Зад прозорецот од насмевка

08.03.2012 10:59
Зад прозорецот од насмевка

Момче седи во паркот. Веројатно би трчало наоколу или би си играло со топка, но сега е мирно. Вкочането. Никој претходно толку сериозно не го фотографирал, со наредба да не мрда. Долгите раце му висат покрај телото, ноншалантно, но дланките му се стегнати во грч како канџи. Во десната рака држи граната. Играчка. Левата зјае празно како и неговиот поглед. Само усните му покажуваат страв, или бес, или омраза. Тешко е да се каже. Изгледа како да пораснал, можеби е војник. Го открива едното валкано и испосечено колено, како и едниот трегер кој му паднал од рамениците.

Момчето се вика Колин Вуд, и денес не е момче туку маж, а личноста која го фотографираше се вика Дијан Арбус. Оваа фотографија е само една од многуте кои ја прославија, и има заедничка нишка со сите останати: желбата да не ја гледате премногу долго, да ја свртите главата на другата страна и да ја потиснете неугодноста која ви го превртува стомакот. Чувствувате дека гледате нешто чудно. Нешто – забрането.

Убавината е во објективот

Тешко е да се согласиме околу тоа што е убаво. Секој човек има посебен вкус, својствен само нему и тешко е да наиде на личност која со истиот жар ќе ги дели сите негови интереси. Но, сосема е поинаква работа кога зборуваме за грдото. Општо е мислењето дека тоа што е непријатно за гледање е одбивно за сите. Овој став важи и денес, насекаде низ светот, а особено важел во 1950-те години во Америка. Совршените куќи никнувале преку ноќ, економијата имала позитивен напредок и животот наликувал на сон. Умереноста и скромноста не биле најважните карактеристики, и занимавањето со секоја активност која не ги следела овие правила било најстрого осудувано.

По тие насоки се водела и Дијан Немеров, ќерка на богат еврејски пар, родена во 1923 година, која имала детство во кое ништо не ѝ недостасувало. Иако тогаш државата била во голема економска криза, таа била поштедена од какви било лоши влијанија од ситуацијата. На 18 години се омажила за Алан Арбус, својата средношколска љубов. Имале две ќерки и започнале семеен бизнис. Сè течело по некое непишано право на општо задоволство на заедницата во која живееле. Уште едно делче од големата американска сложувалка.

Дијан Арбус, Автопортрет

По Втората светска војна, отвориле студио „Дијан и Алан Арбус“, во кое правеле фотографии. Успеале заедничката љубов кон уметноста да ја претворат во исплатлив бизнис. Иако поголемиот дел од критичарите ги оценувале нивните дела како просечни, неимагинативни и премногу груби, тие точно знаеле што сака публиката. Сцени во кои главна улога имаат примерните домаќинки и мажи кои сите би ги посакале. Вратоврска која совршено се сложува со нејзиниот испеглан фустан. Беспрекорна шминка, заслепувачка насмевка, прикриен раскош во домот од средната класа.

Списанијата ја препознале нивната дарба и наскоро во сите водечки списанија се појавиле нивни фотографии – „Вог“, „Севентин“, „Гламур“, вкупно над 300 страници во боја.

Имале сè што во тоа време можело да се посака: семејство, дом, приватен успешен бизнис. Но, сето тоа дошло со цена која Дијан не можела да ја плати. Запаѓала во депресивни периоди од кои Алан не можел да ја извлече, бидејќи и самиот бил незадоволен. Го мразеле секој ден поминат на работа. Нашминканите лаги кои им ги продавале на Американците. Дијан веќе не можела да издржи. Решила да му сврти грб на сè и да направи нешто за себе. Веќе ниту сакала ниту можела да биде совршена.

За светот во четири очи

Исто како што Демијан на Хесе сакал да го проживее само тоа што самото избивало од него, и Дијан поминала некое време обидувајќи се да го слушне внатрешниот глас, причината што ја натерала на толку голема промена. Некој поттик кој морала да го следи, обврска која морала да ја исполни. Секако дека станувало збор за фотографија, но каква?

