Правото на град - повеќе од популарен концепт?

30.11.2011 14:14
Кројцберг, Берлин

Проектот за урбани анализи и едицијата книги наречена MetroZones започна со работа уште во 2002 г., но во 2007 г. се преобрази во независното здружение „Центар за урбани прашања“. Целта на таа преобразба беше собирање разновидни пристапи кон истражувањето на градот, а методот на собирање беше организирање јавни дискусии, изложи и политички акции. MetroZones дејствува во Берлин и Хамбург, но и низ светот, соработувајќи со неколку меѓународни интердисциплинарни мрежи.

Предавање на Брита Грел и Јохен Бекер

Посткапитализам

Пред самиот почеток би сакале да се надоврземе на насловот на собирот „Градот на посткапитализмот“, бидејќи сметаме дека е вистински предизвик да се дефинира и расправа за различните значења и гледишта на поимот посткапитализам, и дали овој поим содржи во себе некакви утопии и деи за иднината или не.

Имено, некои теоретичари тврдат дека живееме во постдемократски општества, а тоа мислење е всушност најголемиот проблем на денешните општествени и леви движења. Една од главните дилеми на денешнината е дека не можеме да се оддалечиме од привремените облици на капиталистичка продукција и репродукција, и од општствените односи кои ги создаваат овие облици. Нашиот начин на живеење и дејствување на многу начини е споредлив со неолибералните концепти за флексибилност, индивидуалност и прилагодливост. Веруваме дека капитализмот ќе опстои уште долго време и дека нема да биде лесно да се најдат начини да го надминеме и да ја оствариме состојбата на посткапитализмот. Меѓутоа, можно е посткапитализмот да се спореди со постмодернизмот, во кој модернизмот не исчезна туку беше вклучен во новите системи на мислата.

Следната точка која би сакале да ја начнеме на почетокот од излагањето е нашиот однос кон истражувањето на градовите, автономијата и државата. Нашата позиција кон поимот автономија е многу подвоена, бидејќи кај неа мораме секогаш да се прашаме кој навистина може да си дозволи автономен живот и од каде стигнуваат средствата за таквиот живот. Затоа, наместо во нашата работа едноставно да бараме од државата да нè остави на мира, со поголемо задоволство зборуваме за нашето право на град како заедничка рамка која засега многу луѓе.

Правото на град

Идејата за правото на град стана многу популарна последниве неколку години во различни делови од светот како САД, Бразил, Франција или Германија. Оваа парола изворно ја разви францускиот марксист Хенри Лефевр под влијание на студентското движење од доцните 1960-ти, но и југословенското искуство од самоуправувањето. Неговата теза гласи дека градот е јавен, што значи дека тоа е место на општествена интеракција и размена. Со оглед на тоа, градот мора да биде хетероген и разновиден, а таа разновидност создава конфликти бидејќи луѓето се натпреваруваат околу обликот на градот, околу условите за пристап кон јавните сфери или околу правата на живот во градот.

Иако концептот „право на град“ е многу неодреден, сепак има две јасни карактеристики. Првата е дека сите луѓе кои живеат во градот се граѓани со право на учество во одлучувањето, без оглед дали имаат или немаат државјанство. Меѓутоа, Лефевр не објасни точно на какво учество мисли. Се знае дека не мислел на класичните, либерални демократски права како правото на претставник во парламентот, но неговиот опис на локално учество остана многу широк и недоречен. Втората карактеристика на овој концепт е тоа дека под овој поим се подразбира и правото на присвојување и користење на просторот на градот. На тој начин, сквотирањето на напуштените простори стана важна пракса во остварувањето на ова право.

Правото на град од своето настанување стана важен концепт, слоган и теоретска и филозофска идеја која вели дека имаме повеќе од баналното право да живееме и да го користиме јавниот простор – имаме и право да го создаваме. Ни тоа не е крајот на ова право, туку тоа се шири и на правото на создавање сопствен дом во склад со сопствените желби, што го прави овој концепт многу креативен.

Урбанистите би морале појасно и поинтензивно да размислуваат околу гледиштата на овој слоган, како и за тоа како се носат одлуките за планирање и како тие влијаат на производството градски простор. Денес граѓаните на разни начини учествуваат во планирањето и многу градски управи развиваат нови механизми за да ги вклучат сограѓаните во овој процес, но најчесто урбанизмот и понатаму се развива без оглед на мислењето на граѓаните за тоа. Затоа клучното прашање за правото на град е, всушност, прашањето за организацијата на учеството на граѓаните во одлучувањето, и на кој начин ваквиот облик на организација се соочува со односите на моќ. Пред прашањето за учество се поставува следново: кој може да полага право на градот? Со оглед на тоа дека истото се заснова на идејата дека сите граѓани го имаат тоа право, очигледно е оти во неговото остварување се обликуваат различни групи, општествени и сфери на интерес кои мораат меѓусебно да преговараат и да се судираат за своите цели, што го доведува поимот „право на град“ во состојба на постојана борба.

Бидејќи „правото на град“ е отворен концепт, свесни сме дека постојат негови различни толкувања и примени (од радикални до деполитизирани верзии). Наспроти тоа, нашиот слоган би можел да ни помогне да изградиме посилни врски меѓу различните градски движења, пракси и дискусии и на локално и на глобално ниво.

