Последната пловидба на Титаник

09.04.2012 14:40
Последната пловидба на Титаник

10-15 Април 1912 година

Сила: 46.000 коњски сили

Брзина: 24 чвора

Маса на бродот: 46.328 тони

Маса на товарот: 52.310 тони

Должина: 269 метри

Висина: 32 метри

Број на палуби: 11

Број на чамци: 20

Патници: 2.224

Персонал: 892

Број на настрадани лица: 1.514

Во најпознатата поморска несреќа на сите времиња, пред сто години, на 15 април 1912 година, „непотопливиот“ РМС Титаник на дното на Атлантикот со себе одвлече 1.514 патници и членови на екипажот. Меѓутоа, еден век подоцна, бројот на измислени јунаци кои тонат во книгите, филмовите и стриповите за Титаник ги надминуваат за цели 17 личности кои навистина настрадале кога вистинскиот брод потонал на линијата меѓу Саутемптон и Њујорк.

Целиот случај одамна стана архетип, а името на бродот, Титаник, прерасна во синоним за потонување од секаков вид. Всушност, оваа трагедија остави трага на културата и историјата на технолошкиот развој што не може да се спореди речиси со ниту една слична несреќа со сличен обем. И која во колективната свест ги надминува речиси сите поморски инциденти заедно.

Всушност, обичните луѓе денес за таа несреќа знаат подеднакво или дури и повеќе отколку за бомбардирањето на Хирошима или жртвите од битките во Сталинград, случувања кои драматично ја менуваа историјата и каде што бројот на жртвите бил неспоредливо поголем. Бидејќи, очигледно е дека силата на одредена приказна не се мери само според бројот на жртвите и нејзините директни политички последици.

Но, како оваа случка толку се врежа во колективното сеќавање и така силно се издвои од останатите слични што поморски, што од друг вид сообраќајни несреќи? Факт е дека самата приказна за бродот изобилува со бројни примамливи контрасти кои непосредно после трагедијата со недели и месеци ги полнеле насловните страници во тоа време неверојатно влијателните весници во Америка и Англија. И тие понатака биле многу интересни за подлабока уметничка обработка, па така постепено го обликувале и општиот интерес кон овој случај.

Титаник ги има сите елементи на добра приказна, од која речиси сите со тек на време станале општи места. Овој, за свое време, навистина фантастичен брод, прогласен за „непотоплив“, тоне буквално на своето прво патување од Европа до Америка. Капетанот Едвард Смит заминува на дното заедно со бродот за кој верувал дека не може да биде уништен од мраз. Додека бродот тоне во северниот Атлантик, група од осум музичари на палубата свират: „Nearer, My God, to Thee“. Освен една од првите употреби на Морзеовиот позитивен сигнал СОС, кој се користи од 1909 година, случајот веќе во своето време праќа и бројни други пораки, а првично за ароганцијата на индустриските магнати и моќта која за секунда отишла на морското дно после речиси безизлезниот судир со ледениот брег. Пред своето озогласено име, бродот го носел работното име Брод 401. Со подоцнежните ознаки RMS, Royal Mail Ship, бродот Титаник бил еден од оние кои имале договор со Кралската Пошта за пренесување на пошта. Но, тој е, пред сè, луксузен патничк брод. Изграден е во Белфаст меѓу 1909 и 1911 година, во бродоградилиштето „Харланд и Вулф“. Ова бродоградилиште имало договор со компанијата „White Star Line“, инаку во сопственост на магнатот Џ. П. Морган, кој во превезувањето на патници водел трка во тоа време со сè поголемата конкуренција.

Титаник е брод од серијата која претставува зенит во употребата на парните машини во поморскиот транспорт. Со идејата да се зголеми бројот на патници на сметка на брзината која ја понудиле другите компании како своја предност, „White Star Line“ во серијата Олимпик изградил три гигантски бродови, а покрај Титаник во оваа класа спаѓаат и РМС Олимпик и РМС Британик. Овие бродови имаат голема сила, од цели 46.000 коњски сили, пренесувале низ океанот илјада тони и биле придвижени од страна на огромни парни цилиндри.

Меѓу трите бродови од серијата Олимпик, Титаник бил најкомфорен. Всушност, тој бил најлуксузниот брод на својата ера. Со ентериерот намерно потсетувал на познатиот Хотел Риц, а патникот на потпалубата се чувствувал како да се наоѓа на копно. Во опремените кабини и простори биле комбинирани империјалниот стил и останатите декоративни стилови, од ренесанса до викторијанската доба. Патниците, пред сè, тие од првата класа, имале на располагање телефони, библиотеки, сали за гимнастика, терени за сквош, базен, турска бања, а на палубите се наоѓале повеќе отворени кафе барови.
Уште од самиот почеток, приказната за Титаник носи силна социјална компонента. На него, во текот на неговата прва и единствена пловидба, патувале едни од најбогатите луѓе на светот во тоа време. Меѓу останатите, милионерите Џон Јакоб Астор, Бенџамин Гугенхајм и Исидор Штраус. Но, додека на првите од единаесетте палуби на Титаник престојувале најголемите индустриски магнати, во втората и третата класа океанот го преминувале убедливо најсиромашните емигранти од Ирска, Норвешка и останатите делови од Европа, барајќи ја среќата во Њујорк, градот на надежта.

