Испишаната свиња

13.12.2011 13:12
Испишаната свиња

Има една впечатлива југословенска приказна, веројатно вистинита, од седумдесеттите години на минатиот век. Приказната тогаш зборуваше дека некои усташки кругови во Канада (веројатно Гојко Шушак, злосторничкиот воен министер за одбрана на Фрањо Туѓман) нашле некоја голема свиња и на неа со црвени букви напишале „Тито“. Таа приказна се шушкаше уште во социјализмот, а преживеа до денес, иако нејзините актери одамна се мртви.

Зборот ми беше, тоа што груевизмот им го прави на македонските граѓани многу наликува на усташките свињарии; шеста година по ред циркусот на Малиот-Големиот (Златниот-Црниот) шета дебели свињи низ земјата, за забава на народот, и врз нив клеветнички ги испишува имињата на непријателите за тој ден: Фрчкоски, Милчин, Црвенковски, Глигоров, социјалистичка Македонија, Македонците-Словени итн. Списокот всушност е флексибилен и бескраен, оти производството на непријатели и производството на омраза е основната дејност на режимот. Без непријатели режимот трокира и се распаѓа како подарен бугарски тенк. Без непријатели идеолозите на груевизмот (шеговити, „народни“ луѓе, на кои не им е тешко да ја играат и улогата на свиња-екран) ќе почнат да се јадат меѓу себе...

Зборот ми беше, работава толку забега во комедија што опасно базди на трагедија. Степенот на бесловесност, на дрскост која граничи со лудило, на глупост која сè потешко се опишува надвор од рамките на сатирата, на дебилски ентузијазам што растура сè, тој степен е толку висок што луѓето стануваат парализирани, не им се верува дека селскиот рингишпил не запира... На многумина дури и им е забавно, вртоглаво лета околу нив шарениот свет, без сопирање... А и свињата е толку смешна.

Погледнете ги тие распашани веселници што владеат со целата рингишпилско-циркуска тенекија. За што може да се разговара со Бичиклиски, Димовски, Томе Аџиев, Воислав Зафировски, Гордана Јанкуловска... За што може да се разговара со господарот на колективните претстави, пастирот лично?! На пример, за дваесетте транзициони години што ги изедоа „комуњарите“, пред да дојде избраниот и да светне сонцето? Па, избраниот пастир владее десет години од спомнатите дваесет, а шеста година е откако владее со земјата речиси сам, секоја негова макар и најлуда желба преку ноќ станува општествено отелотворена... Со што, значи, да се полемизира, против кого човек да се бори?! Против еманиран цинизам? Против блиндирани умови? Против рекламни агенти? Против војниците на мислењето и говорењето?!

Да скратам: на Македонија ѝ се случи трикот од филмот „Индијана Џонс“, кога Инди го краде златниот идол од постољето осетливо на промена на тежината и вешто го заменува со вреќа песок. Груевизмот ја украде Македонија и на нејзино место постави - испишана свиња. Забавна, смешна, можеби психоаналитичарска свиња-екран, но зборот ми е - паднавме на трик, на финта, на магија.

Можеби уште посликовит, во однос на нашите состојби, е еден друг чудесен филм, „Маратонците го трчаат последниот круг“. Таму Били Питон (Зоран Радмиловиќ) тргува со мртовечки сандаци. Тој и неговите работници откопуваат гробови, но го вадат секогаш истиот сандак, од којшто претходно, се разбира, го исфрлаат покојникот, за измиениот и дотеран производ да можат да го испорачаат, по поволна цена, до погребната фирма Топаловиќ.

Четириесет години по настанувањето на текстот на култната трагикомедија и дваесет години по шетањето на српските коски од поповите на Милошевиќ (кои тврдеа дека Србија е таму каде што се српските гробови, подготвувајќи ја војната), Били Питон одново копа гробови и одново вади мртовци. Овојпат во Република Македонија, најстарата земја на светот, со најдлабоките гробови на светот. Од копањето гробови, менувањето мртовци и шминкањето користени сандаци груевизмот направи најдоходовна политичка индустрија. Уште повеќе, светнатиот употребен мртовечки сандак стана симбол за - Македонија. Слизни го мртовецот во безимената јама и поклони му се на ковчегот-идол.

Проблемот е што сите ние на некој начин станавме соучесници или заложници на гробарско-споменичкото разбирање на политиката. Уште една забавна сцена од историјата може да го долови сегашново македонско лудило. Станува збор за инцидентот што се случил со Големата советска енциклопедија 1954 година, веднаш по падот на Берија, полицискиот џелат на Сталин. Кога советските претплатници го добиле томот на енциклопедијата која ги содржела поимите на Б, тука, се разбира, се наоѓала и статијата за Берија, на две страници, каде што тој е славен како голем херој на Советскиот Сојуз. По неговиот пад и жигосувањето како шпион, предавник и свиња, сите претплатници од издавачот добиле допис во кој се молат да ја исечат страницата за Берија и да му ја вратат на издавачот, а за возврат веднаш ќе им биде испратена статија на две страници, со фотографии, за рушењето на Берија, така што, кога ќе ја вметнат статијата во книгата, таа повторно ќе биде цела и нема да постои празнина која би сведочила за ненадејна ревизија на историјата.

И така ние, поучени од своите водачи, ги празниме гробовите, тргуваме со користени сандаци и на властите по пошта им ги праќаме скинатите страници од историјата. За возврат, како награда, тие ни ја покажуваат испишаната свиња.

Фотографиите се од филмот „Маратонци трче почасни круг“, 1982

Многу хипноза, илузија и

Многу хипноза, илузија и пластика в‘фрлија и в‘садија во умот и животот на народот.Со „расонување„ илузиите би исчезнале, но не и контаминацијата од „пластика„ на луѓето, околината и општеството. Ќе остане многу „пластика„ која и со најдобра рециклажа ќе остане пластика, само во некој друг облик. Нажалост нејзиното уништување подразбира пекол

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото