What Orvel did not know

13.02.2012 12:02
What Orvel did not know

Ќе се обидам да одговорам на прашањата – како власта успева да ги хипнотизира масите до таа мерка што тие секојдневно забораваат на тоа дека она што вчера беше вистина, денес е лага, а тоа што денес е вистина, утре ќе биде лага? Зошто политичката пропаганда на релиогиозната националистичка десница во Македонија е убиствено ефикасна и зошто граѓаните се претворија во хипнотизирана маса која рационалното размислување го оставила на полица во купатило и заборавила да си го земе?

Дел од причините за тоа лежи во енергијата што во моментов оваа политичка опција ја има во светски рамки, особено после нападите на кулите близначки во Њујорк. Светските искуства и методи на пропагирањето на национализмот стигнаа и до Македонија. Тој национализам речиси по правило себе си се претставува како патриотизам и се врзува за еден светоглед кој во центарот повторно го става Бог.

Старата формула – наша земја, наш народ, наш Бог, воскреснува пред нашите очи, а нејзините промотори се невидено агресивни.

Но, да почнеме со ред!

Публиката – масите – стереотипите

Деведесеттите години во Македонија создадоа огромна пауперизирана маса на очајници. Речиси не постои семејство во Македонија кое не остана погодено од крајно неуспешната транзиција. Неуспешна, затоа што денес, 18 години од крахот на еднопартискиот систем крвната слика на македонската економија останува крајно лоша – околу 60% од БДП е контролиран или преку буџетот или преку јавните претпријатија или, пак, е под контрола на двата големи политички блока преку „приватни“ бизнисмени кои имаат нераскиниливи врски со едната или другата политичка структура. Вториот факт е дека во земјата има 300.000 и повеќе невработени и третиот факт е ниската просечна плата! Ова укажува дека Македонија е далеку од идеалот на пазарно стопанство. Ако врз тоа се додаде крајно поразителниот резултат од евроинтеграциските процеси кои на публиката ѝ беа презентирани како светло на крајот на тунелот (крахот во Букурешт како реално фијаско на тој процес) – се добива слика на едно крајно разочарано општество кое во моментов е комплетно збунето околу сопствените стратешки интереси и во голема мерка заробеник на дневната политика.

Македонија, едноставно, е еден коктел на негативни чувства и разочарување од демократијата како уредување. Беше само прашање на време кога некој ќе заигра на месијанската карта. Всушност, обиди за тоа имало и претходно, но постојната политичка структура на власт воведе неколку иновации кои се покажаа како вистинска формула за манипулирање на масите, притоа демонстрирајќи неверојатна доза на политички цинизам и опортунизам.

Како што реков, неуспешната транзиција ги збриша граѓаните и почна да создава маси! Таа транзиција го искова првиот стереотип на кој ќе се потпре пропагандната машинерија на власта, а тој наједноставно опишан гласи „СДСМ ја опљачка државата“.

Вториот и третиот стереотип со кој неизмерно се манипулира е создаден во конфликтот од 2001 година. И на двете страни постојано гласни беа актерите кои Охридскиот договор или не го признаваа или, пак, тврдеа дека е надминат како модел за решавање на етничките тензии кои во голема мера останаа како пеколен подарок од последните години на распадот на СФРЈ. Оваа артикулација на јавната сцена во себе содржи опасна теза дека победата во вооружениот судир е украдена од страна на меѓународниот фактор и дека кога-тогаш тој судир повторно ќе избувне! Овде треба да се има предвид дека огромно мнозинство Македонци албанскиот бунт го доживеа како лична навреда и, имајќи го предвид колективното паметење на прогони и крвави расплети на сите обиди да се создаде македонска држава, го почувствува тоа како обид за конечно ликвидирање на Македонија и како држава и на Македонците како народ. Овие стереотипи се сведуваат на „Странците ги поддржуваат Албанците, ние сме жртва и нас никој не нè сака, сите се против нас како што секогаш и биле од Берлинскиот конгрес, па наваму“. И вториот „Охридскиот договор е неправедна отстапка која бевме приморани да ја направиме затоа што државата ја водеше структура која што е предавничка“. Како и да е, во свеста на многу луѓе Охридскиот договор сепак беше прифатливо решение како цена која Македонија може да ја плати за да стигне до Европските интеграции.

Крахот во Букурешт, всушност, наместо да го повреди кредибилитетот на владата, уште повеќе го зацврсти. Во моментот кога цела Македонија изгуби, главниот виновник за тоа, премиерот Груевски, всушност, се врати во Македонија како победник. Груевски по Букурешт е пророкот, Давид кој не го победи Голијат туку се подготвува за следниот судир, оној кој што цело време беше во право. Шпанската серија со спорот со името меѓу Македонија и Грција од самиот почеток беше користена во пропагандни цели за константно зајакнување на стереотипот „нас никој не нè сака“ и „ние сме секогаш жртва на неправда“, и на крајот како единствен изговор за неуспешноста на Македонија во евроинтеграцискиот процес.

Од друга страна, пауперизираното население постојано е во потрага по виновници за сопствената состојба и, имајќи го предвид високиот степен на корупција во државата, постојано гладно за внимание заради чувството на заборавеност и невидливост („да не дошол некој да нè види“, „никому не му е гајле како се чувствувам“, „А бе, јас да сум власт, за 24 саати ќе ги наполнам затворите“). Оваа состојба душа дала за манипулација и раководење со помош на пропагнадни техники.

Таткото на современата пропаганда или ако повеќе така сакате – PR, Едвард Бернис, во своето дело „Пропаганда – како медиумите ви го обликуваат умот“ – вели „Пропагандата е неупотреблива за политичарите освен ако немаат да кажат нешто што публиката на свесно или, пак, несвесно ниво сака да го чуе“.

Но тој исто така вели – „За политичарот во современото општество не е важно да знае како да ги задоволи потребите на публиката туку како да го изврти нејзиното мислење“. Ова Орвел го знаел! Очигледно, тоа го знае и спин докторот или спин докторите на власта!

Иновациите на ВМРО

Организацијата! Првиот императив за воопшто да може да водите ваков ПР, кој во суштина задира во корените на идентитетот на нацијата, си игра со стереотипите како да се лего коцки, да имплантира вредности во општеството кое тоа или ги немало или, пак, биле маргинални, е да воспоставите организациска шема која беспоговорно го следи спинот на врвот!

ВМРО денес од политичко движење е комплетно престроено во ПР организација. Со цврста командна структура, со организациони единици кои задираат до ниво на месни заедници, штабови кои се во постојан контакт со населението. Пренесувачи на пораки на персонално ниво, медиумски јуришници со академски титули кои на целиот спин му даваат медиумски шмек и, што е уште поважно, медиумски производи кои на прв поглед немаат никаква врска со политиката, туку со забава или суеверие. Миленко лејт најт шоу, Јади Бурек и Гласот на народот се денес медиумските топоси преку кои владата комуницира со јавноста! Тоа се нашите „дебатни емисии“.

Таа организација, во суштина, ја среќаваме кај Орвел. Партијата од „1984“ е идеалниот модел кон кој денешното ВМРО се стреми. Самата структура на партијата во пониските слоеви се состои од обични луѓе кои сè што имаат ѝ должат на партијата, па затоа воопшто не им претставува проблем да ги напуштаат довчерашните вистини во име на денешните. Вистината за нив нема никаква вредност. Вистината, всушност, нема никаква вредност за секој оној кој е соочен со морничавото македонско секојдневие и секојдневната битка да се преживее. Затоа, еден новопечен колумнист, кој сосема случајно, еден ден се разбуди како десничар, ќе воскликне „Лебот – тоа е слободата!“. Секој нормален знае дека лебот, всушност, е невидливиот синџир на капитализмот, но во Македонија, нормалноста и онака одамна е луксузна стока!

