Валентина Терјешкова

07.08.2009 14:44
Valentina_01.jpg

Кога на 16 јуни 1963, со Восток 6, првата жена отиде во вселената, натпреварот меѓу САД и СССР во освојувањето на вселената беше на врвот. По Кубанската криза (1962), Студената војна малку спласна, работите меѓу големите сили почнаа некако да се средуваат, но натпреварувањето по што поагресивна технологија стана многу поочигледно. Всушност, односите меѓу Америка и СССР никогаш не биле во повозбудлива фаза, во која заканата со светска нуклеарна катастрофа се сменуваше со затоплувањето, што Хрушчов го покажуваше пред светот и со потпишувањето на првите договори за контрола на атомското вооружување, истото лето кога Валентина Терјешкова летна во космосот. На двете страни им беше потребно да се здобијат со што повеќе симпатии и углед надвор од своите територии. Во тоа време, Кенеди ги спроведе првите значајни мерки за намалување на сегрегацијата и за интеграција на Црнците во институциите, особено во универзитетите на југот на САД, женските и цивилните движења за прв пат добија поддршка од државниот апарат. За жал, само неколку месеци подоцна, Кенеди беше убиен во Далас...

Да се испрати жена во вселената, имаше свои, очигледно, идеолошки импликации, кои во технолошката трка Американците ги остави далеку поназад. Напразна беше американската аргументација дека испраќањето на жена е “премногу опасно”. Советската идеолошка сценографија доживеа голем успех. Младата, стамена, вистинска и истовремено “обична” советска жена направи подвиг, нешто што сигурно влегува во светската а не само во технолошката или воената историја. Оваа постапка, колку и да беше проѕирна, а нејзината цел јасна, со ништо не можеше да го намали дејството што Валентина Терјешкова го имаше врз жените, нивната самосвест, нивните можности и нивното напредување во најпредизвикувачките професии. Жените-астронаути по Терјешкова станаа вообичаена појава во вселенските експедиции – Русинки, Американки, Французинки, Јапонки.

Жените и денес можат да го постават истото прашање што си го поставуваа по летот на Валентина Терјешкова – а дали сето ова ни беше потребно? Но, одговорот не мора да биде во сферата на вистинска корист и на реалната женска политика. Валентина Терјешкова едноставно е женска икона на која ниту статусот на советски херој, ниту развојот на технологијата, ниту самоиронијата на жените, ниту општото намалување на интересот за вселенски освојувања веќе не можат да и’ наштетат. За среќа, ниту самата Валентина Терјешкова никогаш особено не ја злоупотребила својата положба ниту, пак, манипулирала со своето херојство, па иконата останува недопрена, возбудлива и женски трогателна. Од своите почетоци на 20 век, модерната авијација стана моќно подрачје на извесна “полова фигурација” со херојските фигури на осамените авијатичари, со упадот на жените-авијатичарки во сликата, со фантазмот за новиот колонијализам што ги освојува просторите, притоа не загрозувајќи ниту една мала култура, па според тоа, ниту европоцентричната хуманистичка свест. Беше тоа полетување кон невидливиот бог, но и кон потврдата на атеизмот; истовремено значеше доверба и прв сериозен сомнеж во техниката, обновување на општочовечкиот сон за летањето, запишан во сите култури и веќе опишан во психологијата, нешто постара од авијацијата. Од аспект на западната културна митологија, се разбира, мора да се прашаме дали авијацијата ќе беше можна без Фројд, без оглед на хронологијата...

Да немаше авиони, дали жените ќе знаеја дека стравот од летање е поврзан со сексуалноста? Ако ги земеме предвид приказните за женското летање и леснотијата на женското тело – доволно е да се потсетиме на самовилите и вештерките – тогаш станува јасно дека Фројд и авијацијата, заедно, претставуваат агресивен машки упад во суптилниот простор на мечтата, груба материјализација на соновите, успешно освојување на скриеното царство меѓу небото и земјата. Женскиот страв од летање со авион (познат и на многу мажи), всушност, е модерен културален страв, кој не би постоел ако не постоеја авионите. Но, и во динамичниот век од кој се разделуваме, стравовите и нивното разбивање се случуваат истовремено. Авијацијата стана моќно симболно подрачје за жените. Валентина Терјешкова, текстилна работничка и примерна комсомолка, страсно го сакала летањето и како пилот-аматер влегла во вселенските програми. Ако ги испуштиме контекстот и неговата идеолошка конструкција, ќе добиеме совршен митолошки пример, запишан длабоко во историската антропологија на половите: жената станува од разбојот и полетува. Пенелопа го заменува Одисеј, Андромеда – Персеј. Се разбира, прашањето е дали тој мит некогаш го поседувале жените или бил користен против нив.

