Добредојдовте во пустината на реалното

19.05.2012 14:23
Добредојдовте во пустината на реалното

Мислев нешто околу тоа дека како што човекот има потреба од излети и проветрувања, така и текстовите некогаш треба да бидат за нешто друго, а не за актуелните случувања.

Имено, има многу работи за кои, кога-тогаш, треба да се напишат серија текстови. Работи кои ги нема во актуелноста, но се надвременски актуелни и кои ја објаснуваат реалноста во Македонија. Тоа се, од навидум малите работи како бозата и симит-погачата, па сè до сличноста помеѓу функционирањето на Бит-пазар и државата.

Но, како да се стори тоа кога актуелно се случуваат безвременски примери за нешта кои секогаш сме ги насетувале, но биле тешки за објаснување само со зборови, без да се илустрираат со конкретни примери. Две такви работи беа чувството дека голем број албански политичари во Македонија се обидуваа со дупли говор да се протнат помеѓу дилемата за Македонија и Албанците. И другото е немањето механизам, во ваков актуелен демократски модел, да се дискредитира во тоталност од страна на граѓаните целата сцена која ја чини возможна злоупотребата на државата и институциите од некои претенденти во политиката. И македонски, и албански, и други. На грб и на штета на сите граѓани. Овие две работи навистина бараат труд и да се објаснат и да се разберат, но сето тоа чинам веќе стана полесно откако се случија двата примера од последната недела кои сакав да ги заведам токму поради тоа што се безвременски.

Првиот е „античкиот“ кошаркар, кој поради тоа што играл за грчка екипа јавно се претстави како БЈРМ-овец. Што не е нималку спорно, знаејќи колку уште поревносни домашни патриоти тоа го направиле безброј пати. Од актуелниот премиер, па сè до други. Но, обидот да ја поправи перцепцијата за себеси со веење на државното знаме во соблекувална го прави овој кошаркар безвременски пример и илустрација за дуплиотт говор на некои овдешни албански политичари во обид. Токму како што овие политичари во обид кога зборуваат за албанство во фолклорни собири по нашите планини или кога настапуваат на телевизии во Косово или во Албанија. Но, освен тоа што Господ ни дал памет, уши и очи, Севишниот дал да има и преведувачи и Викиликс, па веќе сè е јасно. Така овој и при веење знаме, сепак, само беше соблечен во соблекувална, а на овие другите им паднал сапунот. Во дилема се дали да го земат или да го остават, а со тоа да бидат во ризик да се лизнат.

Но, повеќе им личи споредбата со играта домино. Така, при дупли говор секогаш им останува дупло-голо во рацете. Ташот дупло-голо е токму омилениот таш кој играчите-аматери на домино сакаат да го задржат до крајот, поради тоа што нема вредност кога ти останува со уште некој друг таш во раце. Но, несреќата на дупло-голо е како несреќата на аматерството кога остануваш соголен од сè друго. Тогаш се брои многу и се прави многу штета.

Тоа важи и за другиот безвременски пример од минатата недела каде симболично се урна целиот контекст кој овозможуваше разни вакви, политичари во обид, преку поделби и заглавување на луѓето едни со други, да продолжат да ја злоупотребуваат државата. Имено, во вториот протест кој се одржа и во други градови во Македонија, група граѓани се собраа и пред седиштето на ДУИ во Мала Речица и на бившиот политички водач, или командант на ОНА, освен сè друго, му скандираа и: УЧК, УЧК!

Тука иако веќе завршуваат зборовите, сè станува јасно. После ова политичкиот моментум на албанската политика во Македонија може да се објасни само со насловот кој е филмска реплика од филмот „Матрикс“: Welcome to the desert of the real! Така и скандирањето „УЧК“ пред седиштето на човекот кој ја создаде и ја водеше таа војска, е најилустративен пример што се случи и што ќе се случи.

Авторот на овие редови не знае ни кој е следниот лидер кај Албанците, ни дали Ким Мехмети ќе формира партија или ќе му ја формираат, но ова што го знаев и го разбрав сакав да се знае и тука и сега.

Извор: дневен Фокус, 17.05.2012

Графити: Faif

Тешко Мехмети да направи нова

Тешко Мехмети да направи нова УЧК.

А тебе ти е жал?

А тебе ти е жал?

ОкоБоли главаВицФото