На крајот, после трагедијата и потонувањето, приказната за социјалниот момент ја зачинил и селективниот начин на спасување, кој освен по мотото „прво жените и децата“ е реализиран и по логиката „прво богатите, после сиромашните“, што довело до тоа да настрадаат многу повеќе патници од третата (24 од сто преживеани) отколку од првата класа (62 % од преживеаните).

Титаник испловил од Саутемтон во Англија на 10 април 1912 година, и истиот ден застанал во Шербур во Франција за да собере патници. Ден подоцна, на 11 април, застанал во Ирска, во пристаништето Квинстаун, а потоа запловил на повеќедневно патување кон Халифакс и на крајот кон Њујорк во Америка. Пловејќи по ладниот, но кристално мирен северен Атлантик, поминал пет безгрижни дена на отворениот океан. Но, никогаш не стигнал во Њујорк.

Тоа што потонувањето на Титаник го прави така впечатливо не е само неговата приказна, туку и тоа што тој претставува – симболична завршница на една епоха. Исто како што експлозијата на цепелинот во Хиндербург најави крај на меѓувоената ера, а трагедијата во Чернобил покажа на падот на комунизмот, Титаник, непосредно пред Првата светска војна, го најави новото време.

Самиот брод, според своите карактеристики, големина, сила и опременост бил буквално достигнување на техничкиот врв во индустриската револуција. Истовремено, два века технолошки развој и непоколеблива вера во научниот напредок го довеле светот пред разни предизвици во огромните разлики во општествените класи, села и градови, колонијални и неколонијални сили. Со Големата војна сите овие судири излегуваат на површина, во Русија се случува Октомвриската револуција, економијата се движи по нов тек, а цивилизацијата глобално станува многу поинаква.
Покрај толку големиот број на жртви, бродот Титаник од флотата на патничката компанија „White Star Line“ однесе на дното на Атлантикот и сеќавање на епохата која никогаш нема да се врати. И наивното верување дека едноставниот развој на новите технологии и слободниот пазар сами по себе водат кон подобар свет. Денес, сто години подоцна, остатоците на Титаник мирно лежат на морското дно, во водениот амбис длабок 3.784 метри.

Седумнаесет часови драма

14 април

09:00 часот – Првото од вкупните шест предупредувања кои на Титаник стигнале од страна на други бродови во текот на денот пред несреќата, гласело: „Ледени брегови, санти и ледена кора“. Капетанот на Титаник, Едвард Џон Смир, откако ја примил оваа порака од бродот Каронија, наредил да се промени правецот на движење кон југ.

13:45 часот – Стигнало уште едно предупредување, овојпат од германски брод, кој поминал покрај два ледени брега, но пораката не му е пренесена на капетанот Смит.

19:30 часот – И бродот Калифорнијан пријавил дека се наоѓа во близина на три ледени брега.

21:40 часот – Парабродот Месаба исто така пријавува големи парчиња мраз, но операторот Џек Филипс бил преокупиран со други проблеми и не ја пренел пораката, сметајќи дека не е многу важна.

22:30 часот – Стигнало и последното предупредување, повторно од бродот Калифорнијан, кои поради мразот привремено застанале во текот на ноќта, но операторот Филис немал време ниту да го сослуша и на операторот од Калифорнијан му одговорил: Замолчи! Замолчи! Екипажот на Калифорнијан ја исклучил комуникациската опрема и заминал на спиење.

23:40 часот – Поголемиот дел од патниците веќе спиеле, надвор било ладно, околу нулата, а морето било неверојатно мирно. Тогаш на палубите се чуло: „Леден брег точно пред нас!“, командата наеднаш го променила курсот на движење на бродот, но за маневрирање требало повеќе време, а веќе било предоцна. Избегнат е фронтален удар, но Титаник со својата сила уште еднаш странично налетал на огромен леден брег, а стругањето на ледот од бродот се слушнало за некои седум секунди и ги разбудило заспаните патници. Претходно се верувало дека во тие моменти настанале пукнатини низ бродот со големини околу 90 пати по 3 метри, но со подоцнежните испитување се утврдило дека првата дупка била нешто поголема од површината на еден квадратен метар. Моторите се изгаснале, а водата – околу седум тони во секоја секунда – почнала да навлегува во внатрешноста на бродот.

