За демократијата

30.07.2009 13:24
TUNGERER11.jpg

Противник сум на насилно насадување на општествен поредок, туѓ на националниот карактер и на историскиот пат на развитокот на народот. Демократијата воопшто не е универзален општествен поредок поволен за сите меридијани и сите народи.

Демократијата е систем, историски формиран во некои земји на Западна Европа (и колониите, какви што се САД) и кој што функционира само таму. Демократијата е систем на задржување на власта од најграѓанскиот слој, буржоазијата. Таа не е подобра, не е посигурна (да се присетиме дека Хитлер во 1933 година бил избран демократски, со мнозинство гласови), не е понапредна од другите системи, не е идеална дури ни за политичката клима на Западна Европа. Тоа е нивни систем. Не е можно вештачки, прескокнувајќи ги скалите на историјата, да насадиш демократија.

Кога ми зборуваат за Индија, нарекувајќи ја „најкрупна демократија во светот“ мене ми се превртува душата од таа лажна определба затоа што индиската демократија е чиста измислица. Таа земја е управувана од брамански кланови (кланот Нехру е само еден од нив) што се во постојано ривалство меѓу себе. Политичките убиства во индиската демократија се норма. Илјадници луѓе гинат во текот на секои „демократски“ избори. Подеднакво фиктивна е победата на „демократијата“ на Филипините. Кланот Акино се борел против кланот на Маркос во текот на неколку генерации, се` додека не победил. Околу седумстотини луѓе загинаа во текот на „демократските“ избори на Јамајка: „демократските“ противници се пукаа меѓу себе од автоматско оружје. Израел, каде што Арапите (граѓани од последен ред) се секојдневно на отстрел, повеќе потсетува на робовладетелска република. Ако сите тие нешта може да се наречат демократија, тогаш ми останува само да одмавнам со главата. Во јуначката земја Грузија, која што помодарски се нарекува себеси демократија, сите нови лидери носат веќе познати клановски презимиња: овој клановски, феудален, стар систем се воспоставува пред нашите очи и само што носи помодарско име (социјалната мода е подеднакво заразна како и модата за носење мини) – демократија. Што воопшто значи зборот „демократија“? Тој е лишен од смисла.

Се разбира, Западот си го фали сопствениот систем и сака месијански да му го наметне истиот на целиот свет. Некогаш одамна, тој со света вода, со меч и со оган му го наврзувал на светот христијанството. Денес, тој се користи со најмоќните информативни средства, печатот, радиото и телевизијата. Демократијата не е универзална, како што ниту комунизмот не беше универзален, иако засилено претендираше на тоа. Во природата не постојат универзални општествени системи. Желбата, сите земји на светот да станат демократски, е подеднакво криминална како и обидот целиот свет да стане комунистички.

Превод од руски: Павел Попов

ОкоБоли главаВицФото