Додека, од една страна, имаме цела редица примери на опасни женски летечки божици и демони во кои е впишана задолжителната “одбранбена” агресија, од друга страна, голем број крилести женски фигури во западната култура, од класицизмот па наваму, ги населуваат сликите, скулптурите, нè набљудуваат од зградите и спомениците. Летечките жени покриваат огромно симболно подрачје, откако од западната мода излегоа бесполовите ангели–музи, Нација, Правда, Љубов, Милост, Поезија, Победа, Вистина, Уметност, Душа... Сите тие симболни претстави на женски лебдечки тела имаат слична позиција: не комуницираат со реалниот свет, дури ни со мажите од крв и месо, кои ги водат. Безгласни и над нивото на случувањата, тие се идеални придружнички на машките подвизи. Со толку амбивалентни симболи, женскиот стремеж реално да освојат барем парче од авијацијата и од небото станува сосема јасен и политички оправдан.

Валентина Терјешкова својот лик и’ го позајми на една политичка замисла, на популаризирањето на советскиот систем меѓу поголемата женска половина од светот. Се разбира, тоа не значеше дека советскиот социјализам ги исполнуваше ветувањата што обилно ги даваше, но спореден со застрашувачкиот расчекор меѓу ветувањето слобода и реалната ситуација во советскиот систем, односот на прокламираните и вистинските женски права изгледа неспоредливо подобро. Тоа, всушност, стана јасно дури по падот на советскиот и другите негови режими, кога во новата “демократија” сериозно се намалија женските права. Валентина исполни цела една програма во која била запишана: ги завршила сите воени и авијатичарски школи што и’ беа потребни, ги добила сите ордени, ги стекнала сите титули, станала претседателка на комитетот на советските жени и претседателка на федерацијата за културна размена. Се омажила за колегата астронаут Андријан Николаев, се развела од него, се грижела за неговите деца. 71 час, кои ги помина во вселената, не влијаеле врз нејзиното здравје, иако, во споредба со своите американски колеги, летала во околности на застрашувачка незаштитеност. Накратко, со ништо не ја загрозила, ниту ја променила иконата што беше создадена за неа.

Нејзината природност, инаквото тело што не им одговараше на западните стандарди на убавината, отскокнувањето од модните барања на западниот свет, сите тие елементи останаа вградени во замислата. Меѓутоа, еден елемент како да ги преминува границите на таа правоаголна, непроменлива слика: тоа е насмевката на Валентина Терјешкова, човечка и весела, со неправилни заби и мали живи очи, кои речиси се губат во наборите на лицето, со израз на среќа и сè уште светли. Поради таа насмевка, нејзиниот триумф засекогаш излезе од однапред подготвениот калап, а и денес, сè уште може да го озари гледачот. Сестрата летна, ја заврши работата, но сè уште клучно се разликува од намуртените генерали што ја пратија на задача. Вселената денес е повеќе подрачје за набљудување на земјата, отколку подрачје на продор во непознатите светови. Од сателитите преку кои телефонираме и гледаме телевизија, преку кои нè прислушкуваат и надгледуваат, до вселенските станици што упорно се расипуваат и никако не се претвораат во големи комплекси за истражување, па сè до неверојатниот напредок на сателитската технологија во областа на просторните истражувања (геофизика, археологија, урбанизам), како и во војната, продорот во вселената, во шеесеттите и седумдесеттите години денес, објективите ги сврте навнатре и стана монопланетарен сервис.

Оние што навистина се трудат да ја откријат состојбата на работите на другите планети тоа го прават во своите скривалишта, додека популарната култура главно ја покри целокупната потреба за измислени други светови. Со заострени уши сини/зелени, со дамки наместо коса, помалку или повеќе чудовишни, жителите на другите светови живеат во нашите дневни соби, полека грицкајќи ги остатоците од воодушевувањето што го чувствувавме пред триесетина години, гледајќи во ѕвезденото небо. Она што навистина вчудоневидува е дека фикцијата за вонпланетарниот живот не излегла од половите конвенции на Земјаните. Па така, Валентина Терјешкова, пионерка во историјата на жените, се сретнува со американската авторка Урсула ле Гвин, која како редок автор во СФ жанрот конструира наполно антрополошки модели со провокативно нови односи меѓу половите. Шест години по летот на Валентина Терјешкова, во 1969 година Урсула ле Гвин го објавила романот „Левата рака на темнината“, во кој жителот на друга планета, вљубен во Земјанин, го менува полот според годишните времиња.

ОкоБоли главаВицФото