Нашето искуство на практикување на ова искуство доаѓа од Берлин, па затоа накратко ќе опишеме како разни невладини организации и градски движења ги применуваат овие идеи во секојдневниот живот.

Меѓукористењето во Берлин

Берлин е град кој има долга традиција на привремено користење, бидејќи многу места во градот се напуштени, како пропаднатите фабрики, државните згради на поранешната Демократска Република Германија, областите кои страдаа во бомбардирањата од Втората светска војна или зоните покрај Берлинскиот ѕид. Неформалниот живот на тие зони толку се разви што дури и градскиот сенат го препозна тој процес како легитимен начин на користење на градот.

Некои од познатите примери на привремено користење во Берлин се Kreuzberg и Friedrichshain, кои се наоѓаат во центарот на градот покрај реката Спри. Официјалните планови на тоа подрачје сакаа да изградат нова населба Mediaspree, но луѓето кои го користат тој брег почнаа да развиваат нови методи на дејствување за да го спречат тој план. Бараа од политичарите да ги препознаат како размноправни учесници во развивањето на овој градски простор. Истовремено основаа масовен протест кој, за жал, подоцна се подели во три поважни групи: радикална група, група која се согласува на преговори со градската управа и група која се занимава со алтернативна економија во тие области: угостителство и клубови. Без оглед на разликите, беа успешно започнати големи демонстрации за да се поттикнат луѓето да гласаат против урбанистичкиот план. Моментално зоната е шаренолика во начинот на користење, што можеме да го протолкуваме како успех на противпланот, иако германското друштво на архитекти е исклучиво против таквото „неформално планирање“. Еднаш дури се обидоа да ги отстранат сквотираните вагони од локацијата бидејќи „естетски не се вклопувале“ во сликата на градот.

Темпелхоф и барањето за мораториум

Следен пример за барањето право на град во Берлин е поранешниот аеродром Темпелхоф, кого нацистите го изградија во 1930те, а се смета за најголемата градба во Европа. Оваа воена област во центарот на градот е напуштена, но зоната остана затворена и недостапна. Со оглед на својата положба и големина, Темпелхоф стана интересен за разни шпекуланти, но граѓаните на Берлин беа решителни во барањето аеродромот да се отвори за јавноста, па моментално во градот се водат различни полемики.

Бидејќи сè повеќе луѓе се обидуваа да ја присвојат зоната, беа организирани и неколку излети на локацијата, но тоа резултираше со уште посилна заштита, па околу аеродромот моментално дежура полицијата. За време на минатогодишните демонстрации луѓето и отворено се обидоа да го сквотираат Темпелхоф, но бројката полицајци кои го штитеа беше неверојтна! Ситуацијата ескалираше кога еден полицаец во цивилка извлече пиштол и го впери во еден од демонстрантите што го држеше на земја. Многумина тогаш се запрашаа: „Што точно штитат овие луѓе?“

Официјалниот план за уредување на аеродромот е класичен бирократски план кој воопшто не ни промислува да ја прилагоди неговата намена кон луѓето кои живеат во околината туку е насочен исклучиво на потенцијалните богати купувачи кои ќе се населат таму. Локалната иницијатива, која ги организираше протестите, бара петгодишен мораториум и слободен пристап во оваа огромна област за да се добие на време да се размисли за локалните потреби, да се види што можат да прават таму луѓето и да се соберат ресурси за развој на ова „зелено срце“ на Берлин.

Желбата произведува град

Следниот пример доаѓа од Хамбург, од доселеничката и (пост) пролетерската населба Сент Паули, традиционално позната по проституцијата, гостилниците и забавите. Иако во населбата постои силното сквотерско движење „Hafebstrasse“ уште од 1980-те години, градската управа развива планови за обнова на овој дел од градот. Најактивни противници на ваквите планови е групата Park Fiction која од 1995 г. ја организира манифестацијата „Колективно производство на желби“ во еден парк во Сент Паули кој градската управа сака да му го продаде на приватен инвеститор. Мудрата одлука на активистите беше не само да се сосредоточат на протестирање против официјалниот план туку и започнаа напореден процес на планирање во заедницата, создавајќи „Платформи на размена“ меѓу луѓето од различни струки и општествени сфери, како музичари, управници на училишта, свештеници, готвачи, бармени, психолози, сквотери, уметници итн. Овој процес е проследен од низа предавања, разговори, дискусии, изложби, филмови и останати „активности во очекување на саканиот парк“.

Правото на град како глобално право

На крај, би сакале за миг да се оттргнеме од земјите од „глобалниот север“ и да ги споменеме движењата за право на град во земјите од Јужна Америка. Во Бразил постои големо движење засновано на класичниот конфликт меѓу жителите на фавелите, односно луѓето без земја, и новите богати класи во градовите. Во Каракас, Венецуела, постојат случаи кога постоечките станбени блокови се сквотираат и присвојуваат, па околу станбеното прашање се создаваат многу силни движења. Случаите од Венецуела се посебно интересни, бидејќи „правото на град“ се испреплетува со државните проекти на социјлната политика на Хуго Чавез. Во таквата ситуација се среќаваат два различни пристапа и ги здружуваат силите за да осмислат нови законски решенија за гочливите проблеми.

Би завршиле токму со овој пример на формализација на идејата за право на град, бидејќи сметаме дека ова прашање е исклучително важно како барање кое треба да им се упати на официјалните институции.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.metrozones.info

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото