На адресата на Собранието пристигна пакет со опасни книги

07.02.2012 15:24
На адресата на Собранието пристигна пакет со опасни книги

На адресата на Собранието на Република Македонија денеска пристигна пакет за кој е утврдено дека содржи опасни книги кои можеле да бидат кобни за пратениците.

Полициска екипа молскавично реагирала кога од Владата добила информација за сомнителниот пакет, кој, како што се испостави, можел да биде кобен за пратениците.

Полициската екипа брзо ги евакуирала пратениците од зградата, по што опасниот пакет бил пренесен на безбедна локација и уништен.

Пакетот, според информациите на Паравести, пристигнал од странство, а полицијата работи на утврдување на идентитетот на испраќачот. Пратениците по евакуацијата не можеле да продолжат со работа поради преголемиот стрес, а некои од нив ги затекнавме пред зградата на собранието додека полицијата ја прегледуваше истата. Еден од нив, кој сакаше да остане анонимен, а кој го нашол пакет на влезот на Собранието, вели дека бил преплашен кога сфатил што има во пакетот.

„Пратките често стојат на портирница, па јас како и многу пати досега, го отворив пакетот за да видам што има внатре. Кога видов дека на врвот од пакетот имаше една дебела книга со повеќе од 250 страници, се стаписав. На присутните колеги им кажав да се оддалечат и да не го допираат пакетот. Подоцна слушнавме дека внатре се пронајдени книгите „Демократија“, „Човекови права“, „Состојбата со медиумите во Македонија“, „Корупцијата во Македонија“, како и „Целосната партизација на јавната аднимистрација“, изјави вознемирениот пратеник.

Од министерството за надворшни работи, пак, по интервенцијата велат дека нема причина за паника, и дека ќе ги зголемат мерките на безбедност со цел ниту една книга никогаш да не се најде во близина на собранието.

„Никој не смее да ја загрозува безбедноста на пратениците на овој начин. Ние до сега правевме сè што беше во наша надлежност за да ги заштитиме пратениците од сите видови литература, а сега само дополнително ќе ја подобриме безбедноста. Некои чекори се веќе преземени, како што е смената на директорите на поголемите библиотеки во земјава“, изјави министерката Гордана Јанкуловска во краткото обраќање до новинарите.

Инспирирано од njuz.net