Киро и Грујо: „Стариот лисец“ и „младиот петел“ (1)

13.01.2012 11:27
Киро и Грујо: „Стариот лисец“ и „младиот петел“ (1)

Неколку работи ги спојуваат Глигоров и Груевски – економијата, Штип, Јордан Мијалков, и владеењето со Македонија. Речиси сè друго ги разликува и раздвојува. Како политичар, Груевски е антипод на Глигоров.

Глигоров стекна имиџ на „стар лисец“ кој вешто се избори за мирна независност, национално обединување, и меѓународно признавање на Македонија и на Македонците како еден од словенските народи. Груевски си изгради имиџ на „млад петел“ кој суверено господари со македонското буниште, глумејќи бранител на античко-македонскиот идентитет и борец против внатрешните „кодоши“ и надворешните непријатели.

Грујо е на власт повеќе отколку што беше Киро!

Колку и да изгледа на прв поглед парадоксално, иако 2-3 пати постар во моментот кога почина, Глигоров има помалку стаж на владеење во Македонија од Груевски.

Глигоров како претседател владееше од јануари 1991 до ноември 1999 (со неколкумесечен прекин по атентатот во октомври 1995). Груевски беше четири години министер во владата на Љубчо Георгиевски и ова му е шеста година како премиер. Дури и како неприкосновен владетел, Груевски има поголем стаж од Глигоров кој беше врв на политичката пирамида речиси пет години. Токму затоа, редно е да се запрашаме и да се обидеме да одговориме: Што направи Глигоров за Македонија, а што стори Груевски?

Глигоров: од федерална социјалистичка република, до самостоја признаена држава

Глигоров стана претседател на Социјалистичка Република Македонија и за неколку години успеа федералната единица да ја осамостои како меѓународно признаена држава. Државникот изгради национален консензуз за време на непомирлива криза – ја промовираше експертската влада која го понесе најголемиот товар при осамостојувањето на Македонија. Глигоров е инжинер на успешниот референдум за независност, на договорот за мирното заминување на ЈНА (тогаш под контрола на Милошевиќ), на надминувањето на блокадите при приемот во ООН и другите меѓународни институции.

Додека неговите балкански колеги го ширеа вирусот на националистичко воено беснило, Глигоров изгради имиџ на разумен политичар и миротворец. Глигоров не се обидуваше да профитира од „сеништата на историјата, траумите од минатото и недовербата...“. Тој се бореше да ја оствари својата визија за евро-атланска иднина на Македонија, закрепната од траумите од минатото и од интеретничката и меѓусоседска недоверба.

Глигоров плати голема цена за својата визија и за осамостојувањето на Македонија. Стана жртва на сè уште неразјаснет атентат - неколку седмици по потпишувањето на „Привремената согласност“ и еден ден по постигнувањето договор за меѓусебно признавање со Србија. И покрај тоа што беше мета на мнозина националистички хушкачи кои јавно му се закануваа, го клеветеа, го плукаа, мразеа и етикетираа, Глигоров не возврати со говор на омраза или одмазда. Не повика на „конечна пресметка“ со своите непријатели ниту откако се обидоа конечно да се пресметаат со него. Иако пролеа крв за Македонија, во своите претседателски говори продолжи гордо да подвлекува: „Република Македонија може да биде горда што се издигна на балканскиот синдром да создава држави со крвта на своите деца.“

Глигоров нема да биде запаметен само како прв претседател (она што беше Ченто за федерална Македонија), туку и како препознатлив меѓународен симбол на независна Македонија. Бездруго, има и такви „големомакедонци“ преполни омраза и гнев, кои се убедени дека „Петар Гошев нè зацрни враќајќи го во Македонија“. Многу од нив ќе продолжат и по смртта да сеат црнила за Глигоров затоа што изјавил дека „немаме никаква врска со Александровата цивилизација“. Но, да потсетиме, претците на оние што денес плукаат по Глигоров, плукаа и по првиот претседател на АСНОМ – Ченто, обвинувајќи го како предавник. А Глигоров само го парафразираше Ченто, кој по посетата на Грција наполно се уверил дека „нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски.“

Секако, Глигоров може да се критикува за многу ставови, одлуки, политики. Но, кој може да го оспори фактот дека Глигоров како политичар успеа да ги реши најкрупните проблеми со кои се соочи македонската држава во периодот 1991-1995? Токму затоа, вратите за Глигоров беа отворени кај најголемите странски државници. Добиваше покана за средби и од Бил Клинтон и од Борис Елцин. И вратите на Македонија полека се отвораа.

Глигоров и Груевски имаат уште нешто заедничко. Заедно беа на власт во 1998-1999 првиот како претседател, вториот како министер (за трговија и финансии) во владата на Георгиевски. Груевски го започна својот подем во друштвото на политички авантуристи кои со признавањето на Тајван ја прокоцкаа стабилноста и безбедноста на Македонија. Воспоставувањето на дипломатски односи со Тајван Глигоров го оцени како „нелегален и нелегитимен чин“ (’мал државен удар’) со кој „влетавме во неизвесност“. „Стариот лисец“ повторно беше во право.

Груевски: од кандидат-членка за ЕУ, до „банана република Мизерија“

(продолжува)

Колажот: Свирачиња

Интересно е како мнозина се

Интересно е како мнозина се свестија кој бил Киро дури откако почина и тука не мислам на авторот на текстот. Еве, и јас самиот претежно го земав Глигоров на мајтап, пред се’ поради возраста и она неколкукратно јавно плачење додека беше претседател, или го критикував зашто бил премногу мек, или не бил доволно визионер, и многу му замерував за онаа злоупотреба кога два пати го додели мандатот на СДСМ. И сите тие работи стојат, ама некако заборавав, или не сакав да сфатам што се’ овој човек направи. Имено, не спаси од ВОЈНА. И тоа не може доволно да се нагласи. Нема ни простор за споредба меѓу еден државник како Глигоров и еден полуписмен боксер како Грујо, па ни еден калкулант и фолирант како Црвенковски. Впрочем, по мене, не е грешка на Гошев што го донесе Глигоров, туку е голема грешка на Глигоров што го устоличи Црвенковски.

ОкоБоли главаВицФото