Епидемијата како бесконечна шума

25.02.2012 13:10
Епидемијата како бесконечна шума

Како да ги комемoрираме несреќните случувања во нашето (неодамнешно) минато, чии последици сè уште не можат да се осознаат во целост, кои го надминуваат нашето знаење, кои се секогаш присутни и делуваат како притаена закана за секојдневниот живот? Станува збор за СИДА-та, болест која од својата појава во осумдесеттите уби 25 милиони луѓе, додека денес 33 милиони лица живеат со вирусот ХИВ.

Прашањето е дали тие жртви треба да бидат запомнати, и ако одговорот е да, на кој начин? Постојат споменици на жртвите на туберколозата, плоштади на жртвите на чумата, а епидемијата на СИДА-та е комеморирана само со неколку мали „андерграунд“ просторни интервенции.

Современата „пракса“ на подигнување споменици сè повеќе ја преиспитува својата улога и функционалност, сметајќи дека нивната појавност никако не смее да биде референцијална, симболична или наративна, туку современиот споменик (спомен место) мора да се бори против наметнатите иделогии и тоталитарното размислување. Современиот споменик треба да има ознаки на анти-споменик (Џејмс Јанг), за да може со време да исчезне (наместо да се балсамира во времето и просторот, не преиспитувајќи се), и константно да потсетува на бремето на таквиот чин на сеќавање, во кој посетителот е воедно и учесник во споменикот.

Пред два месеци Architizer организираше конкурс за обликување на меморијален парк на СИДА-та во средиштето на Њујорк, за повеќе од 100.000 починати граѓани. Конкурсот е предвиден за парцела со големина од 5000 метри квадратни, а таа се наоѓа спроти болницата Св. Винсент во која започна епидемијата. Триаголната парцела уште во 2010 е осмислена како јавен простор, а многу невладини организации започнаа со собирање донации. Конечно, конкурсот стартуваше кон крајот на минатата година, започна како мала кампања, а во поддршка на проектот се приклучија и големи архитекти како Ричар Меиера и Михаела Арада, како и славни лица како што се Џулијан Мур и Сузан Сарандон.

Конечно, неодамна се објавени и резултатите, а од 475 пристигнати дела, победи едно мошне суптилно решение. Првото место го доби бруклинското студио a+i и нивниот проект „Бесконечна шума“. Ова решение не помина без контроверзии, а предвидува затворање на сите три страни на парцелата со гигантски огледала во кои ќе се одразуваат ad infinitum тенки стебла на бреза. Од надворешната страна на огледалата ќе се наоѓа плоча по која посетителите со креда ќе можат да оставаат пораки. Внатрешниот простор треба да стане оаза на мирот за роднините на жртвите, но и за случајните посетители. Авторите објаснија дека нивото дело ги прикажува „промените на општествената перцепција и различните начини низ кои СИДА-та се доживувала“, а особено се водело сметка за тоа да се избегне каква било симболизација. Жирито го поздрави создавањето на ова дело-простор истакнувајќи ја неговата двострана улога: место за контемплација, но и јавен градски парк. Понатаму, во ова дело стратегијата на промислување на просторот е посуптилна и покомуникативна отколку Ground Zero, споменикот на загинатите од 9/11.

Извор: pogledaj.to