Сообраќајната полиција апелираше до возачите да не заборават на можноста за поткуп

10.05.2012 09:11
Сообраќајната полиција апелираше до возачите да не заборават на можноста за поткуп

Сообраќајната полиција утрово објави соопштение во кое ги повикува сите возачи во Република Македонија да не заборават на можноста „алтернативна понуда“ кога ќе бидат сопрени од сообраќаен полицаец на оние места на кои нема камери за надзор на сообраќајот.

„Сè повеќе возачи сакаат да ја платат казната за прекршокот што го направиле наместо да платат мито и да поминат неказнето“, изјави за Пара вести Милан Велковски, командир во сообраќајната полиција.

Според него, оваа појава ги збунува сообраќајните власти, бидејќи тие не знаат како да се справат со неа.

„На оние места каде што нема камери за надзор и понатаму постои можноста за договор со сообраќајната полиција, без пишување казна. Цените на митото не се сменети со години и нема причина возачите кои ќе направат сообраќаен прекршок да плаќаат казна. Повеќето сообраќајни полицајци се отворени за преговори во врска со износот на митото“, тврди Велковски.

На пример, сообраќајната полиција која ја контролира брзината на автопатот Скопје-Велес за пречекорена брзина и понатаму „прогледува низ прсти“ за 20 евра. На тој начин возачите до грчката граница можат да поминат со околу 80 евра просечно за мито, а во врнежливите денови, кога полицајците седат во своите возила и не работат, и со само 20 евра. Обично тие ги избегнуваат местата каде што се поставени безбедносни камери, па возачите не би требало да заборават на оваа погодност.

„Апелираме до возачите кои не ги почитуваат сообраќајните закони да не избрзуваат и да ја платат казната веднаш, туку да се обидат да преговараат со службеното лице на должност. На тој начин ќе заштедат пари, а и прекршокот нема да биде заведен во нивното сообраќајно досие, односно возачката дозвола“, порачува Милан Велковски, командир во сообраќајната полиција.