Не сакала никакво разубавување. Прв чекор било внимателното одбирање на фотоапаратот со кој ќе работи. Првата одлука била дека ќе прави само црно-бели фотографии. Дали некој е во жолт или зелен фустан, дали има кафени или сини очи – не е важно. Важна е единствено приказната која се крие зад фотографијата. Уште поважно од приказната е сеќавањето.

Втората работа била перспективата. Таа сакала да го вовлече гледачот што е можно повеќе во рамките на фотографијата, автоматски да создаде чувство на блискост со моделот. Во тоа ѝ помогнала Лизет Модел, тогаш веќе прославена фотографка. Поминувале часови и часови во еден вид блиски, приватни часови во рамките на кои си разменувале искуства и замисли. Од ова многу брзо изронила една нова Дијан.
Основниот пресврт се случил во 1962 година, кога од 35 мм „никон“ фотоапарат, кој ги произведувал добропознатите правоаголни фотографии, преминала на т.н. „ролејфлекс“ (Rolleiflex) кој дава далеку подетални квадратни фотографии, во поголем формат. Овој фотоапарат работи на сосема поинаков начин од вообичаените, и доколку накратко се објаснат неговите карактеристики, ќе стане јасно зошто Дијан го одбрала баш него.

Неговите две очи всушност се две леќи. Едното му служи на фотографот, низ кое тој го набљудува светот и одбира кадар, и второто кое го пренесува виденото на филм. Можеби поважен од претходно кажаното е фактот што тој не се држи непосредно пред очите туку главно во висината на половината. Притискањето на прекинувачот е нечујно и целата положба во која се наоѓа фотографот ја укинува невидливата граница меѓу фотографот и фотографираниот. Моделот нема чувство дека некој го фотографира, и на некој начин навлегува во неговата приватност. Дури не е ни свесен за точниот момент во кој е притиснат прекинувачот, па поради тоа е поопуштен, поприроден, нема потреба да позира и вкочанет да го чека „кликот“.

Фотографот од друга страна нема предмет пред лицето. Слободен е да разговара, да се смее, да создаде расположение кое најмногу му одговара на моделот, непречено да се движи, да ја земе предвид и околината и тоа што сака да се најде на фотографијата. Една од работите кои многумина ја сметаат за недостаток на овој фотоапарат е тоа што со помош на огледало прави обратна слика, па левото станува десно, а десното – лево. Но во сликите на Дијан јасно е дека тоа било дури и придобивка. Таа го набљудувала светот низ овие матни стакла, испресечени со линии во кои го сместувала средиштето на својата работа, со нежно вртење на точките го изострувала она на што сакала да ни обрне внимание, долго и внимателно го одделувала левото од десното, и дури тогаш, кога тоа што ќе го видела низ четирите очи се совпаѓало со замислата во нејзиниот ум, го повлекувала прекинувачот. Остатокот од оваа магија е мала хемија, а тогаш препуштени сме на милост и немилост на светот таков каков што го видела Дијан Арбус.

Дракула во циркус

Иако и тоа што претходно го правела по сите мерила било занимавање со убавото, таа, напротив, тоа го сметала за грдо. Речиси гротескно. Чувствувала мачнина при помислата дека повторно треба да фотографира насмеани лица, маски зад кои се кријат непрегледни светови прекриени со несреќа. Слободна, сакала да зачекори во нешто ново, недопрено и неоткриено. Отсекогаш ја привлекувале маргините на општеството, луѓето и појавите кои биле опколени со високи ѕидови за да се заштитат обичните луѓе од нивното негативно влијание. Дијан решила да ги урне тие ѕидови и да го открие и другото лице на човечноста. Она вистинското, опипливото, до врв исполнето со сеќавања и не се грижела дали истите се убави или непријатни.

Првите ѕидови кои решително ги урнала биле ѕидовите на институцијата за душевно болни и болницата за луѓе со пречки во развојот. Често седнувала во автобусот кој одел до таму. Потоа разговарала со управителот и без поголеми тешкотии добивала дозвола да ги следи пациентите во нивните секојдневни активности или да оди со нив на излет во природа. Тука настанале некои од првите фотографии од оваа фаза на Дијан. Луѓето кои ги плашеле другите, луѓето кои биле испратени таму од страна на своите семејства поради срам, страв и неразбирање, на нејзините фотографии го добивале, во тој вечен момент кој го обележува објективот, сето она што луѓето им го одзеле. Биле среќни или тажни, забавни или осамени.

