Тишина (2)

05.03.2012 13:46
„Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (2)

VI

„Не ми требаш да те мразам“, ми рече.
А јас разбрав, Ми требаш да те сакам,
па се молев навистина да било така,
макар само за миг таа вечер

—и покрај отсуството на месечината;
и покрај паралелните вители
во кои живееме ко вечни жители
на истиов мит; и покрај далечината—

се молев да сум ти била потребна.
Но не ги послуша боговите што ти рекоа
Треба да веруваш; нозете ми се пресекоа

—се сеќаваш?—кога наназад погледна.
Занавек ме врати кај срните осамени.
Што имаме сега од изјавите пламени?

VII

Што имаме сега од изјавите пламени?
Прав и пепел, стојам тука пеплосана.
Не ми се веруваше. Дури кога осамна,
видов: утро, а пак темнина. Се скаменив.

Долго го барав одговорот. Сега знам:
ти беше Орфеј, отсекогаш ти, не јас.
Тебе те сакаа сите, сите – твојот глас
да го слушнат. Кога само ќе помислам

како на времето бев тргнала да те следам;
да веруваше во мене уште минута,
ќе излезев и јас од маглата.

Не те обвинувам. Но и сега те гледам:
се вртиш да ме видиш; погледот ме сече.
Пеплосана. Мракот, овојпат, е вечен.


VIII

Пеплосана. Мракот, овојпат, е вечен.
Двапати умрев за тебе. А ти,
пееш ли сè уште, жив ли си?
Попусто зборувам. Времево се влече.

Лажев кога реков: дрвјата разговараат.
Туѓи се и нечујни, како и сè тука.
Ни срцево веќе не го слушам да чука,
ни птици пеат. Барем ништо не бараат

од мене – можам по цел ден да седам
во градинава, да си играм со почвава;
ретко нешто што ќе посадам почнува

да вирее, но сеедно – чекам и гледам.
Кога не расте ништо, ништото го одгледувам.
До кога вака—по тебе—ќе боледувам?

IX

До кога вака по тебе ќе боледувам?
Зар и мртва, мртва болна да бидам!
Знам дека никогаш не ќе те видам,
па зошто тогаш се загледувам

во маглата? Таман престана да боли
таму кај што змијата ме имаше каснато,
таман раната ми имаше зараснато,
ти мораше да дојдеш и да ги молиш

да ме вратат кај тебе; да ме оживеат.
Какво фајде сега од тоа?
Во мраков повторно сама стојам,

рацеве ги гледам како сивеат
– бескрвни, сенишни, празни.
Не те казнија тебе; ти мене ме казни.

X

Не те казнија тебе. Ти мене ме казни.
Си прости ли себеси што немаше
верба? Колку време ти требаше?
Бргу ли ги заборави моите мазни,

топли допири? За мене се загрижени;
велат, од тој ден не сум била иста.
Не јадам, не спијам, отсутно мислам.
Често ме наоѓаат со очи подзамижени,

небаре се трудам на нешто да се сетам.
Нема што да гледам во светов црно-бел:
ни сонце, ни бои; и одекот оглувел.

Само во мисливе можам да летам
кон тебе, да ти шепотам разни. . .
(Зошто? Само ти, знаеш, сакаше!) Сказни.

 (продолжува)

Од „Синкаво и други песни“, Македонска реч, 2010

Илустрациите се од Caroline Hwang

Магдалена Хорват (Скопје, 1978) е поет и преведувач. Автор е на книгите „Ова е таа, твојата“ (Македонска реч, 2006) и „Синкаво и други песни“ (Македонска реч, 2010). Нејзината поезија е застапена во неколку антологии, меѓу кои и "Europa és una dona. Europe is a Woman" (на каталонски и англиски; Universitat Autonoma de Barcelona, 2007).

Првиот дел: „Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (1)

Третиот дел: „Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (3)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото