Депресивни теми во Кан

23.05.2012 10:03
Депресивни теми во Кан

Деновиве германските медиуми се полни со написи за австрискиот режисер Михаел Ханеке (добитник на Златна палма за филмот „Бела лента“) и за неговото најново остварување „Amur“ (Љубов).

Германските новинари и критичари се сложни во оцената дека филмот „Amur“ е грандиозен и несентиментален, дека зборува за неизбежното. Неговиот нов филм се занимава со немилосрдната природа која бара сето она што живее во еден миг мора и да умре. Самрачните слики кои ги притискаат гледачите во Кан можат да се видат и во делата на другите гости на Канскиот филмски фестивал.

„Amur“ е камерен филм во кој на почетокот двата главни лика Жорж (кој го игра Жан Луј Трентињан) и Ана (Емануел Рива), стар брачен пар, последен пат присуствуваат на еден концерт. Тие се имотни, ама не и богати. Живеат во преубава стара куќа, во чии соби можат да се видат траги од живот исполнет со љубов кон музиката и книгите. Сепак, тоа нема да им помогне во она што им претстои.

Ана доживува мозочен удар, и нема помош за неа, па двајцата стaрци се враќаат дома, како животни во својата пештера. Со помош на медицинска сестра, Жорж ѝ помага на својата сопруга, но повеќе не се јавува на телефон и се обидува да ја оневозможи ќерка си Ева (Изабел Ипер) да ја види својата мајка која сè повеќе пропаѓа.

Ханеке во своите филмови раскажува за ужасите во кои запаѓаат луѓето поради лошите позиции во општеството, за стравот кој настанува поради глупоста, ароганцијата или слабоста. Главните ликови во новиот негов филм ги загрозува суровата и немилосрдна природа. Камерата во филмот го збогатува секој кадар и секој, па дури и најкраткиот дијалог го претвора во приказна која тивко ги шокира гледачите.

Глумецот Жан Луј Tрентињан во Кан изјави дека и покрај стотината филмови кои ги снимил го кариерата, ова е првиот филм во кој се гледа себеси со задоволство. Критичарите се согласуваат во оценката дека неговиот лик е сјајна студија со голема јансотија и восхитувачка посветеност. Пофалби доби и неговата партнерка Емануел Рива, која глуми со богата палета нијанси и без сентименталност.

Режисерот Ханеке во Кан изјави дека филмот зборува за фактот дека во еден миг во животот човек мора да прифати оти луѓето од нашето блиско опкружување страдаат и умираат.

Извор: deutsche welle