Знаци покрај патот

07.04.2012 12:04
Знаци покрај патот

Во ова општество сите подеднакво страдаме, и жените и мажите, единствено улогите ни се поделени, и тоа приближно на овој начин: кога ние страдаме заради жените, тоа речиси секогаш е поради тоа што жените не се онакви какви што би сакале ние да бидат. Кога, пак, жените страдаат заради нас, тоа е секогаш поради тоа што ние сме вакви какви што сме. Но, она што е важно е дека страдаме сите и се мачиме често, долго, сурово и бесмислено.

*

Единствено само активните луѓе со нивната борбеност и безобѕирност го движат животот напред, но од друга страна, пак, единствено само пасивните луѓе со нивната трпеливост и добрина го оддржуваат и го прават поднослив.

*

Веќе одамна за мене не е важно кој умее да говори во ова општество, не е важно ни со какви зборови ни со каков тон; важно е тоа што знае да направи тој, како го прави тоа и како она што некогаш го направил умее да го одржува, да го усовршува и да го брани.

*

Незадоволни со себе и со условите во својата земја, ние често ги фалиме другите земји и народи, и создаваме од нив недостижни идеали. Притоа претеруваме, фалејќи ги повеќе одошто заслужуваат и припишувајќи им својства и обележја кои не ги поседуваат. Така што, сето она што го зборуваме не соодветствува со вистинската слика за дадената земја, ами повеќе е идеалистички приказ за нашата татковина. Приказ на татковина каква што би сакале да ја видиме.

*

Оној којшто сака да владее или кој поради склопот на околности е доведен во ситуација да мора да владее со луѓето и човечките вредности, би морал многу да знае и да разбира, и уште повеќе да чувствува. Сеедно дали таа негова власт се однесува на некое скромно домаќинство или на голема држава со многу население. Но, пред сè, таквиот „владетел“ мора да знае и да разбира, или барем да насетува и да претпостави кои се мерките и границите на човечкиот дух и тело, што сè може да помисли, да каже и да направи жив човек под притисок на многукратни и нејасни инстинкти кои во него постојано се менуваат од раѓањето па сè до смртта. Ако не го знае тоа, тој никогаш нема да може добро, праведно и корисно да владее и да управува ниту со две мачки ниту со три пилиња, а не, пак, со помал или поголем број луѓе.

*

Целата наша човечка историја наликува на моментот кога човек ќе подигне поголем камен, кој дотогаш со години стоел заглавен со долната страна во влажната земја и бавно тонел сè подлабоко во неа. Тогаш на сончевата светлина ни се открива еден цел изненаден и исплашен свет од ларви, црви и бубалки коишто ги има многу и лазат или се закопуваат уште подлабоко во земјата. Настанува ситуација која на француски би можела да се нарече „sauve qui peut!“ (стампедо).

Замислете го тоа во големи димензии, во населениот свет и во траење од повеќе десетици векови – па ќе ја имате скратената симболична слика на човековата судбина и на човековото општество. Откриени сме и се наоѓаме под млаз од неиздржлива светлина на човековата свест. Резултатите се: тревога, неред, страв и спасување.

*

Кој би можел да поверува дека ужасот може да стане секојдневен живот на еден човек?!

*

Овој свет во кој живее е создаден така што оној кој се плаши веќе е изгубен.

*

Двајца ораат и сеат, а триесет други јадат и трошат. Еден гради, а десетмина гледаат или дури уриваат и разградуваат. Па, како може да се одржи такво општество?

*

Кога набљудуваме некој нов облик во општествениот живот, во уметноста, науката или во индустријата, нам обично најпрвин в очи ни паѓа она што е спротивно од нашите навики, вкусови и сфаќања, она што нè одбива, нè плаши и со коешто не можеме да се согласиме. Дури подоцна ќе можеме да го воочиме она што е разумно и корисно во таа новост и што ја прави оправдана и неизбежна.

*

Во човечката заедница каде што уметноста не си го пронашла своето место и не врши влијание – нешто сигурно не е в ред. Веројатно во таквите општества животот и во останатите гранки заостанува или, пак, напредува во погрешна насока.

*

Ако ги поврземе меѓу себе со права линија различните религиозни и филозофски системи, како и општествените уредувања и големите човечки мисловни и материјални потфати воопшто, ќе забележиме само едно: од самиот почеток на своето постоење, човештвото (или подобро кажано, човекот во него) постојано се ослободува и се спасува, бара подобро, макар и привремено решение или спасоносен излез. Ние јасно го гледаме тој стремеж, но не гледаме никаков излез ниту спасение, ниту вистински излез ниту целосен спас.

*

Зошто балканските земји не можат да влезат во кругот на просветениот свет, дури ни преку своите најдобри и најнапредни претставници? Одговорот не е едноставен. Мислам дека една од причините е отсуството на почит кон човекот, кон неговото целосно достоинство и целосна внатрешна слобода, и тоа – безусловно и доследно почитување. Тоа е нашата голема мана и во тој поглед сите ние често и несвесно грешиме.

Тоа училиште не сме го поминале и таа лекција не сме ја изучиле целосно. Тој недостаток насекаде го носиме со себе како некој источен грев од нашето потекло и како печат на помала вредност што не може да се скрие.

Би требало да се зборува и да се работи на тоа.


Иво Андриќ (1892-1975) е југословенски книжевник со силна имагинација, извонреден познавач на историските прилики, на психолошката анализа и на суштинските проблеми на егзистенцијата. Добитник е на Нобеловата награда за книжевност во 1961 година.

Овие „парчиња“ се земени од неговата книга „Знаци покрај патот“, фасцинантни белешки кои Андриќ ги пишувал во текот на целиот свој живот. Преку нив тој ги изнесува своите размислувања за животот и за уметноста, за луѓето, за љубовта, за културните и општествените појави и случувања.

Слики: Џен Ман

Цар

Цар

ОкоБоли главаВицФото