15 Април

00: 05 часот – Капетанот Смит издал наредба да се подготват чамците за спасување, вкупно на број 20, а на операторите им наредил да пратат повик за помош. Меѓутоа, упатството за локацијата на Титаник е погрешно пратено и помошта тргнала на западната страна на ледениот појас, околу 25 километри оддалечено од вистинската локација на бродот.

00: 15 часот – Бродскиот екипаж почнал од кабина во кабина да ги буди преостанатите патници и да ги упатува на палубата. Им давале појаси за спасување, но поголемиот дел од патниците биле убедени дека станува збор за шега. Некои дури и си играле фудбал со парчиња мраз на палубата.

00: 20 часот – Чамците за спасување се ставени во вода. Во секој од нив можел да застанат најмногу 68 патници, а вкупно 1.178, што е едвај половина од патниците на Титаник. Конструкторите одлучиле да бидат толку малку чамци, не поради цената или недоволниот простор, туку да не им го нарушуваат погледот на патниците.

00:25 часот – Водата брзо продира во внатрешноста на бродот – во овој момент, 45 минути по ударот, веќе има речиси 14.000 тони вода во бродот, а пумпите можеле да исфрлаат само 1.700 тони на час. Томас Ендруз, конструкторот на Титаник го известил капетанот дека бродот почнал да тоне и дека на површината нема да издржи повеќе од два часа.

00:35 часот – Околу 15 до 20 километри од Титаник, друг офицер на Калифорнијан, Херберт Стоун, забележал експлозија на пет СОС ракети на небото. Збунет, го побарал капетанот Стенли Лорд и му пренел сè што видел, а кога овој не реагирал, извикал испаничено: „Брод не фрла ракети во море од ништо.“ Сепак, Калифорнијан останал усидрен и дури утрото тргнал кон Титаник, но веќе немал ниту кому ниту на што да помогне...

00:40 часот – Како што водата влегувала од страните и бродот се полнел асиметрично. Еден час по ударот се закривил за околу 4,5 степени.

01:15 часот – Четвртиот бродски офицер Џозеф Бокшол сè уште не забележувал дека нешто чудно се случува. Капетанот Смит не прогласил општа алармна ситуација, а на бродот не ни постоело ѕвоно за такво нешто, па многумина, вклучувајќи тука и делови од екипажот, не знаеле дека бродот тоне. Дури, се случувало некои збунети членови на екипажот да му се јават на капетанот да му кажат дека виделе чамци за спасување покрај Титаник. Сместувањето во чамците е лошо организирано, бидејќи претходно, уште додека Титаник бил во пристаниште, е направена само една вежба за спасување. Бидејќи никој не знаел колку точно луѓе може да собере во еден чамец, тие тргнувале со многу празни седишта. Сега се знае дека на тие чамци можеле да седнат уште 500 луѓе плус.

01:20 часот – Покрај чамците за спасување се собрани многу луѓе – мажите кои се збогувале од своите жени и децата кои имале предност при спасувањето.

01:40 часот – Бродот кој и понатаму бавно се навалувал кон водата – во овој момент дури до 5 степени – па многумина помислиле дека ќе го дочекаат спасението, односно ќе го избегнат најлошото. Само што е испратен еден од последните апели за помош на Титаник. Упатен е кон рускиот брод Брима и гласел: „Тонеме брзо, патниците се ставени во чамци“.

02:10 часот – Бродот сега почнува нагло да се накривува, за околу десетина степени бидејќи водата забрзано почнала да полни просторија по просторија низ внатрешните отвори на бродот.

02:15 часот – Во Титаник продреле вкупно 36.000 тони морска вода и тој наеднаш потонал во длабочините. Патниците кои стоеле на палубата биле заплискани од џиновски бран и најголемиот дел од нив паднал во море. Снемало струја, Титаник бил во мрак, а морето се смирувало. Преживеаните сведоци подоцна велат дека слушнале експлозија и страшна врева налик на грмотевици и почувствувале огромно поместување на водата.

02:20 часот – Бродот веќе бил навален под агол од 45 степени. Луѓето стоеле во групи и очајнички се обидувале да се придржат еден за друг. Во еден момент, бродот нагло се подигнал – речиси да бил под прав агол во однос на водата. Предниот дел се прекршил се одвоил и наеднаш потонал, а крмата за момент подолго останала во воздух. Двете половини се пронајдени на околу 600 метри една од друга.

Извори: vreme.com, Политикин забавник

ДИКТАТУРАТА НА ДЕЛО! ЕВЕ

ДИКТАТУРАТА НА ДЕЛО! ЕВЕ ЈА!!!

ОкоБоли главаВицФото