Инвенцијата на ВМРО е организација која е во целост подредена на пропагандните цели со точно утврден систем на протокот на информации внатре и надвор. Успехот на ВМРО е одржувањето на дисциплината внатре во партијата на незапаметено ниво. Освен еден екскурс на сега сменетиот министер за финансии во кој што се појави критика кон политиките на власта, во изминатиот период, дури и од отпадниците од системот, вие не можете да чуете ништо! Ваквата организација е сон за секоја PR компанија.

Втората иновација на ВМРО е избегнувањето на апсолутно, секаква јавна дебата било со опозиција, било со стручна јавност. Тоа покажува невообичаена свест за сопствената слаба страна – непостоењето на политики и непостоењето на капацитет за спроведување на тие политики. Дебатата всушност претполага личен капацитет на инволвираните. Но, личниот капацитет со себе ја носи опасноста од амбиција и разногласие и во суштина претставува опасност за урушување на организацијата која пред јавноста секогаш мора да биде монолитен блок со еднонасочна комуникација.

Третата иновација на ВМРО е употребата на органите на прогон и судството во функција на пропаганда. Тоа е модификација на познатиот двоец „терор и пропаганда“ употребуван од страна на тоталитарните системи во 20 век. Модификација, затоа што теророт не е масовен туку селективен и го користи методот на т.н. „Televised Justice“. Оваа варијанта не оди подлабоко од прикажување на спектакуларните апсења или објавувањето на поднесените кривични пријави во јавност. Апсолутно е небитна нивната оправданост или издржаност од правна гледна точка. Битна е нивната медиумска употребливост. Посебна варијанта на оваа иновација е употребата на даночните органи кои се претворени во еден вид тајна полиција која спроведува специфичен облик на фискален терор и се користи како ударна тупаница во подготвувањето на голем дел од случаите кои потоа завршуваат на екраните.

Четвртата иновација има алхемиски димензии – тоа е постојаната активност – „работиме 24/7“. Публиката се држи во постојана напнатост со темпо на „решенија“ за одредени проблеми кои создаваат впечаток дека власта е одговорна и секогаш во тек со моменталните предизвици, како во светот така и кај нас. На ова ниво манипулацијата е речиси дневна. Речиси да не постои состојба за која владата не произведе решение. Тие решенија се обично крајна ступидарија која во суштина наликува на ситуација во која болен од леукемија третирате со аспирини – еве само два примера: На растот на цената на бензините владата се спротивстави со две мерки – ги намали патарините и ја симна акцизата на хибридните возила (во Македонија во време на донесувањето на мерката се продаваше само едно такво возило – тојота приус со цена од околу 24.000 евра), а во пакетот на антикризни мерки се намали еколошката такса за внесување на стари фрижидери во земјава!

Последната иновација е претставување на партијата како идеолошки ентитет заснован на патриотизам, религиско-морални вредности и квази неолиберална економија. Тоа е битно за да се претстави партијата како заедница на кохерентна идеолошка структура која е позиционирана во политичкиот спектрум како тотална опозиција на системот кој ја произведе пауперизираната маса. ВМРО инсистира на теоријата на дисконтинуитет и тој дисконтинуитет не е тотален! Тој дисконтинуитет е временски лимитиран на транзициските години и на годините кога Македонија била во составот на СФРЈ. Крилатицата на тој дисконтинуитет е зборот „Преродба“. Она што тој збор во суштина значи е преминување и себеамнестирање на периодот кој масите го сметаат како извориште на нивните секојдневни маки. Од друга страна, а од истите причини, ВМРО инсистира на континуитет, континуитет со традицијата на оригиналното ВМРО и воопшто со традицијата како митско место на подоброто живеење. Проблемот со тој настап е што она што ВМРО во суштина го прави е фабрикување на нов традиционализам. Оваа оксиморонска формула е суштината на приемчивоста на пропагандата. Таа формула овозможува од еден ист центар да се заговара веронаука во школите, црква на плоштадот, кампања против абортус, трето дете и нешто сосем спротивно – компјутеризација на школите, електронска влада и европски интеграции. Формулата на ВМРО е едноставна, ние сме мостот, ние сме и минатото и модерното во едно.

