорите во Азија и Африка со надеж дека ќе го откријат неговото кралство, туку и истражувачите како Магелан биле охрабрувани да трагаат по нови земји со надеж дека ќе го најдат митскиот владетел.

Извор: b92.net

Фотографии: Буби Канал

За првиот дел кликнете овде.

ОкоБоли главаВицФото