По ова на ред дошле шаторските крила и вратите на изнајмените приколки. Зад нив за целовечерни претстави се подготвувале кловнови, жонглери, џинови и џуџиња. Сите оние кои за леб заработувале од својата различност, стравот, гадењето или воодушевувањето кое го предизвикувале кај другите. Тука Дијан заработила зборови кои оттогаш неизоставно се поврзуваат со нејзиното име. Таа фотографирала изроди. А од тоа ѝ било подеднакво мачно како и етикетирањето дека фотографира жени покрај новиот модел штица за пеглање.

Но, во својот фотографски поход немала да стигне далеку ако се загрижувала за секој зајадлив коментар. Наместо тоа, се потрудила што повеќе време да поминува со своите модели. Првин се запознавала со нив, ги откривала нивните животни приказни. Неретко им се навраќала по неколку години, да ги фотографира повторно, да види до каде стигнале во животот.

Џек Дракула

Еден од нејзините омилени модели бил Џек Дракула. Уметничкото дело во непрекинато настанување, човекот со (дотогаш) 306 тетоважи. Живеел изолирано од луѓето, понекогаш се појавувал како циркуска ѕвезда, а на фотографирање се согласил откако Дијан му ветила дека нема никогаш да открие каде живее. Наместо изрод, таа од него создала приказна. Дваесет и осум ѕвездички светкаат на неговото лице, преку градите му преминува орел, а уште три се вгнездени некаде по кожата. Шест зеленкасти, кружни симболи, мустаќи, очила. Првата тетоважа која ја направил била едноставна кука. Сега од неа виси слеп глушец. Тигарот и змејот водат бесконечна борба под папокот, на десната рака скорпија држи долар во отровен стисок, волк се ѕвери од десното колено, а од внатрешната страна на усните е испишано Дракула. Крилести змејови, паун, гејша, пеперутки, бродови, мечови, духови, ланци, пингвини, Страшната тројка (Франкенштајн, Дракула и Фантомот од Операта). Има тука и текст за читање. Сакам пари. Смрт пред брак. Љубов. Долорес. Барселона. Силвија. Тереза. Бела Лугош. Секогаш кога во интервјуата ја прашувале зошто Џек се тетовира, едноставно одговарала: „Затоа што сака“.

Дијан Арбус, Маж кој е жена

Последно поглавје

Вредни за внимание не биле само оние светови кои поголемиот дел од нас ги истиснале од својата околина и оние кои сами избрале да живеат изолирано. Во албумите на Дијан место нашле нудистите, транвеститите, алкохоличарите, уличните изведувачи или секој што на некој начин отскокнувал од вообичаеното, што во нас буди сеќавања кои не ги доживуваме често или сакаме да ги заборавиме. Идентичните близначки со намуртени лица во црни фустани, тие кои најчесто ги гледаме во хорор филмовите; сиромашни тинејџерски парови без иднина; лице на бебе изобличено од плачење; богата пензионерка; комично облечена како сè уште да е во 1920-те години.

Фотографиите и изложбите се нижеле, но немирот во Дијан сè уште не исчезнал. Мислела дека ќе престане кога ќе го претвори во уметност, но и самата еднаш признала дека не може без да оди „ту горе, ту долу“.

И кој знае зошто, на 26 јули 1971 година, легнала во када, испила цел грст таблети против болки и со жилет исцртала две прави линии по зглобовите на рацете. Никогаш нема да знаеме за што размислувала тие неколку минути додека животот истекувал од неа. Можеме единствено да ѝ оддадеме почит со тоа што нема да ја наречеме фотограф на изродите. Во нејзиниот живот, тие навистина биле нешто повеќе од тоа.

Можеби токму за нив размислувала лежејќи во таа када. Можеби и самата се затворила внатре во некои замислени ѕидови, заедно со луѓето кои го делеле нејзиното чувство за оттуѓеност.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото