Панк за инает и пркос кон сè

05.12.2011 16:52
Владимир Блажевски

По необјаснива долгогодишна пауза, на големата филмска сцена енергично и полетно се врати режисерот Владимир Блажевски (1955), автор на многу наградувани кратки филмови, документарци и играниот филм „Булевар на револуцијата“. Блажевски е професор по режија во Скопје и Белград, а неговиот нов филм е и официјален македонски кандидат за наградата Оскар. Светската премиера на „Панкот не е мртов“ на фестивалот во Карлови Вари заврши со наградата за најдобар филм од програмата „Источно од Западот“, а следеа покани од уште 17 други фестивали и уште награди.

Каде сте сиве овие години?

Се притаив малку. Во тоа има и малку моја лична вина – да не излезе дека причина за тоа се само лошите околности, војните и турбуленциите во земјата, бидејќи сите поминуваат низ истото. Но веројатно мојата реакција на сите тие лоши работи беше малку пожестока одошто кај повеќето луѓе. Не знам зошто е така, можеби некој психијатар би можел да одговори на тоа прашање, но она што се случуваше по 1991 г. силно ме погоди и додека се созедов поминаа тие 17 години. Едноставно, имам помалку агресивност во себе и во овие времиња, во кои сè стана улична борба, самопромовирање и лут напревар за шанса, мене ми беше многу потешко да се снаоѓам овде.

Но во меѓувреме мораше да се живее од нешто?

Во меѓувреме имав еден вид синекура. Од една страна оваа учителската, во филмските академии и школи кои прилично ги менував во Скопје и Белград. Од друга страна, пишував по нарачка сценарија за други луѓе, што е достоинствена работа. Секако, филмската режија отсекогаш ми била на првото место, па за време на овие долги 17 години снимив пет долгометражни документарци со кои не се посрамотив.

Напротив, „Кинески пазар“, кој го снимавте за Arte, е филм кој доживеа голем меѓународен успех.

Точно, но тука е и филмот за вината низ кој понудив и социолошко-психолошка слика за состојбата на свест на луѓето во Македонија од крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те години, а потоа следеше и филмот за македонските пекари кои живеат во Белград.

Вие сте српско-македонски или македонско-српски режисер?

Па, навистина не знам. Малку се изгубив. Ни во времето на СФРЈ и СРЈ немав некое силно чувство на групен идентитет, посебно кога сето тоа се распадна, а јас, Македонец по потекло, останав да живеам во Белград. Тогаш проблемот со идентитетот мене ми стана уште подифиузен, распрснат. Практично немаш за што да се фатиш. Знам само дека имам право на гласање во Белград, а не во Скопје. Најмногу сакам да се ориентирам и претстравувам како белграѓанин. Тоа најмногу ми одговара.

И потоа како вулканска ерупција се роди така енергичниот филм како „Панкот не е мртов“? Кој беше пресвртниот момент за режисерското враќање?

Во романсирана верзија одговорот би гласел дека смислувајќи ја приказната многу силно се закачив за нејзиниот основни поставки, бидејќи главниот јунак на приказната е лузер, аутсајдер кој 17 години не е во својот свет туку живее на целосна маргина, со што во многу нешта можам да се поистоветам. Во приземната верзија на одговорот би морал да признам дека се случи, во тој миг во Македонија, да се најде еден мој поранешен студент на чело на Филмскиот фонд кој сакаше да се избори да добијам можност за снимање филм. Да не беше на таа позиција, јас никогаш немаше да добијам шанса. Тоа се двата пола на една иста приказна.

Што и да го иницирало овој филм, вие со него на сцената се вративте на најдобар можен начин, и покрај сите маки и пречки?

Можеби делувам интравертно и не премногу страствено, но мислам дека во себе имам енергија која во случајов најмногу одговара на она што кај нас така лесно се нарекува „инает“. Ние овој филм навистина го снимивме и покрај сите околности. Знаејќи го сценариото, сложеноста на снимањето, бројот на локации (а ги имаше 103!), и со колку пари располагаме, сите мислеа дека нашата мисија е невозможна. Потоа некако сите станавме потврдоглави, порешителни, како да се зарековме дека ќе го направиме тоа, и покрај сите околности. За инает! Тука некаде се роди и еден вид агресивност во филмскиот јазик, во брзината на нарацијата, во изборот на локациите, во стилот филмот да делува како еден вид „уличарско-документарно-скриена камера“ производ, кој не е во ракавици, кој е натуралистички.

Со овој филм докажавте дека панкот не е мртов, но дали тоа е вистинскиот јазик за праќање на важната порака дека сите ние на овие простори сме, всушност, маргинализирани?

Кога станува збор за мојот филм, мене ми е срам да го преведувам тоа на ниво на значењата. Би можел да кажам дека во филмот има приказна за слободата, за цената што ја плаќаш за да бидеш слободен, за односот кон национализмот и нетрпеливоста. Во својата режисерска постапка се однесував аскетски, бидејќи не сакав да ги гњавам гледачите со некои очигледни работи. Што се однесува до музиката, никогаш не сум бил некој љубител на панкот. Тоа мене само за кратко ми изгледаше како бунтовничка идеологија, како нихилистичка, циничка слика на светот кој го презира овој наш денешен глобалистички универзум. Нивниот бунт е еден вид несвесно одбивање, еден вид интуитивен крик кој вели: Не, јас нема да играм вака! Тој вид на несогласување на сето она што е лошо и што се случуваше и се случува на Балканот, но и насекаде низ Европа и светот, таа желба да се разликуваат, па макар биле и клошари, таа цена која ја плаќаат за да бидат слободни – тоа ме привлече.

Филмот одлично ја помина проверката кај меѓународната публика, а каква реакција очекувате од белградската?

Познавајќи го вкусот и менталитетот на белградската публика, можам да очекувам и да се надевам дека филмот ќе помине добро кај неа, бидејќи во своето јадро носи знак на урбанитет. „Панкот не е мртов“ не е ’овчарски’, етнофилм, туку пулсира урбано, а таа димензија ќе ја препознаат во Белград.

Извор: Политика

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото