Побунетите киборзи шетаат низ метрополата

31.03.2012 12:19
Побунетите киборзи шетаат низ метрополата

Hackitectura.net е шпанска група архитекти, информатичари и истражувачи основана во 1999 година, а составена од Серџо Морено, Пабло де Сото и Хозе През де Лама - Осфа. Групата се занимава со теоретско осмислување на градот и развивање на нови пристапи и дејствување во него, а го применуваат своето знаење во областа на Гибралтарскиот теснец, како и низ разни градови во светот каде што ги оспособуваат привремените медиумски лаборатории, отворените контролни соби и заедничката дигитална инфраструктура.

Предавање на Пабло де Сото и Хозе През де Лама - Осфа

Градот после Фордизмот

Теоретското истражување, на кое работиме уште од 2005 година, испитува можности на создавање на проект за еманципација на новиот, посмодернистички град, слично како што модернистичкото движење на почетокот на 20-от век иницираше проект кој го еманципираше модернистичкиот град. Идејата за постмодернистичкиот град ја нарековме „Metropolis FlexDeala“ или „Екософичен град“. Под името екософичен град се обидуваме да развиеме општа политичка визија за нешто што би можело да стане град на посткапитализмот, односно град кој сакаме да го изградиме по капитализмот.

Првиот чекор во ова теоретско истражување го опишува проектот на модернистичкиот град и начинот на кој тој е еманципиран и прифатен. Кон крајот на 19-от век, по индустриската револуција, градовите стануваат вистински ноќни кошмари. Во такви услови на почетокот на 20-от век, доаѓа до здружување на општествените активисти, синдикатите, политичките партии и авангардните уметници и техничарите кои ја делеле заедничката желба за промена на тие неиздржливи животни услови. Архитектите и уметниците тогаш презеле клучен чекор нанапред и станале политички активни личности кои започнале со развој на идејата за модернистичкиот град. Важно е на ова место да се нагласи дека проектот на модернистичкиот град во својата суштина бил политички проект, како и самиот модернизам, како што го опишува германскиот филозоф и теоретичар Јирген Хабермас, додека CIAM (Меѓународен конгрес на модернистичките архитекти) бил последниот чекор од тој политички проект.

Бидејќи клучниот субјект на тоа време бил индустрискиот работник, модернистичкиот град, низ развојните идеи на европските архитекти како Ле Корбизје, Ернест Меј или руските конструктивисти, замислувале нов начин на живот за тие работници. Новиот живот подразбирал воспоставување рамнотежа меѓу индустријата, домувањето, јавниот простор, зеленилото, здравството, образованието и останатите јавни сервиси. Оваа идеја за урамнотежен развој станала основа за развој на „градот на благосостојба“ (welfare city) или „социјалистичкиот град“, во зависност од тоа дали градот се наоѓал во пазарно-капиталистичкиот Запад или државно-комунистичкиот Исток. Основниот предуслов за развој на таквиот тип град била рамноправната дистрибуција на богатството кое општеството го произведува меѓу сопствениците, синдикатите и државата.

Концептот „град на благосостојба“ запаѓа во криза кон крајот на шеесеттите години и почетокот на седумдесеттите, кога почнала транзицијата од фордизам во постфордизам, а оние кои со својата работа можеби најдобро ја опишуваат оваа криза, се француските ситуационисти. Еден од нивните колажи прикажува фотографија на супермаркет во пламен во текот на немирите во Лос Ангелес, а насловот на фотографијата е едноставно: „Критика на урбанизмот“.

Постфордовскиот начин на произведување, кој се развива од седумдесеттите до денес, го доведе концептот на „државата во благосостојба“ во трајна криза. Оттогаш во светот настануваат разни кризи како кризата на несигурност, демократија, миграција, екологија и најпосле – финансиската криза. Истовремено, важно е да се напомене дека архитектите станаа техничари – професија која се занимава со поединечни проблеми и не е политички ангажирана.

Четири полиња на делување

Споредувајќи го од една страна, начинот на развивање на идејата на модернистичкиот град и од друга страна, постфордистичките услови, почнавме да развиваме нов пристап кон проблемот на постмодернистичкиот град. Во почетокот тој пристап го нарековме „FlexDeal“ по примерот на „New Deal“ развиен во САД минатиот век. Меѓутоа, откако некои проекти на Европската унија почнаа да го користат истиот термин одлучивме да го преименуваме концептот во екософичен град. Екософија е термин кој Феликс Гатари, француски психоаналитичар, филозоф и активист, го користи за да го прошири поимот екологија на повеќе полиња. Според неговата теорија, екософијата е сочинета од три облици на екологија: ментална, општествена и техничка. Идејата за новиот град, кој сакаме да го развиеме, почнува токму од местото на кое овие три екологии се значајно застапени.

Предусловите за развој на новиот, екософичен град ги поделивме во четири главни полиња за дејствување. Политичкото потекло за дефинирање на тие четири полиња во голем дел го преземаме од работата на италијанските автономни марксисти и постоператисти.

Првото поле на дејствување го нарековме „автономија на миграција и мобилност“. Оваа тема посебно добива на значење во денешниот глобализиран свет, каде што скратувањето на мобилноста станува главно средство за контрола, но исто така, според зборовите на Антонио Негри, едно од клучните средства за отпор на мнозинството, односно средство со чија помош масата станува политички субјект.

Второто поле на дејствување е „автономија на флексибилноста“, односно создавање здруженија. Бидејќи во денешната мрежа на владеење со средствата за производство можеме да развиеме заедничко знаење по пат на комуникација и размена. Флексибилниот работен однос, кој денес претставува закана која води кон несигурност, може да биде нашето орудие во развивањето на организации и производство засновани на слободна размена на знаења и податоци.

Третото поле на дејствување го нарековме „киборгизација“, а под тој израз подразбираме присвојување на алат, машини и мрежи кои ни се потребни за независно производство. Основната идеја на ова дејствување е да ги сфатиме денешните технологии за да може да ги примениме за сопствената добросостојба. На тој начин, ја социјализираме и хуманизираме технологијата за на крајот да ја присвоиме. Ова поле е воедно и главно поле на дејствување на групата Hackutectura.net.

Последното, четврто поле на дејствување, кое не е директно поврзано со идеите на италијанските марксисти, но кое го сметаме за особено важно, е полето на екологијата, согласно со веќе споменатата екософична мисла на Феликс Гатари. Тоа е полето на ментална, општествена и техничка екологија.

Нови политички субјекти

Токму тие четири општествени предуслови ги гледаме како темели на идејата за нов, посткапиталистички град. Меѓутоа, ако сакаме сериозно да почнеме да работиме на овие проблеми, првин мораме да развиеме соработка меѓу техничарите, уметниците, општествените движења и активистите. Во денешните неолиберални услови не можеме да се потпреме на државата, политичките партии или синдикатот, како што тоа го правеа модернистите.

Наши сојузници можат да бидат независните политички и општествени движења или неформалните иницијативи бидејќи токму во тие мрежи се развиваат нови политички субјекти кои се способни да ја менуваат општествената реалност.

Новиот политички субјект не е веќе индустрискиот или масовниот работник на фордизмот, туку работниците на одредено време, невработените, мигрантите и останатите граѓани кои живеат во состојба на трајна несигурност. Во нашите проекти овие нови субјекти во градот ги нарекуваме „побунети киборзи“, по примерот на Вилијам Мичел, Дона Харавеј и кибер-панк литературата. Терминот „побунети киборзи“ можеби најдобро можеме да го илустрираме со примерот на акцијата на нашиот колега Серџо Морена. Користејќи модерна технологија, како џебни камери и останати други предмети, Морена случувањата од една првоаприлска демонстрација од улицата ги пренесува директно на интернет. На тој начин го шири полето на отпор, бидејќи со директниот пренос на информацијата таа станува непосредно достапна на сите.