Убиство на реалноста

Власта успешно ги комбинира постојните предрасуди и стереотипи, и со нив си игра како со лего коцки. Таа многу добро знае дека телевизиското време истекува многу побрзо отколку реалното. Вие денес во Македонија може да бидете казнети, обвинети и воопшто вашиот живот да заврши во 2 минути на вести. Концептот на телевизиска правда тоа ви го овозможува. Инструментот е двонасочен – од една страна го повредувате противникот, од друга страна на масите им даваат да го почувствуваат мирисот на крв и да ги задоволат своите страсти за одмазда. Жртвите на овој концепт се внимателно бирани – поединечно и групно. Апсењата на луѓето кои работат на патарина и полицајци кои работат на гранични премини се особено интересни. Изборот тука е правен по логиката на обичниот човек, запрашајте се и сами колку пати ве изнервирало однесувањето на овие луѓе. Колку пати сте биле сведок на ситен поткуп или пропуштање на возила без патарина. Колку пати сте рекле „нема држава или во нормална држава ова не може да се случи“. Колку пати сте помислиле дека ваквото однесување треба да се санкционира. Е, сега го добивте. Власта е исполнувач на вашите најстрашни желби.

Долга е камерата на ВМРО и таа кога-тогаш ќе ве сними! Судските резултати се апсолутно небитни, апсолутно нетелевизични и освен во ретки случаи сосем ирелевантни од пропаганден аспект. Поважно е да се натовари јавна стигма отколку да се процесира одреден предмет. Во некои стари времиња тоа се викаше линч – денес тоа се вести!

На стереотипот за напуштеност на масите – владата одговара на тој начин што испраќа министри по зафрлени села. Додека сите политички аналитичари тврдат дека на Антонио Милошоски местото му е на состаноците во Брисел, Груевски знае дека местото му е во Обрешани! Таму тој е апостол, пратеник на таткото кој, ете, конечно дојде да нè види. Ефектот е нула ако тој се мери според мерилата на реалните интереси на државата. Но, ефектот е + бесконечност за спинот на власта која се грижи за секој поединец.

На крајот само сакам да напоменам дека нашата портокалова револуција (која злоупотребува туѓи симболи) сè уште има многу енергија и допрва ќе гледаме примена на пропагандни техники на дневно ниво. Сè додека навистина не заборавиме дека сè што знаеме е реалност!

Исто би напоменал и дека сум пристрасен. Последен пат кога проверував – лажењето и манипулацијата сè уште во моралниот систем на човештвото беа зло. Секаков обид за непристрасност е соучесништво!

Фотографии: Marc Thirouin

Колку и човек да не се

Колку и човек да не се согласува со идеалите на некогашната организација, ВМРО, онаа на Гоце и Александров, на Борис Сарафов и на Даме, сепак името ВМРО е една историска група, организација, со визија, со идеал и со цел. Ве молам, името ВМРО да го резервираме за таа организација, макар и да ја сметаме за терористичка и брутална (јас не ја сметам за таква), а за оваа групација на Н.Г. нека се користи името ДПМНЕ.

Вселенец е во право, ВМРО е

Вселенец е во право, ВМРО е едно а ВМРО-ДПМНЕ друго, и во еден ваков „интелектуален“ текст тоа би било добро да се запази. Коментар за текстот:овој текст е личен став! Личен есеј. А што е пауперизирано население? Ќе го повторуваме поимот како папагали наместо да го разбереме исто како што во основно по историја не учеа за закрепостени селани а никој всушност немаше претстава на што се однесува овој поим.

Роберто, не е убаво вака

Роберто, не е убаво вака едностран да бидеш, а да се декларираш за голем борец за демократија и слобода. Во текстот слободно може да се замени името на едната партија со името на другата и пак ќе си остане воглавно точен. Но ти правиш некако само едната да биде виновна и олицетворение на сето зло.

Е па немој тка, не е убаво да ја силуваш вистината.

И уште нешто, ако е стереотип (првиот, па донекаде и другите) не значи дека не е точен. Барем некако да го(ги) демантираше...

ОкоБоли главаВицФото