Цвет над кукавичјото гнездо

21.03.2012 13:52
Цвет над кукавичкото гнездо

Болните и луѓето со посебни потреби, почнувајќи од душевно болните до инвалидите, долго се затворени во херметичкиот круг на медицинската пракса која се одвива внатре во инструментализираните институции – болница, лудница или рехабилитациони центри.

Бидејќи институциите се сметаат за хумани, ретко се предмет на критичка анализа, а за тоа придонесува и сè уште големата табуизираност на болестите.

Во јавната перцепција, местото кое го зазема менталната институција – болницата за душевни болести – речиси секогаш е разгледувано низ призмата на нехуманото, туѓото, како непознат простор кој се поистоветува со „темните агли на мозокот“ со местата во кои се наоѓаат болните. Концептот на ментална болница се јавува во 18 век, а за политичката димензија на институционализацијата прв пишува Мишел Фуко.

Медицинскиот 21 век често се нарекува доба на новиот хуманизам, иако во пракса во целата ситуацијата има малку хуманост. Кога хуманоста би станала стратегија и во односот кон болните, тогаш најверојатно би се редефинирал и целиот концепт на проектирање на болниците (кои често наликуваат на затвори).

Наидовме на една уметничка инсталација која го проблематизира токму тој сегмент – враќањето на хуманизмот и одржувањето на човечноста во една ментална болница.

Во 2003 година, зградата на психијатриската болница во Масачусетс, била предвидена за рушење за на нејзино место да се изгради нова болница. Деновите пред затворањето на болницата им послужиле на управата, болните, но и на повиканите уметници да размислат за нејзиното значење, да се присетат на времето кое го поминале во неа. Самиот чин на демолирање поставил пред главните актери прашања: може ли толку едноставно да се избрише и сеќавањето на зграда полна со историја и значење?; мора ли во процесот на збогување со просторот соодветно да се комеморира и неговото значење? И секако, на кој начин се врши комеморацијата на просторот, луѓето, емоциите – трајно или привремено; треба ли комеморацијата да биде отворена за јавноста или затворена, баш како и самата болница?

Управата на болницата ја повикала уметничката и терапевтка Annu Schuleit, која на идејата за комеморација пристапила крајно неочекувано. Поминувајќи низ просториите во истрошената зграда во која многумина се лечеле, Schuleit својата работа ја фокусирала на тоа што во зградата во ниту еден момент не го забележала: боја и живот.


Всушност, тие две компоненти биле клучни за нејзината инсталација која со волуменот и значењето допрела до многумина: во просториите на зградата се поставени вкупно 28.000 саксии со цвеќе. Со лимитиран буџет и голем број на волонтери, уметничката со живот и боја ги наполнила сите агли на болницата, ходниците, скалите, канцелариите, базенот... Затворената институција која никогаш немала слободен пристап за посетители, во четири дена станала едно од најпосетуваните места, станала место на катарза и почитување, контемплација и емпатија.

Инсталацијата е наречена „Bloom“, Schuleit на проектот работелa три месеци, со целодневен престој внатре во болницата, пристап во сите простории и со придружник кој ги знаел сите приказни врзани за просторот. Фактот дека во психијатриските болници пациентите никогаш не добивале цвеќе, ја поттикнал да ѝ пристапи на инсталацијата радикално. „Сакав да ги поврзам аспектите на заиграност и среќа во овој донекаде ладен и сериозен простор, да го направам апсолутен. Да беше инсталацијата само за сликање, можев да употребам и помали канти со цвеќиња, но токму поради впечатокот кој требаше да се остави на посетителите, прибегнав кон сместување на цвеќето во целокупниот простор. Во предворјето ставив и книга со впечатоци, а некои коментари беа неверојатно убави. Го славиме животот“, се потсетува уметничката на своето дело од пред десетина години.

По четири дена разгледување, цвеќето е преместено во разни здруженија, организации и други психијатриски болници. „Тоа е причината зошто не користев сечено свежо цвеќе. Сакав по завршувањето на инсталацијата, цвеќето својот живот и енергија да ги шири и понатака“.

Повеќе за уметничката погледнете овде.

Извор: Pogledaj.to

Слични содржини

Јавни простори / Уметност
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Технологија

ОкоБоли главаВицФото