Лопата

09.02.2012 11:48
Лопата

За разлика од порано, овојпат снегот навистина ме изненади. Не толку снегот, колку последиците од него. И не само затоа што извесен државен советник по климатологија само пред некој ден онака експертски убедуваше дека во Скопје поради висококатниците мошне е тешко да падне снег, зашто наводно зградите зиме се загревале, лете се ладеле, па Скопската котлина била ниска, па... За разлика од Менхетен, каде што висококатниците, ете, зиме не се грејат, а лете не се ладат, а плус не се наоѓа во котлина.

Многу повеќе ме изненади од едноставната причина дека во неснежниот период беа направени низа вежби токму за една ваква ситуација. Имено, толку лопати беа извадени на теренот, толку со нив се извештија луѓето од политичкиот врв, па сè до оние во локалните заедници, што нормално беше да се помисли дека на првата снегулка, речиси по условен рефлекс, ќе се истрча со лопатите на улица и речиси нема да забележиме дека паднал снег.

Но, лопатите се појавија токму како ланскиот снег, односно не се појавија. Проблемот е речиси метафизички: каде се лопатите? Кога немате лопати во пракса, тогаш имате некаков сурогат. Сурогатот за лопати во македонската верзија на снежното невреме, се вика – сол. Јас навистина не знам каков тип сол се употребува за фрлање на улиците, ама од скопските власти се растураат со троцифрени тони фрлена сол. Те фрлиле 200 тона, те 400, те пет милиони остумтоседумдесет илјади тони. Онака како што изгледаат улиците и според она како автомобилите се лизгаат по нив, може само да се заклучи дека градските служби место сол фрлале – снег. Или евентуално – вегета. Како соодветна замена за очигледниот недостиг на солта.

Со оглед на фактот дека улиците ниту можат да се распознаат, ниту да се препознаат, повторно се актуелизира прашањето на нивното преименување. Луѓето што сега вадат лична карта, а живеат на некоја улица со двоен идентитет (на пример, Вељко Влаховиќ/Димитрија Чуповски), мораат, ни виновни ни должни, да извадат од градот потврда за тоа каде навистина живеат. Барем дури не се постигне разумен компромис за името на нивната улица. Така, демек, можат да се соживеат со проблемите што државата ги има по истото прашање.

Ете, слушам и предлози улицата „Македонија“, значи „Маршал Тито“, или барем истоимениот плоштад да се преименува во Александрија. Не би се изненадил дури и Скопје, чие име може да асоцира на некакви словенски корени, да се преименува во Воиновград или нешто слично. Ваквото решение може многу да припомогне во главниот македонски меѓународен проблем. Имено, ако името на метрополата (онаа со високите висококатници што не дозволуваат да падне снег) асоцира на најголемиот син на овдешните народи и народности, значи на Александар Македонски, тогаш и името на мајка Македонија може да асоцира на татко му на Александар, односно да се прекрстиме во Филипини. Не верувам дека оваа островска држава ќе ги види во одлука нашите територијални аспирации, а и проблемот на рекламирањето на CNN ќе биде решен – „Филипини затрупан во снег“, кој нема ударно да ја објави оваа информација.

И додека целиот (нормален) свет полемизира околу АКТА, оној фамозен меѓудржавен договор за заштита на интелектуалната сопственост, кој сериозно може на мала врата да ја воведе цензурата, ние расправаме за – снегот. Има во тоа логика. Прво, не знам што толку прав се крева околу цензурата, ние веќе се навикнавме, а, второ, и онака слабо стоиме со интелектуалната сопственост, па нема зошто да се грижиме околу нејзината заштита. Зашто снегот тука не паѓа само на улиците, туку уште повеќе во нашите глави. И го поклопува оној дел од главите што во нормалниот свет се користи токму за интелектуални промислувања. Кај нас, значи, побргу ќе се крене прав околу правата на сопственост на снегот, отколку околу можната (и остварена) цензура. И онака отсекогаш сме го правеле она што другите сакале да го правиме. А илјадагодишни навики тешко се искоренуваат.

Во принцип, значи, ништо ново не се случува. Снегот повторно нè изненадува, а Љупчо Георгиевски доживува уште еден раскол во неговата партија. Просто помислувам дека нема на светот толку расколници, колку што Љупчо може да направи партии. Од друга страна, некогашниот војвода и премиер на оваа држава го доживувам како херој од античка драма, нешто слично на Едип, значи човек со безброј катарзи, при што партијата ја игра улогата на мајката. Просто е неверојатно како е можно дека секој на кого Љупчо Георгиевски посочи со прст како на вреден и способен кадар, му го сврти грбот. Од Голубовски, Змејковски, преку Трајковски, Груевски, Јаневска и сега Додовски. Проблемот повеќе не е политички, туку психолошки. Или човекот е целосен антиталент за избор на кадри, или кадрите се навистина хипер-талентирани, па едноставно го надраснуваат. Како и да е, сега ќе се замараме со уште една епизода од ВМРО-сапунската сага. Имено, сега ќе се занимаваме со будалаштини од типот дали ВМРО-НП постои или не постои, па кој има право да го користи името, а кој не, па што се статути и легитимитети, па... Мислам тоа е дефинитивното интелектуално ниво, каде што можеме да ги достигнеме своите врвови.

А снегот продолжува да паѓа. Ама нема место за паника. Нема да нè затрупа. Ние уште претходно самите се затрупавме.

Извор: globusmagazin.com.mk

ОкоБоли главаВицФото