Работа на спојот на просторната, општествената и технолошката сфера

Како што веќе напоменавме, основното поле на дејствување на групата Hackitectura.net е третото поле на делување, односно прашањето за присвојување на територии. Во денешните услови на развој на дигиталната култура и киборгизација, пристапот до средствата за производство станува сè подостапен, знаењето станува бесплатно, дефиницијата за сопственост се менува, а сите тие процеси се потпираат на глобалната комуникација и глобалната соработка. Сметаме дека денешниот свет има нова, дополнителна сфера, а тоа е техносферата составена од дигиталните, информациските и комуникациските технологии. Некои автори таа сфера ја нарекуваат екстенција на реалноста, но ние повеќе сакаме да ја гледаме во контекст на киборгизацијата. Од тој агол, технологијата не е трансцедентална, туку таа го менува општеството, како и нас самите. Исто така воспоставува нови врски меѓу луѓето, придонесува кон развивање на нова субјективност, го менува нашиот начин на размислување и чувствување.

Во пракса, во секој наш проект, се обидуваме да споиме три различни сфери, од кои првата е архитектонскиот простор во традиционалното значење на тој збор, втората сфера е општествената мрежа, а третата е технолошката. Занимавајќи се со таква практика, се обидуваме да ѝ пристапиме на архитектурата на поинаков начин од оној класичниот, кој под поимот архитектура подразбира само и само градење објекти. Ние ја гледаме архитектурата како поле во кое трите различни сфери (простор, општествените мрежи и технологијата) се составуваат во комплексна целина.

Трансконтинентални случувања

Моментот во кој највидливо се составуваат трите сфери е всушност настан. Од 2002 година извршивме повеќе активности во областа кај Гилбралтарскиот теснец во соработка со локалната Indymedia (Indymedia е глобална медиумска мрежа формирана во 1999 година како алтернатива на масовните медиуми, во која секој може директно да учествува во пренесувањето на информации, активисти и движења за слобода на имигрантите). Првиот чекор во овој политички проект беше создавање на општествена мрежа во локалната заедница. Потоа следеше вториот чекор во проектот, развивање на критична картографија, односно поинаква мапа за територијата на Гилбралтарскиот теснец. Затоа, како трет чекор, организиравме настан под името „Fadaiat“, кој беше краткотрајна реалност онака како што ние ја замислуваме, но и предлог за долготрајна иднина на овој простор меѓу Африка и Европа.

Пред почетокот на физичкото дејствување во просторот, сакавме да направиме геополитичка мапа на Гилбралтарскиот теснец која требаше да послужи како активистичко оружје и политичко орудие. Територијата на Андалузија и Мароко се прикажани на картата заедно со различни слоеви и информации – моменталната воена присутност на границата, економските текови, шпанските компании во Мароко, имиграционите текови, локациите на азилантските затвори итн.

Меѓутоа, истовремено на картата се прикажани и желбите на луѓето во тој простор, мрежата на соработка на општествените движења, местата на демострации и центрите на Indymedia. Во тој контекст, картата ја прикажува сегашната состојба, но и иднината која сакаме да ја произведеме.

По објавувањето на картата почнавме заедно со група имигранти, активисти и хакери да го подготвуваме настанот „Fadaiat“, што на арапски значи сателитска чинија. Настанот се реализираше истовремено во два града, Тарифи во Шпанија и Тангер во Мароко. Во тие два града оспособивме два медиумски центри кои меѓусебно беа поврзани со комуникациска инфраструктура. Поставивме безжична мрежа меѓу двата континенти, што најверојатно беше прв пат да се постави таква инфраструктура на ваков неформален начин.

Во тоа време, шпанската влада воведе нов систем на границата, како дел од европската политика на управување со граници. Тој систем, наречен SIVE (систем за екстерен надзор), е поставен долж шпанското крајбрежје во облик на мрежа од кули кои содржат разни опрема од високата технологија, како радари, инфрацрвен надзор или оптички кабли. Освен оваа мрежа на кули, системот се состои и од гранични патроли со бродови и хеликоптери чија задача е да ги запрат имигрантите пред да стапнат на копното, бидејќи ако успеат да се пробијат до копното, имаат право на безбедносен азил. Целиот систем функционира како нематеријален ѕид, а неговиот резултат е фактот што имигрантите почнаа да користат други правци кои се и повеќе опасни. Иако овој систем е развиен за потребите на шпанското крајбрежје, сега се воведува и на границата меѓу САД и Мексико, како и на границата меѓу Русија и Европа. Нашата желба беше да се искористи истата безжична технологија што ја користи и војската во тоа подрачје, но во сосем поинаква цел – да помогне да се создадат мостови – а не граници. Таквиот концепт во развојот на бесплатните софтвери се нарекува инверзен инжинеринг (reverse engineering).

Откако две години по ред го организиравме Fadait, сакавме да отвориме трајно место за слични акции во подрачјето на Гилбралтарскиот теснец. Во тоа време беше распишан конкурс за развојни инвестиции за малата тврдина Санта Катарина, која се наоѓа меѓу Медитеранот и Атлантикот. Своевремено, тврдината била употребувана како светилник за морнарите и како метеоролошка станица. На конкурсот ние понудивме развоен план на тврдината како граничен медиумски центар кој би обезбедил услови за истражување и сместување на истражувачите. Бидејќи нашиот инвестициски капацитет не беше висок, понудата не е прифатена. Конкурсот го доби проект кој понуди силен туристички развој. Меѓутоа, „Одделот за културно наследство“ го забрани тој проект и тврдината сè уште е празна. Се надеваме дека ќе собереме доволно енергија и конечно да ја реализираме нашата замисла за тврдината Санта Катерина.

Отворање на контролни соби

Нашето дејствување во Гилбралтарскиот теснец доведе до развивање на интересна типологија „привремени медиумски центри“, а особено до еден облик на медиумски центар што се нарекува „контролна соба“ (situation room или control room). Изворно таквите соби се развивале низ текот на Втората светска војна, а биле места во кои биле изложени сите карти, информации и логистички врски со кои располагала војската. Таквите соби најчесто имале кружен облик, а се специфични токму поради фактот што се развиени од сложени нелинеарни процеси каде што одлуките се носат во кратко време, па неопходно е да се имаат на располагање сите можни податоци пред себе. За различните агенти, како војската, полицијата или деловните луѓе да можат да носат одлуки во различни ситуации, тие мора непрекинато да ги следат случувањата во реалното време и да добиваат повратни информации по спроведувањето на своите одлуки на терен.

По нашето искуство во организацијата на Fadait, повикани сме да развиваме слични настани и во Екстремадури. Тоа е најсиромашниот дел во Шпанија, но интересно е бидејќи одлучиле да развијат информациска инфраструктура базирана на бесплатен софтвер за сопствена администрација и образование. Hackitectura.net организираше неколку случувања во таа област, од кои еден беше во близина на никогаш недовршената нуклеарна електрана. Градбата на електраната започнала во времето на Франковиот режим, но е прекината во осумдесеттите години поради големите протести на локалното население. Во непосредна близина на недовршената нуклеарна електрана оспособивме привремено автономна зона со контролна соба во внатрешноста на геокуполата, каде што се организираа расправи со граѓаните, децата и политичарите за идната намена на ова неискористено подрачје. Самиот настан беше поврзан со неколку слични случувања во Европа преку технологијата GISS (Global Independent Stream Support). Нашиот предлог за пренамена на нуклеарната централа беше во неа да се развие едукација која би се истражувала како современата технологија да се насочи на развој на екологијата, а не обратно. Градењето геокупола и глобалното поврзување ја прикажаа нашата идеја со сопствен пример на дејствување.

По акцијата во Екстремадура ја рециклиравме контролната соба и ја поставивме на другиот крај на Шпанија – во Гијон. Таму ја тестиравме можноста овој вид соби да ги развиеме во „мултитудни уреди“ односно, контролната соба да послужи за зајакнување на локалните општествени мрежи, а не за јакнење на централната власт, за што во суштина служат тие соби. Ако контролната соба се развива во служба на мрежата на граѓани, може да стане место за создавање на општествено корисни знаења и подобра поврзаност меѓу различните општествени движења. Во овој проект се запрашавме дали можеме да изградиме контролна соба за граѓаните, каде што ќе можеме да го практицираме слободното комуницирање и слободната картографија?

Претпоставувавме дека таквата алатка на граѓаните би им овозможила да ги развиваат сопствените медиуми, знаење, собирањето податоци, интеракција и развој на политичкиот простор. Поставивме една експериментална контролна соба во Гијон, но истовремено ја замисливме структурата на градот во кое секое население самостојно би развило сопствена контролна соба.

Концептот дополнително го разработивме во нашиот следен проект наречен „Вода за Битови“ (Water 4 Bits). Проектот беше сместен во напуштен павилјон на европските земји, изграден за Експо во Севилја во 1992 година. Иако целото подрачје на павилјонот е пренаменето во андалузиски технолошки парк, овој павилјон остана неискористен. Просторот на павилјонот се наоѓа 6 метри под земја и во моментов е поплавен. Размислувајќи како да го обновиме овој простор, првин во него поставивме вмрежена платформа користејќи го софтверот „Open Simulator“ (кој е бесплатна верзија на софтверот Second Life), со помош на кој корисниците можат меѓусебно да ја замислуваат и да ја создаваат виртуелната реалност на павилјонот. Посетителите на влезот облекуваат рибарски чизми и влегуваат во потопениот павилјон каде што, со помош на виртуелна симулација, се поттикнати желбите и мечтите на нашите посетители. Преку „Open Simulator“ гостите се запознаваат со неколку предлози за понатамошна пренамена на павилјонот. По таа изложба, основавме здружение под името a-b заедно со група уметници, архитекти и истражувачи со кои сакавме да го пренамениме овој простор постепено, но низ самоорганизиран процес. Со оглед на тоа што овој павилјон се наоѓа среде технолошкиот парк, особено нè интересира соработката со останатите корисници на паркот и развивањето кооперативен облик на производство.

Нашиот последен проект се вика Wiki-Plaza, а се занимава со истражување на примената на алатка која инаку се користи од страна на дигиталната заедница за градење на хибриден јавен простор – своевиден граѓански кибер простор. Проектот WikiPlaza ја освои првата награда на меѓународниот натпревар, во организација на градот Севилја, чија тема беше осмислување и изградба на новиот простор на слободата. Нашиот предлог за изградба на серија хардвери, софтвери и мрежа во јавен простор беше инспириран од замислата на фанцускиот ситуационист и филозоф, Анри Лефевр, а сметавме дека на тој начин помагаме со тие технологии, овозможувајќи непосредно делување на граѓаните во јавниот простор. Таквиот простор би можел да стане место каде што граѓаните би можеле да ја истражуваат општествената корист на разни технологии, додека изградбата на јавниот простор може да се развие како и собирањето на знаења на Wiki серверите (по примерот на Wikipedia). Од таа темелна идеја доаѓа и името на проектот – WikiPlaza.

Употребата на технологијата и нејзиното присвојување на овој начин ни овозможува развој на нови урбани инфраструктури неопходни за современото егзистирање во градовите. На темелите на тие инфраструктури можеме да развиеме нови општествени системи, институции или општествени центри – места каде што се истражуваат нови облици на автономниот живот.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.hackitectura.net

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

Црвениот план

Ројц – местото каде што транзицијата тргна во спротивен правец

Квартовски лаборатории во Трст

Пазарот на недвижности ги крши човековите права

Прирачник за деколонизација

ОкоБоли главаВицФото