Запис со црн чад врз бел чад

10.04.2012 13:14
Запис со црн чад врз бел чад

Една од највпечатливите сцени во филмот „Артист“ е ноќниот кошмар на главниот лик, Жорж Валентино, прочуена ѕвезда на немите филмови. Во кошмарот на Валентино светот одеднаш престанува да биде нем и звукот на секојдневието почнува да продира во актерот како во напукнат брод. Предметите ѕвечкаат, кучето лае, телефонот ѕвони, ветрот завива, се слушаат смеа и џагор. Единствено Валентино нема глас. И тогаш тој се буди. Но звукот не престанува да го измачува.

Македонија под груевизмот живее во сличен кошмар. Понекој од нас можеби и ќе дофати по некој звук, по некое лушпиче боја паднато од некоја фасада, но самите како да сме го загубиле гласот, како да сме немоќни, токму како Жорж Валентино во антологиската сцена од филмот. Во нашиот безбоен и нем свет, велам, овде-онде се чини како да продираат звуци и бои, но големиот утишувач брзо ги впива извиците, навестувањата на бунт, бојата на луѓето. И сè брзо и одново станува немо и сиво. Од воздухот како де се ишмукува третата димензија и сè одново станува фасада. (Под задушливото стаклено ѕвоно на груевизмот општеството ни наликува и на онаа необична човечка менажерија од филмот Total Recаll, која во сличен затворен сад почна да се гуши и да умира, во недостиг од воздух.)

„Како тој можел да преживее во ваква атмосфера?“, се прашува Валтер Бенјамин за Кафка. „Кој знае“, се прашува Бодлер кон средината на 19 век, „дали огрубувањето на нашата природа е единствената препрека која нè спречува да го почитуваме опкружувањето во кое дишеме?“ Можеби Кафка или Бодлер развиле некои специјални вештини на дишење под стакленото ѕвоно? Да не го искусат своето опкружување, за да не го доживеат? Да не го доживеат – за да не умрат од него. Но, сеедно умирале, токму од таквото секојдневие, од немањето воздух.

Современикот на Бенјамин, слично несреќниот полски писател Бруно Шулц, во 1934 година го изложи својот концепт на манекенот. Доаѓа време на ликови без густина и карактер, вистински морални ништожници. Стварноста ќе стане тенка како новинска хартија и во сите пукнатини ќе зрачи со својата имитативност. Доаѓа друга генерација суштества, евтини кукли. Суштества заглавени во мономанијата на духот. Човекот е деградиран на улога на манекен. Маѓепсан е со безвредноста, евтиноста, шупликавоста.

Еден друг современик на Бенјамин и Шулц, теоретичарот на културата Рудолф Арнхајм, уште во триесеттите години на 20 век предвиде дека човечкото суштество ќе ги испомеша сетилно согледаниот свет со мисловно интерпретираниот свет и дека гледањето ќе се претвори во разбирање. Арнхајм напиша дека „телевизијата ќе биде еден од најтешките испити за нашето осознавање. Таа ќе ни го збогати духот, исто онолку колку што ќе го умртви“.

Современите медиуми, носители на политичкото и моделатори на стварноста, се случуваат токму во хаотичниот простор помеѓу гледањето и знаењето, помеѓу гледањето и разбирањето. Во диктатурата се служат со цензура; во демократијата – со манипулација. Ако тоталитаризмот спроведуваше „цензура“, сега ни се случува сензура, одземање на смислата, тортура на „сенсот“.

Како Гебелс да ја навести нашата епоха, со своите политичко-маркетиншки стратегии: „Не зборуваме за да кажеме нешто, туку за да постигнеме одреден учинок“.

Но, можно ли е и бунтот против задушливоста, немоста и сивилото да е само „создавање учинок“? Зарем звуците и боите кои го преплавуваат светот на Жорж Валентино суштински нема да променат ништо?! Или можеби треба својот бунт – како парафраза на немоста на Валентино? – да го впишуваме со невидливо мастило на празна хартија?

Во стариот бесмртен советски виц полицајците фатиле некој човек на улица како дели празни листови хартија како летоци. На прашањето зошто ништо не пишува на нив, човекот одговорил: а што да пишува кога и онака сè е јасно? Но, гестот на човекот е своевиден текст! Моќен текст! Неговото писмо е нешто што подлабоко ја разоткрива умртвената стварност, нешто што внесува звук, боја и нови димензии среде кулисите на заспаното општество.

Затоа и треба да пишуваме, на најразлични начини, со најразлични гестови. Можеби и со немост. Или како што велат кабалистичките мистици: да пишуваме со црн чад врз бел чад.

Фотографиите се од филмот The Artist, 2011

На крај груевизмот ќе биде

На крај груевизмот ќе биде разнесен од експлозијата на едно пердувче. Баш како во сцената од Артист. Така оди тоа со диктатурите. Незадоволството само невидливо се акумилира, за во еден момент да се распрсне.

ќе пратев еден нем коментар

ќе пратев еден нем коментар преку оставање празно поле за коментар, како некој крик на согласување со впечатоците на авторот, но ете, новата технологија не' тера на учинок :)

Никола, чест ни е да ти го

Никола, чест ни е да ти го искажеме нашиот восхит од твоите колумни.
Ти си наша гордост!

поздрав (и потврд),
Македонска геј заедница

Фала! Чест ми е! Секоаш ми

Фала! Чест ми е! Секоаш ми биле блиски малцинствата, од кој било тип. Блиски ми се и фриковските, квир светогледи. Така што, драги браќа, ви благодарам уште еднаш!

Не се ни посомневавме дека ти

Не се ни посомневавме дека ти се далечни нашите светогледи.
Ти си наше срценце, и многу ни е мило што те имаме во нашите редови <3

Ha samo da ne bide mnogu tvrd

Ha samo da ne bide mnogu tvrd :) koj ke ni pisuva kolumni posle

Одличен текст. Мислам дека и

Одличен текст. Мислам дека и Гебелс би ти позавидел на ваква манипулација. Пропаганда на н-та степен. Ги изедначи негативните транзициски појави на информатичките општества и сензурата со Груевизмот. Не ми е јасно само дали Груевски ви изгледа толку голем затоа што вие сте мали или пак човекот стварно е многу добар и е свесен за овие работи. Гледано одстрана поверојатно изгледа она првото.

Текст кој се основа на

Текст кој се основа на парафразирање одминати мислители и поттикнат од кафкаескната атмосфера тежнее кон патетизирање на уметничката душа. Едното влијание е во служба на расказот а не на каузалните и патем научни услови кои ги среќаваме на терен. Мислителите од минатото се вечни но нивната мисла само ја сумира а не ја предизвикува граѓата чија суштина сакаме да биде нагризана. Второто влијание ако сака да ја смени кожата во промената ќе ја следи препоставената метаморфоза на мислата и начините. Ако зборовите се жестоки а само лаат човекот со стапот евентуално ќе дознае до каде може лингурот. Глутницата е социолошко тело што ја гради и одбранува егзистенционалната суштина која ги врзува кучињата. Ако од десетина, две гризат силно и својствено, човекот со стапот има мали шанси да остане доследен на своето. Практичниот поттик не нуди некаков си калауз, туку, реконфигуација на пристапот и односот.

Само чекам Коља да се сними

Само чекам Коља да се сними облечен во униформа како шутира глобус на дување. Да се надеваме дека чичко белоглави поглавица ќе му пушти пари за камера.

ОкоБоли главаВицФото